Изборни инциденти: Тепачка, агитирање, лажно претставување

by fokus

Денеска попладне во СВР Тетово било пријавено дека бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу две лица во дворот на основното училиште „Лирија“ во гостиварското село Рачане, каде било сместено избирачкото место број 528.

Како што соопшти МВР, во 11.55 часот во СВР Скопје, Д.З. пријавил дека во основно училиште во Добри Дол, општина Сопиште, О.Ц. и С.Н. позади училиштето агитирале и вршеле притисок врз гласачите.

Понатаму, Љ.Ј. пријавила дека на избирачко место основното училиште „Гоце Делчев“, Љ.А. стои на гласачкото место и врши притисок врз гласачите.

Од полицијата додаваат дека член на избирачкиот одбор од гласачко место бр.0883 во село Теранци, општина Чешиново-Облешево, пријавил дека на гласачко место дошол Г.К. и со лажни документи се претставувал дека е претставник од Државната изборна комисија.

Во 12.05 часот во ОВР Кавадарци, претседател на избирачки одбор на избирачко место 0661 во основното училиште „Киро Спанџов“ во Кавадарци пријавил дека едно лице со телефон ја снимало просторијата каде се врши гласање.

Според полициското соопштение, М.П. пријавил дека во близина на избирачки места на ул.„Панче Пешев“, на градскиот плоштад во Куманово и на ул.„Тоде Мендол“, имало отворен штаб на политичка партија со залепени плакати на кандидат за градоначалник.

Сепак, од МВР велат дека се бележи намалување на бројот на инциденти во споредба со претходните избори во 2020 година.

Поврзани новости