Изречена казна затвор за уште еден обвинет кој призна вина во случајот „Двојник“

by Fokus

Основниот кривичен суд во Скопје изрече казна затвор од една година и седум месеци на уште еден од вработените во МВР за издавање на пасоши во случајот „Двојник“, кој призна вина на денешното рочиште.

Обвинетиот Шемседин Јашари е петтиот вработен во МВР кој призна вина за делото, откако на минатото рочиште вина признаа четворица негови колеги и еден „поттикнувач”.

Јашари се гони за злоупотреба на службената должност. Случајот го води судијката Оља Ристевска, а застапник на обвинението е Спасенка Андонова.

Обвинителката Андонова рече дека денешното признание на вина од обвинетиот значи потврда на обвинението во поглед на преземените дејствија и смета дека судот при неспорна фактичка состојба треба да ја утврди и кривичната одговорност на обвинетиот и да го прогласи за виновен.

– При санкционирање судот да го земе предвид признанието на вина и оваа околност заедно со околностите на неговите семејни и фамилијарни односи да ги стави во сооднос со отежнителните околности. Предлагам казната, што Судот ќе ја изрече, да биде сублимат на сите овие околности, но истата по вид и висина да биде адекватна за остварување на целите за казнување на генерален план, рече Андонова.

Бранителот на Јашари, порача судот да го има во предвид неговото признание, семејна и материјална состојба, како и другите олеснителни околности кои стојат на негова страна.

– Дејствијата за кои веќе е осуден, се во истиот период со сегашниот акт, што значи дека пресудата која му е во кривичниот рекорд, е за истиот период. Предлагам судот да ги има во предвид и согласно закон да му изрече поблага казна согласно предвидената за ова дело. Олеснителна околност е дека од сите 215 изработени патни исправи, Јашари како креатор на барањето се наоѓа само на девет налози и тоа за обични граѓани, а не на криминалци, како што е во генералниот обвинителен акт. Сметам дека со изрекување на помала казна затвор ќе се постигнат целите на казнување, изјави неговиот бранител.

Поврзани новости