Излезе колекција на најголемите хитови на Леб и сол: Ќе стане ли точката на култниот бенд запирка?

by Fokus

Најголемата дискографска куќа во регионот – „Кроација рекордс“ од Загреб со гордост ја претстави „Колекција на најголемите хитови на Леб и сол“, култниот македонски состав на сите времиња. По „Ултимативната колекција“ од 2008-ма година, исто така во издание на „Кроација рекордс“, и претходно „Антологија“ од 1995-та година, која ја потпиша „Трето уво“, ова е првата официјална компилација (во оваа декада во 21-от век), на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Гарабет Тавитјан и Драгољуб Ѓуричиќ, која го опфаќа целокупниот дискографски период на бендот.

Куриозитет, во однос на веќе споменативе компилативни изданија со најголемите хитови, е што, овој пат целиот период на дискографското делување на „Леб и сол“, во доменот на студиски албуми (1978-1989) е ставен на еден компакт-диск, со вкупно 18 песни. При тоа, не ги сметаме официјални, а делумни, и неофицијални, бутлег изданија, во нешто со што би можело да го споредуваме ова це-де, кое, повторно, кога е во прашање „Леб и сол“, ги обединува нивните два каталога – оној на ПГП РТБ, од 1978. до 1981., и оној на „Југотон“ од 1983. до 1989 година.

За старите фанови на „Леб и сол“ ова е брзо чекорење по нивната дискографија, а за „некои нови клинци“ – основа, камен темелник, од каде треба да се почне. Нешто како „Леб и сол за почетници“. Првиот буквар, првата музичка читанка… -Ова прекрасно издание, кое на насловната страница од обвивката го има култниот омот „Као какао“, најпознат и најкомерцијален албум од целиот дискографски опус на „Леб и сол“, го уреди Домогој Шиљег, а ликовно го уреди Иво Т. Монтина. Меѓу почетната „Као какао“ и последната, 18-та „ Čuvam noć od budnih“, верoјатно нивната најпопуларна тема, ако за репер се земат прегледи на ЈуТјуб мрежата, на актуелната “Greatest Hits Collection“ се внимателно одбрани инструментални и вокални теми на „Леб и сол“: „Абер дојде, Донке“, „Калабалак“, „Таласна дужина“, „Мамурни људи“, „Кумова слама“, „Скопје“, „Контакт је скуп“, „Нисам твој“, „Бистра вода“, „Деветка“, „Путујемо, „Кокошка“, „Тако близу“, „Жива рана“, „Јовано, Јованке“ и „Чукни во дрво“.

Феноменално потсетување на златното време на македонската дискографија, од периодот на Југославија, кога на „Леб и сол“ му се восхитуваа сите „од Вардар до Триглав“. За разлика од сега, кога повторно му се восхитуваат сите, со тоа што тој простор по ново го нарекуваме „Регион“. „Колекција на најголемите хитови на Леб и сол“ за сега претставува точка на една неверојатна кариера, која многу лесно би можела да биде и запирка, доколку легендите повторно одлучат да ни се вратат! – информираат од ,,Кроација рекордс”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости