Изборите ја засенија новогодишната атмосфера

by fokus

Ако минатата година се бараше билет повеќе за дестинации како Париз, Милано, Виена и останати светски метрополи, за организиран дочек на новогодишните празници преку нашите туристички агенции, оваа година интересот значително опаднал. Поголемиот број граѓани, кои сепак се решиле да ги поминат празниците надвор од земјава, најчесто уплаќале ангажмани во соседните региони, и тоа за цени кои што се поскромни и прифатливи за нивниот стандард.

Од туристичката агенција Супер Травел велат дека ја нема предновогодишната атмосфера од минатите години, и повеќето нивни клиенти ги одбрале поранешните југословенски републики за дочек на Новата година.

,,Имаме сосема друга приказна од лани. Минатата година, уште на почетокот на декември имаше огромен интерес за патувања во Милано, Париз, па и подалеку. Годинава, се уплаќаат ангажмани за Белград, Сараево, но и соседна Грција, Паралиа и Лутраки, конкретно и Банско Бугарија. Цените се движат од околу 3.000 денари, па нагоре, и ретки се оние кои што покажуваат интерес за празничните понуди чии што цени се движат околу 500 евра. Ја немаме еуфоријата од порано, се бара само нешто поскромно. И со колегите од остантите туристички агенции зборевме за проблемот и за значително намалениот интерес за подалечни и полуксузни дестинации, со кој сите се соочуваат годинава’’ , велат од агенцијата.

За оние кои што ќе ја поминат најлудата ноќ во Македонија, рестораните и кафулињата нудат дочек со цени од 1.000 денари, па нагоре. На пример, во внатрешноста, во ресторан или пицерија, може да ја дочекате Новата година за околу 1.500 денари, со мени во кое што е вклучена салата, ордевер, вечера, десерт и една пијачка, а најчесто за гостите има и забава со жива музика.

Сепак, сопственици на ресторани со кои што разговаравме, велат дека интересот од лани е значително намален, и во повеќето објекти сеуште има слободно место.

Оние групи на граѓани, кои што имаат традиција да ја дочекаат Новата година на плоштад, годинава исто така се уште се во неизвеснот, затоа што повеќето општини се уште немаат официјално соопштено дали ќе има забава и кој ќе настапува. Досега, официјално, само Општина Охрид потврди дека на плоштад ќе им пее фолк ѕвездата Елена Велевска.

,,Изборите ја засенија празничната атмосфера’’ – се најчестите коментари во јавноста овој период и ретки се оние кои веќе потврдиле каде ќе слават. Ниту политичарите не се расположени да коментираат каде ќе ја поминат најлудата ноќ. Сите избегнуваат да зборат на темава и најчесто одговараат – ,,Каде сега најдовте да прашувате за Нова година?’’.

Вики Клинчарова

Поврзани новости