Ивановска: Обвинителството ја истражува поврзаноста на Рашковски со фирмата, а ние оправданоста на набавката

by Фокус

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, на „360 степени“, во врска со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци од страна на Генералниот секретаријат во времето кога генсек беше Драги Рашковски, вели дека треба да се утврди потребата од таа набавка и дали поминала низ интерните контролни механизми.

-Јавното обвинителство ја насочува истрагата повеќе кон криминалното и поврзаноста со фирмата. Ние немаме алатки за да го истражуваме тоа. Но, она што останува во однос на процедурата, почитувањето на интерните контроли и утврдување на потребата, тоа ќе биде дел и од предметот што ние го отворивме и ќе се позанимаваме малку со овој дел. Со цел да се подобрува системот и да се даваат препораки за контроли – рече Ивановска.

Таа направи и споредба меѓу набавката на Генералниот секретаријат за софтверот за сообраќајни прекршоци и набавка за клими кои ги побаралата токму институцијата што таа ја води.

-Еве за споредба ќе кажам дека Генералниот секретаријат за нас ги купи климите за сервер-салата во 2019 година. Меѓутоа, да проверите има дузина преписки за таа набавка на климите. Од тоа која е нашата потреба од нив, зошто немаме пари, дека претходно немаше комисија па немало ниту план и така натаму. Нас ни излезе во пресрет тогаш Генералниот секретаријат, но има повеќе обраќања од наша страна за тоа да се направи. И тие клими не беа во употреба, се знае и зошто не беа во употреба, затоа што зградата не функционираше, па сега ќе се пренесат во новата зграда. Така што се треба да има свој тек – рече Ивановска.

Поврзани новости