Израел со остра реакција по изјавата на Ердоган дека Хамас не е терористичка организација

by Fokus

Израел денеска реагираше на тврдењето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека палестинската милитантна група Хамас „не е терористичка организација“.

„Израел со цело срце ги отфрла острите зборови на турскиот претседател за терористичката организација Хамас“, напиша на социјалните мрежи портпаролот на Министерството за надворешни работи Лиор Хајат, додавајќи: „Дури и обидот на турскиот претседател да ја одбрани терористичката организација и неговите поттикнувачки зборови нема да ги променат ужасите што ги виде целиот свет“.

Обраќајќи им се претходно на група пратеници од неговата партија, Ердоган рече дека Израел „може да го гледа Хамас како терористичка организација заедно со Западот.

„Западот ви должи многу. Но Турција не ви должи ништо. Хамас не е терористичка организација, тој е ослободителна група, Муџахедини, кои ги бранат своите земји“.

Тој го повика Израел „да ги послуша повиците за мир“ и рече дека „мора да ги запре нападите врз Газа“, велејќи дека акцијата на Израел во Газа е еден од „најкрвавите, најодвратните и најварварските напади во историјата“.

Ердоган објави и дека го откажал планираното патување во Израел: „Премиерот Бенјамин Нетанјаху ја злоупотреби нашата добра волја“.

Вицепремиерот на Италија, исто така, ги осуди зборовите на Ердоган, сугерирајќи дека Министерството за надворешни работи на Италија треба да го повика турскиот амбасадор во Рим за да му врачи протестна нота.

Поврзани новости