Ивановска: Околу 20 проценти од претставките се за правосудството

by Fokus

Околу 20 проценти од претставките кои ги добива Државната комисија за спречување на корупцијата од граѓаните се однесуваат на правосудството, нагласи претседателка на ДКСК Билјана Ивановска.

На отворањето на јавната дебата „Истражување и анализа на состојбите со корупцијата во правосудството“ во организација на ДКСК, Ивановска, порача дека потврда за ова се и резултатите од овогодинешното истражување на Балкански Барометар 2021 спроведено од Регионалниот совет за соработка каде е утврдено дека 81,1 процент од граѓаните сметаат дека судството е најкорумпирано.

– Ако е за утеха, овој процент е малку помал од претходната година. Истражувањето спроведено од Меѓународниот републикански институт – ИРИ во периодот март-април 2021 година, исто така забележа загрижувачки состојби во оваа област, што беше причина за организирање на оваа дебата, изјави Ивановска.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, во воведното обраќање рече дека одговорноста за градење на еден одржлив систем за борба против корупцијата е одговорност на сите нас и дека е добро што ДКСК денес ги обедини оние кои треба да бидат чувари на правната држава, владеењето на правото и демократијата, односно сите чинители на правосудниот систем од кои се очекува испорака на правда.

– За состојбата во правосудството која што ја затекнавме и наследивме, повеќе од нужно беше да се реагира со длабоки реформи и системски промени. Тоа и го направивме. Со донесените стратешки документи, како Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси – 2021-2025 година во делот посветен на Правосудството, ставивме печат за почеток на унапредување на судскиот систем и негово функционирање. Во изминатиот период, донесени се реформски закони во насока на јакнење на независноста на судството и јавното обвинителство и јакнење на механизмите за превенција и борба против корупцијата. Од 2019 година имаме јасни односно подобрени правила на однесување за судиите и јавните обвинители. Како министерство, инициравме и голем број активности за спроведување на препораките на ГРЕКО, што беше соодветно препознаено и при последната оценка во нивниот Извештај.
Со донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, од 2019 година, генерално зајакната е правната рамка за спречување на корупцијата и судирот на интереси за сите категории на службени лица, вклучувајќи ги и судиите и јавните обвинители, изјави Маричиќ.

Имплементацијата на овие мерки, нагласи тој, е тоа што треба да се обезбеди тие да профукционираат во пракса и законите да важат за сите подеднакво.

– Не можеме да имаме силна правна држава ако законите не важат за сите подеднакво. Тие што направиле корупција без разлика дали се работи за политичари, судии или било кој, мора да одговараат. Обиди за заобиколување на правдата и правниот систем не смееме да дозволиме. Токму затоа ја поддржавме новата методлогија за проверка на работата во судството, рече Маричиќ.

Дополнително, посочи Маричиќ со Планот за борба против корупцијата и Агендата Европа дома, Владата предвидува екипирање и дигитализација во јавното обвинителство, електронска размена на податоци меѓу институциите за поефикасно спроведување на истраги и подобрена координација.

Заменичка директорка на програмата на Меѓународниот републикански институт – ИРИ за Македонија Илина Мангова, посочи дека судството го следат во послендите пет-шест години и тоа континуирано се наоѓа на дното на довербата.

– Само 23 проценти од граѓаните изразиле дека имаат доверба во правосудството, наспроти 76 проценти кои рекле дека немаат. Тоа значи дека три спрема еден од луѓето во Македонија што имаат недоверба во судството. Ова е континуирана состојба и растот е минимален, кој беше по потпишувањето на Договорот од Преспа и зголемените очекувања на граѓаните, изјави Мангова.

Последните години, посочи таа, како единствено позитивно нешто што според нас може да се забележи, е едно изедначување во недовербата и меѓу етничките Македоцни и етничките Албанци.

Секторот правосудство е издвоен и како посебен со многу висок ризик од корупцијата во Националата стратегија за борба против корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 на ДКСК.

Како приоритетни проблеми во секторот, во стратегијата се посочуваат: недоволно ефикасен систем за јакнење на интегритетот во судството и јавното обвинителство, недоволни материјални и кадровски ресурси, отсуство на автоматизиран систем за распределба и следење на предметите во јавното обвинителство и недоволна транспарентност во работата на Советот на јавните обвинители и недоволна ефикасност и транспарентност во работата на Државното правобранителство.

Заклучните согледувања од дебатата ќе бидат доставени до надлежните институции.

Поврзани новости