Изгубена година

by fokus 17:35
17:35

Доаѓа уште еден празник кој ќе нè затвори по домовите сами без роднините и пријателите, без чувство за радост и восхит за раѓање на една нова година, но со надеж, барем кај мене, дека оваа стара 2020 ќе си замине засекогаш со сето она што го донесе и дека ќе ја заборавиме брзо, како никогаш и да не постоела

Звонко ДАВИДОВИЌ

- Advertisements -

Времето минува, старееме и полека си одиме. Најпрвин го изгубивме четвртиот за покер, па третиот за преферанс, па вториот за домино и табланет. Останавме сами и сега отвараме пасијанс за да видиме што ќе биде со нас – Душко Радовиќ

Оваа година изгубивме многу различни и драгоцени нешта, изгубивме многу пријатели и роднини, се изгуби другарството и другарувањето, ја изгубивме блискоста и срдечноста, ја изгубивме насмевката и сјајот во очите, изгубивме време кое никогаш нема да можеме да го вратиме.

И не по наша вина моравме да го смениме начинот на живот и однесувањето кон семејството , кон блиските, кон општеството и светот не дека дотогашниот начин на живот и однос беше најдобар и за пофалба ама беше нешто на што сме навикнати. Во првите мигови од започнувањето на пандемијата, а тоа е единствена работа која ни се случи оваа година и како домино ефект ги предизвика и другите работи и промени, бевме и исплашени, но и воодушевени од регенерирањето на природата, која како да го отфрли човекот и човештвото како нужно зло.

САМО ГЛУПОСТА Е БЕСКРАЈНА

Но како изминуваше времето така стануваше се појасно дека природата со ова што ни се случува нема никаква врска, туку дека она на што се должи сегашната ситуација е производ, единствено и само, на човечката глупост. Не рекол Ајнштајн попусто дека само вселената и човечката глупост се бескрајни, но дека за вселената не е сигурен.

Во првите денови сите бевме збунети и затечени од ситуацијата, а најмногу оние кои требаше да ја контролираат и менаџираат кризата. Недостасуваа маски, а таму каде што ги имаше, цените скокнаа до небо. Недостасуваа средства за дезинфекција и ракавици и беа потребни неколку месеци да се нормализира снабдувањето со овие основни заштитни средства. Прес-конференциите на министерот за здравство беа редовна секојдневна појава со низа совети, препораки и мерки кои не се почитуваа, а санкционирање за истите немаше, или скоро да немаше.

Се воведе вонредна состојба за прв пат во нашата држава и немањето на искуство и прецизни законски решенија за вакви ситуации го зедоа својот данок. Бевме затварани и по пет дена и повторно кој ги почитуваше уредбите со законска сила ги почитуваше , а кој не, против него немаше никакви санкции. Државата и почитувањето и важењето на прописите повторно се делеше на оваа страна на Вардар и од онаа друга страна. Дури еден од верските лидери изјави дека короната е “умрена“, иако секојдневните бројки тоа го негираа.

А, тогаш требаше да се распишат изброи, па по еден куп импровизации, законски вратоломии и лакрдии, што е одлика на сите власти, изминатите децении во Македонија, бројките на заболените, како со волшебно стапче почнаа да се намалуваат. Пандемија не пандемија, изборите и фотелјите со сите привилегии и моќта се, сепак, побитни од се, па истите се спроведоа како да е нормална ситуација во државата со се плукачките и недостоинствени, а би рекол и „петпарачки“ кампањи.

ИЗГУБИВМЕ МНОГУ  ДРАГОЦЕНИ РАБОТИ

Веднаш по изброите, бројките повторно почнаа да растат и станаа скоро четирицифрени и се виде сета немоќ и лажниот сјај и квалитет на нашето здравство. Тука не мислам на докторите и сестрите, кои макотрпно работеа и се изложуваа на опасноста и ризикот, туку пред се на популистичките политиканти, кои некој ги нарекуваат министри. Наеднаш престанаа прес конференциите, престана истражувањето и формирањето на кластери, едноставно ситуацијата комплетно излезе од контрола.

Заради таа некадарност и безидејност на функционерите од јавното здравство ,еден добар дел од лабараториите и приватните клиники енормно се збогати на мака и стравот на народот. Секојдневно во медиумите излегуваа баснословни суми кои се платени за лекување од Ковид во приватните здравствени установи.

Не е тајна дека дојдовме во ситуација во која најблиските од семејството, кои се во секојдневен допир со член на семејство заболен од Корона, не добиваат покана за тестирање на Ковид  ако немаат симптоми, ниту решение за изолација, туку е оставено на нивната добра волја и совест дали ќе бидат во изолација, или ќе излезат од дома. Ваквите информации и самиот ги имав, но истите ги добив и од десетина луѓе, меѓу кои и новинари ,кои се соочиле со истата ситуација.

Економската ситуација со мерките „отвори-затвори-не знам што да правам“ воопшто не е розова и истата како тргнало ќе станува се полоша и полоша. Мерките за субвенционирање, вработување на националности и други безидејни идеи само овозможија да се појават нови видови и начини на малверзации со државни пари, затоа што системот на контрола ниту функционира, ниту има шанси наскоро да профункционира.

Оваа година изгубивме многу различни и драгоцени нешта, изгубивме многу човечки животи, изгубивме време кое никогаш нема да можеме да го вратиме, изгубивме мир и спокој, а некои добија многу на сето она што ние го игубивме. Ги изгубивме славите и светците, имендените и родендените, раѓањата и достоинството на умирањата, изгубивме слобода и желба за движење, желба за другарување и слободно дишење. Најдобриот пријател ни стана маската над која се гледаат само тажните очи и празниот поглед и четири ѕида на нашиот стан и тишина во душите.

Доаѓа уште еден празник кој ќе не затвори по домовите сами без роднините и пријателите без чувство за радост и восхит за раѓање на една нова година, но со надеж, барем кај мене, дека оваа стара 2020 ќе си замине засекогаш со сето она што го донесе и дека ќе ја заборавиме брзо, како никогаш и да не постоела.На сите во Новата Година Ви посакувам од се срце да останете  негативни.

Поврзани новости