Измамници собирале пари со натпис „За децата со посебни потреби“

by fokus

Родители на деца со посебни потреби реагираат дека на улиците се забележани лажни хуманитарци. Зоран Мијалков од НВО „Сплотени срца“-Штип вели дека над 40 невладини организации се здружени и бараат од надлежните институции да реагираат.

Тој истакна дека на улиците, не само во Штип, туку и во останатите градови во земјава, се појавуваат кутии со натпис „За децата со посебни потреби“. Мијалков додава дека лажните хуманитарци на нехуман и на нелегален начин собираат пари со што, како што рече, прават грабеж над хуманите граѓани. Никој не знае каде одат собраните пари од овие кутии, кои ги поставуваат лажните хуманитарци.

– Ние, родителите и здруженијата, не сме известени за поставување на ваквите кутии. Ниту, пак, имаме увид во тие собрани пари. Фактички, парите кои на драго срце нашите граѓани ги донираат и мислат дека се донирани за нашите деца, не завршуваат кај децата -вели Мијалков.

Тој истакна дека проблемов со лажните хуманитарци се провлекува речиси половина година. Затоа и преку медиумите реагираат со цел да се спречи оваа негативна појава.

Родителите на децата со посебни потреби најавуваат дека ќе направат и акција против лажните хуманитарци, а сите собрани докази ќе ги достават до полицијата

Поврзани новости