Ивица Јанев: Свесно се инфицирав со Ковид-19 за да покажам дека здравиот живот е посилен од вирусот!

by fokus

Во ек на светска пандемија, кога човештвото бара начини да се заштити од корона вирусот, познатиот нутриционист, фитнес и бодибилдинг тренер и балкански шампион во бодибилдинг, Ивица Јанев (34), за „Фокус“ открива дека самиот, свесно се инифицирал со Ковид-19.

Неверојатната приказна за ова искуство, но и причините позади кои се крие оваа одлука која едноставно ве остава во неверување, Јанев кој долг период живеел и работел во Чикаго, САД, и се образувал во областа на нутриционизмот и личниот тренинг на НАСАМ и ИССА, светски познати и признати универзитети, ја сподели со нашите читатели.

Персоналниот фитнес тренер и нутриционист вели дека привремено престојува во Македонија. Тој има долга листа на клиенти со кои работи онлајн и своето знаење го пренесува на луѓе кои се стремат да го променат својот начин на живот, со цел да стекнат здрави навики, вели дека на оваа одлука, свесно да се зарази со вирусот и претходела низа на анализи, а од клучна важност бил неговиот силен имунитет и солидната психо-физичка состојба.

-Моето мото е инвестирај во своето тело, а најважните три работи се вода, воздух и здрава храна. Бидејќи професионално се занимавам со нутриционизам и со персонални тренинзи и зад себе имам стотици успешни трансформации на задоволни клиенти, разбирливо е дека водам здрав живот. Активно се занимавам со спорт од мојата 16-та година, имам јак имунитет, дневно правам по два тренинга, имам јак капацитет на белите дробови, трчам без да се заморам по десет километри дневно, не пијам, не пушам… Од почетокот на пандемијата, се случи над 30 од моите клиенти, со кои работам онлајн, да се инфицираат со вирусот. На почетокот на летото се инфицираа и родителите на мојата сопруга, многу мои пријатели го минаа истиот пат. Како што минува времето, со ова темпо со кое се шири ковидот, јасно ми е дека најверојатно, нема никој да биде одминат, дека кога – тогаш, сите ќе се инфицираме.

Затоа, со цел да го почувствувам тоа на мојата кожа, да го доживеам искуството за кое физички сметав дека сум комплетно подготвен, за да знам што точно се случува кога ќе се инфицираш, и потоа од сопствено искуство да можам да им помогнам и на моите клиенти, свесно се заразив со корона вирус – раскажува шампионот во бодибилдинг.

Вели дека во септември му се јавил негов пријател, кој му кажал дека направил ковид тест и резултатот бил позитивен. Пријателот имал покачена температура еден ден, потоа симптомите се повлекле. Ивица му рекол дека ќе отиде кај него, и покрај тоа што е инифициран и во изолација.

-Пријателот ме праша како не се плашам, му одговорив дека доволно си го познавам своето тело и немам причина за страв. Отидов кај него, имавме тренинг кој траеше околу два часа, во затворена просторија, дури и пиев вода од неговото шише. Свесно го направив тоа, потоа се вратив дома, веднаш до станот во кој живееме имаме помошни простории, односно уште еден стан, се изолирав таму, бидејќи не сакав никого да изложам на ризик. Беше вторник кога се случи тоа, потоа си продолжив со секојдневните активности, со работата онлајн, со редовните тренинзи во домашни услови.

По четири дена, се јави првиот симптом. Бев омалаксан, го имав она чувство како пред настинување. Веќе наредниот ден, ми се јави покачена температура, над 39 степени, немав главоболка, јадев, го имав чувството за вкус, додека го изгубив чувството за мирис.

Имав поткашлување кое доаѓаше од грло, пиев парацетемол, фервекс, еден килограм лимони дневно, многу течности, витамини, зеленчук…

Третиот ден од појавата на првите симптоми правев кардио, околу 40 минути на степер, сфатив дека ми оди потешко, со речиси за половина намален капацитет. По пет дена од појавата на симптомите, јас направив кардио со нормален интензитет, малаксаноста беше 90 проценти изгубена, се враќав во нормала – појаснува Јанев.

Вели дека по 13 дена му се вратило чувството за мирис, а симптомите на вирусот ги имал во рок од една недела. Сепак, и покрај тоа што по една недела веќе се чувствувал добро, останал во изолација во рок од дваесет дена, со цел да не изложи некого на ризик.

На прашањето дали се тестирал, вели дека добро го познавал своето тело, и веднаш му било јасно според симптомите дека се работи за Ковид-19, па затоа и не се тестирал.

-Само непотребно губење на време ќе беше тоа, па закажување, чекање термин… Професионално се занимавам со нутриционизам и спорт, знам добро што ми се случуваше со телото. И она кое што ми се потврди во случајов, е тоа дека со здрав спортски живот можеме да се избориме со вирусот. Јас со години наназад секо утро правам детокс на организамот, со лимон и сода или јаболков оцет. Приготвувам пијалок за хидратација, максимално внимавам на здравата исхрана, на одржувањето добра кондиција.
Имам пријатели кои се витки луѓе, но ако си слаб, не значи дека и имунитетот ти е јак. Не може да се пијат кафиња, да се пушат цигари, да се кратат калории со цел да се одржи витка линија, да не се спортува и да очекуваш дека си здрав. Потребна е соодветна исхрана за здрав имунитет, а со здрав имунитет не е тешко да се избориме со овој вирус. Значи без спорт, без здрава исхрана, не може да очекуваме долг живот. Многумина кои немаат хронични болести, а водат нездрав живот, ни самите не се свесни дека имаат слаб имунитет, па поради тоа и може лошо да поминат со вирусот, не е се до немањето на хронични болести, туку и до тоа колку сме вложиле во своето тело.

Моите клиенти кои се бореа, а некои од нив и сега се борат со вирусот, ги следат моите насоки. Она кое го сфатив како многу важен момент е намалувањето на стресот, на стравот кој доаѓа со самото тоа кога ќе им биде соопштено дека се позитивни. Кога си под стрес, разбирливо е да се намали имунитетот, затоа најпрвин ги смирувам клиентите, а потоа одиме со програмата за здрав начин на исхрана. Досега, сите поминаа со лесни симптоми, кои беа присутни во рок од пет-шест дена – вели Јанев.

Потенцира дека е многу важно луѓето постојано да се грижат за своето здравје, а не дури откако болеста ќе им затропа на врата. Според него, првите 40 години од животот човекот вложува во своето тело, а потоа, наредните години му се враќа она кое го вложил.

-Со моите клиенти имаме различни ситуации, значи се бара помош за намалување на килажа, нормализирање на шеќер, холестерол… Веќе по првиот месец започнуваат промените, а резултатите најчесто се видливи по три месеци. Мојата порака по ова искуство е луѓето да инвестираат во себе, во своето здравје, вода, воздух, здрава исхрана, тоа е клучот на долговечноста, на јакиот имунитет. Да ги промениме лошите животни навики, ако сакаме полесно да се избориме со вирусот, и никогаш не е прекасно да се сврти нов лист и да се започне со здрав начин на исхрана и спортување – порача Јанев.

Вики Клинчарова

https://icebbf.com/?fbclid=IwAR0JnDMtFN-1wct8rGrHQJuRBng4hFHr0SgXeiw4B4HMz3wy_nYm7l934CI

Поврзани новости