ИЗРАЕЛСКОТО ИСКУСТВО КАКО МОДЕЛ ЗА РАЗВОЈ НА МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВЕНО УРЕДУВАЊЕ

by Fokus

Пишува проф. д-р Синиша Наумоски, директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа во Скопје – Хајделберг Институт

Кога пишувате за земјата во која почнало ново време за верниците христијани и една нова верба во Создателот, тогаш со право би рекол дека не постои поубаво чувство да пишувате за Израел, за личните искуства и научените мудрости, токму во предвечерието на еден од најголемите празнувања за христијаните, а би рекол и за мене. Утре, најголем дел од светската популација го празнува и се радува на „Божик (Christmas)“. Во контекст на тоа, сакам да изразам честитки за големиот празник, до сите читатели на „Фокус“, кои го чествуваат католички „Божик“ (на 25 декември) со надеж дека во новата година светот ќе биде ослободен од стегите на пандемијата со ковид-19, кој предизвика една синхронизирана општествено-економска криза, која истовремено ги погоди речиси сите економии и нации.

Во другите општествени култури и уредувања, како онаа во нашата претходна анализа за Запад, поточно за американското искуство како модел преовладувала свеста за припаѓање, за единство. Но, кога ќе го земам сега еврејското толкување, поточно ако се анализира израелското искуство како модел за развој на македонското општествено уредување, може да се забележи дека повеќето традиционални култури не се согласуваат со тоа дека луѓето немаат ништо заедничко, освен минливите интереси што понекогаш случајно се преплетуваат. Класичните корени на еврејските традиции се концептите за „свеста на планетата“. Овој поим ја дефинира свеста за нашата судбина што ја делиме како човечки суштества, како граѓани на оваа планета. Како што во учењето „Кабала“ се вели, ако сакаме да преживееме, ако сакаме нашите деца и внуци да имаат сигурна и достојна иднина, мораме да ја негуваме свеста на планетата. За да се придвижиме напред, по сè што поминавме како човештво, евреите-кабалисти велат дека мораме да негуваме начин на мислење кој ни овозможува да создадеме обединето човечко семејство и планетарна цивилизација.

Некаде ја сретнав реченицата што вели: „Сè додека луѓето се задоволувале со верувањата, тие не чувствувале потреба од промени.“ И така е. Кога луѓето се задоволувале со верувањата, нив ги интересира само како да го направат безбеден и пријатен својот живот. Во таква ситуација, човекот не се интересира за потеклото на животот, а најмалку го интересира кој или што е креативната сила што ги создава животните закони. Токму тоа, пак, ги интересирало еврејските мудреци уште пред илјади години пред наша ера. Според нив, растечката конфронтација меѓу групите на луѓе укажува на тоа дека процесот, започнат со нивно разделување, се ближи до својот крај. Практично, еврејските учења укажуваат на факти, кои велат дека пред пет илјади години, единствениот народ се распаднал на повеќе нации, поради растот на егоизмот на неговите членови, кој предизвикал раздор меѓу нив. Оттука, во тој правец некако би рекол дека не ни успева како човештво да се помрднеме од мртвата точка, но ако е за утеха, барем денес ние тоа многу појасно го осознаваме. Нека се протолкува и ова мое „Божиќно писание“ како чин на мало осознавање.

Еврејска мудрост – стапицата“ на егоизмот

Почитувани читатели, кога имаме егоистични желби, а сите ги имаме, тие не можат да се остварат во нивната природна форма. Тоа се случува поради тоа што кога задоволуваме некоја желба, ние ја гаснеме, а изгаснувајќи ја, престануваме да се насладуваме.

На пример, да го замислиме нашето омилено јадење. Сега замислувам дека седам на маса во родната куќа (за Божик со семејството) и мојата насмеана мајка ја носи покриената чинија со одлично „ребро во фурна“, ја става пред нас и го крева капакот. Веќе реакцијата ни е позната на сите. Ммм… колку позната арома… Веќе се насладувам. Моето тело – да. Меѓутоа, во моментите кога почнувам со консумацијата на храната, насладувањето се намалува. Би рекол, колку повеќе се насладувам, толку помалку го чувствувам задоволството од јадењето. На крај, наситувајќи се, воопшто не добивам никакво насладување, и престанувам со јадењето. Имено, јас престанав не затоа што сум се најал, туку затоа што кога мојот желудник е наполнет, јадењето повеќе не ми причинува задоволство. Така е и со сè во животот кога сакаме да се насладуваме со материјални нешта или да ги задололуваме желбите.

Практично, тоа е „стапицата“ на егоизмот: ако го добивам тоа што мечтаам или го посакувам, јас веќе не го посакувам. Спласнува енергијата и ентузијазмот. Оттука, бидејќи животот без насладувања за нас е невозможен, ние мораме да продолжиме да изнаоѓаме нови и поголеми насладувања. За таа цел ние развиваме нови желби, кои, исто така, ќе останат неисполнети. Тоа е затворен круг. Всушност, колку повеќе посакуваме, толку попразни се чувствуваме. Празнината пак, го засилува нашето разочарување и го прави егото големо. Бидејќи човештвото се наоѓа на најинтензивното ниво на желбите, какво досега не е забележано во минатото, принудени сме да признаеме дека денес нашето незадоволство е многу поголемо од кога и да е, иако имаме многу повеќе од нашите татковци и дедовци. Токму контрастот меѓу тоа што сега го имаме и нашето растечко незадоволство ја продуцира оваа современа општествена криза. Колку поегоистични стануваме, толку попразни се чувствуваме, и таквата општествена криза се продлабочува.

Државата Израел

Може да се сретне под називот „Светата земја“. Како што сите знаеме од историја во 1947 година, по одлука на ОН, Палестина се дели на арапска и еврејска, така што годината подоцна Еврејскиот национален совет го прогласува формирањето на Државата Израел, како држава на Евреите. Додека, пак, Арапската Палестина никогаш не се основа. Практично, и официјално со тоа почна војната т.н. арапско-израелска (историчарите подобро знаат), а превирања има и ден денес… Овој бурен воен период од околу 70-тина години дава резултат за државата Израел, така што таа конструира една од најсилните армии на свет, како и една од највлијателните воено-разузнавачки служби исто така. Понатаму, како главни индустриски гранки, особено битни и за нашата економија, се сметаат: металургијата, производството на машини, автомобили, авиони, бродови и оружје. Исто така, хемиската, фармацевтската, електронската, прехранбената и индустријата за широка потрошувачка се значително развиени. Многу битен факт вели дека во Израел постојат повеќе од 700 компании за обработка на дијаманти (или тоа е некаде над 50 отсто од светското производство). Импресивен факт ќе се согласите.

Денес, како што се гледа во независниот извештај од монетарците, ако се погледне структурно, во македонската економија охрабрува податокот дека земјоделството и градежништвото се во позитива. Според тоа, може да се каже дека ние како земја со огромни потенцијали во земјоделското стопанство, може и мора да соработуваме, да користиме „know-how“ од земјоделското искуство на Израел, кое обезбедува високи 75 отсто од вкупните потреби за прехрана на домашното население. Ако се знае дека голем дел од територијата на Израел е во пустински предел, со право може да се заклучи дека постојат цели мрежи на водни акумулации и канали, каде што е овозможено одгледување на земјоделски култури. Но, она што за мене претставува најголемо достигнување на еден човеков развој, секако е развојот на моралот на нацијата и духовноста до ниво на беспрекорна либералност во секој поглед, состојба која може силно да се почувстува на територијата на „светата земја“.

Имено, не сум видел друга земја, освен оваа погоре спомената, во која се обединуваат толку многу култури и религии на едно место. Практично, во дијаметар, кој не поголем од стариот дел на Охрид, може да се забележат: муслимански, еврејски, христијански и слични храмови, кои го означуваат нивниот зачеток. Чудесно за многумина и неразбирливо, но тоа функционира успешно. Оттука, ние како мултиетничка, мултикултурна и мултирелигиска држава, во целост треба да ги почитуваме вредностите и темелите на кој Израел е изграден. Впрочем, тие го имаат Ерусалим, а ние го имаме Охрид. Тие се Евреи, кои со висок морал го почитуваат малцинството муслимани, а ние сме мнозинство христијани, кои, исто така, треба со висок морал да го почитуваме нашето малцинство – муслимани. Мултиетничноста, мултикултурноста и мултирелигиозноста се подарок од Универзумот, кој треба да се стави во функција на успехот. Само со такви разлики во општеството, нашата држава може да креира големи вредности, кои на народностите во неа ќе ѝ дадат убав и благороден живот. Засега ни оди во добар правец таквата мала синергија. Во последниве години не можам да кажам дека различноста нè уназадува. Тоа е добра основа за поголем стремеж кон таа синергија во иднина. Да не го заборавиме фактот, кој вели – религиите се само механизам преку кој, Универзумот ги контролира масите. Мистиката е во тоа да се докаже, но како?

Сите ние знаеме дека Евреите се народ, кој помалку или повеќе, небитно, го креира светот со значајна улога на влијание врз целокупната светска политика, на овој или на оној начин. Оттука, ако се има предвид нивното огромно лоби во глобалното дејствување, на пример фамилијата Ротшилд, тука нема сомнежи. Од ова се поставува прашањето:

Во што се состои тајната на Израел?

