402
Големиот пожар што синоќа избувна кај велешката населба Дурутовец, кој брзо се ширеше кон селото Чолошево и претставуваше опасност по куќите и викендичките, е изгаснат со интервенција од ТППЕ Велес со две возила-цистерни со вода и 13 пожарникари.
Од ТППЕ Велес за МИА информираат дека пожарникарите успеале да спасат од опожарување четири викенд-куќички, а во пожарот изгореле околу 20 хектари со дрвца, сува трева и трње.
Неколку часа по полноќ, во Велес се вратиле и шестте пожарникари со едно возило-цистерна со вода, а потоа заминале на помош на пожарникарите и населението во опожарениот реон на Кумановско.