Ивон Величковски: Попоски нека си го оградува партиското седиште, а не границата

by Фокус

– Го определивте ли и новинарот што ќе сопнува бегалци со деца во рацете? – праша претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски, по вчерашната изјава на министерот за надворешни работи на РМ, Никола Попоски и констатира дека тоа што македонскиот министер за надворешни работи дава изјава за унгарски медиум не значи дека треба да го прифати Орбановиот стил на решавање на прашањето на бегалската криза.

Затоа, прашањето до министерот и Владата е кога започнале да ја разгледуваат ваквата опција, по чие овластување и по чија иницијатива? Прашањето се однесува и до сите Пржински коалициони партнери – дали и кога и тие се согласиле со ваквата евентуална мерка? Ако не, тие се должни уште денес истото да го негираат и спречат – без оглед што им е потребно да ја дефокусираат јавноста од аферата „Маѓар Телеком“.

Основно прашање денес е како Македонија може да помогне и како да се вклопи во европските напори и мерки за надминување на бегалската криза, а не како да постави жичена ограда на македонско-грчката граница. Додека во Германија вчера беа соединети семејства на бегалците, сликата за Македонија ја „комплетираше“ употребата на сила над бегалците во калта на меѓуграничниот простор. Тоа ли е „хуманото“ лице на Македонија?

Либералната партија прва го поздрави дополнителното распоредување на безбедносните сили на јужната граница, но оградувањето на границата е бесмислица. Затоа, министерот Попоски може да размислува за поставување жичена ограда околу седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а не на македонско-грчката граница – изјави претседателот Величковски по синоќешната седница на Извршниот комитет на ЛП.

Поврзани новости