Еден од одговорите за таа состојба на дејствување се крие во фактот, кој вели дека Евреите се нација која е во континуирана војна речиси од времето на Христос и многу претходно. Оттука, ако нацијата е во континуирана војна, а со тоа дејствува во целосна нестабилност (животна, финансиска, имотна и секаква), единствениот начин што преостанува за неа ќе биде базиран на вложување во знаење, поточно во вложувања во умствен и духовен развој (пред 2000 години, тие го започнуваат силниот развој на занаетчиството). Многу едноставно – ако сте Евреин, наследно е на прво место да вложувате во занаети (знаење) што носат приходи и се неопходни за опстанок на луѓето или т.н. егзистенционални занаети. Имено, каде и да живеат на Земјинава топка, Евреите пребегнувајќи од местото на жариштето (војната), тие со себе ги носат вредностите (знаењата) и занаетите. Логично на ова, каде и да се наоѓаат, во која било држава надвор од Израел, тие секако успеваат на многу побрз и ефективен начин во споредба со сите останати нации кои на вредностите гледааат само врз стекнатите капитални материјални добра, а притоа маргинализирајќи ги вештините и сетот на корисни компетенции содржани во занаетите.

ЗНАЕЊЕТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ УНИШТИ СО НИТУ ЕДЕН ВИД ОРУЖЈЕ. ТОА Е НЕУНИШТЛИВО!

Последно, но не најмалку важно е дека тие ја негуваат една од најсилните врски помеѓу жителите Евреи во државата Израел и сите останати Евреи во дијаспората. Повторувам, еврејската врска со дијаспората е основата на многу успеси на државата. Таа конекција со матицата земја, тоа чувство на патриотизам, современ – да се вложи во државата Изарел, да се биде секогаш тука во Тел Авив, во Ерусалим, да се враќаат парите од надвор, па макар биле и нелегално стекнати, а обединети сите заедно, е поголем патриотизам од сè друго. Ете тоа е тајната на државата Израел. А ние, ние сме сè од ова спротивното. Имено, сите сме тажни, несреќни и си велиме: „ни оди младината, ни одат умовите…“ ДА. Така е. Тоа не може да го спречиме. Тоа е регионален процес, за жал (па и во земји кои се млади членки на ЕУ – Храватска, Бугарија и Романија). Но, како поединци може да го промениме, и тоа драстично, тука дома нашиот пристап во односот кон дијаспората. Ние резидентите, а не тие од дијаспората, мора да покажуваме многу повеќе почит, да покажеме повеќе љубов кон нив (иако нè критикуваат често како предавници, а современ патриот не е предавник). Треба да покажеме дека ни значат и дека ни требаат тука. Поточно, потребно е да покажеме дека немаме проблем со нивните карактерни карактеристики и особености на т.н. традиционален патриотизам (кој претставува нивна емотовна потреба за придобивање и канализација на нова енергија во борбата за успех, таму во туѓина). Легитимен е тој нивен традиционален пристап во емоциите. За таа цел, треба да се пронајдат форми на соработка, или да се направи Секретаријат за дијаспора (како тој за европски прашања, на пример), каде што ќе го води човек со многу високо ниво на ЕИ (емоционална интелегенција), љубов и убедителна моќ.

Сум на мисла, дека е потребно колективна активност, со цел да покажеме дека македонската држава (граѓанска на сите) е столб на доверба и таа знае да покаже покајание (иако не мора) за евентуланите грешки од минатото, кои битно влијаеле во одлуката за заминување на нашите граѓани во дијаспората. Ако вака настапиме, искрено, со љубов кон ДИЈАСПОРАТА, таа ќе се враќа. Таа ќе основа бизниси тука, фабрики, таа ќе ги испраќа своите профити, таа ќе одлучи да биде „пензионер тука“… Да, би додал, ова може да се протолкува како сон или може да се насмевнете во коментарите на оваа колумна, но да не заборавиме дека само луѓето што имаат сон и работат со јасно дефинирани цели ѝ се нужно потребни на македонската држава, а такви сте токму вие кои верувате во ова што го читате. Имено, за сето ова е потребен прв чекор на државата, а тоа е: правда и правен систем.

Би завршил со тезата: ако барем мал дел (еве 10%) од еврејската мудрост го имплементираме во градење на македонскиот општествено-економски систем, ние ќе имаме многу повеќе работници што ќе ја изразуваат личната иницијатива како поединци и подоцна за остварување на целите ќе се групираат, во состојба на алтуризам (читај: спротивна состојба од егоизам) како групи со синергија, а потоа како групи поради сигурност и заштита на корпорациите, со капиталот што самите ќе го создаваат ќе ја унапредат вештината – продажба (sales). Со таа техника ќе се создадат „современите воини“ на македонската економија, кои ќе војуваат на теренот за раст на БДП преку механизмите на извозот. За тоа, секако, ќе треба колективно изобилие од позитивни мисли во сетот од мисли на македонската нација.

 

 

Поврзани новости