Иванова: Под целосна морална и кривична одговорност тврдам дека Дончев и Кичеец многу добро се познаваат

by fokus

Поседуваме докази кои експлицитно укажуваат дека Ден Дончев и Венко Филипче се обиделе да попречат странска инвестиција да влезе во Македонија со тоа што давале лажни изјави и го манипулирале инвеститорот, вели во интервју за „Република“ сопственичката на фирмата „Диамед“, Вера Иванова, која е под истрага во Обвинителство за спорните концесии доделени за центрите за дијализи.

-Точно е тоа што го кажа Ден Дончев на прес-конференцијата дека државата не спречувала влез на странски капитал, меѓутоа не кажа дека тој лично со помош на Венко Филипче приватно за своја корист, а користејќи ги своите позиции, ја злоупотребиле државата и спречувале координирано влез на странски капитал во државата – вели Иванова.

Таа тврди дека директорот на Фондот за здравствено осигурување на прес конференцијата одржана неодамна искажал многу невистини и лаги.

-Ден Дончев искажа многу небулози на пресот. Меѓу другото и самиот го призна делото за кое го обвинувам. Сега се обидува да манипулира и кажува дека не им кажал на инвеститорите дека се води истрага во време кога немало истрага, туку дека ги предупредил дека ќе се води истрага. И да е така, а не е така, самото по себе нема никаква суштинска разлика. Јас не знам како поинаку изгледа бркање странски инвеститор. Што требало друго да направи? Требало да ги истепа или пиштол да им извади за да ги избрка?! Врз база на доказите обвинителството нека оцени дали ја злоупотребиле функцијата и ме оштетиле мене, но и Буџетот на Република Македонија – вели Иванова.

Во врска со кумот на Груевски од првиот брак, Ристо Новачевски, кој според Дончев е скриениот сопственик на „Диамед“, Иванова тврди дека тој работел како директор за развој неколку години во фирмата и дека е професионалец во својата работа. Со Груевски, кој исто така се споменува како краен сопственик, вели се сретнала само еднаш во животот во 2010 година. Иванова убедува дека компаниите се целосно во нејзина сопственост.

На прашање дали има информација околу евентуално познанство меѓу Дончев и второосмничениот во предметот „Рекет“, Зоран Милевски Кичеец, таа вели:

-Под целосна морална и кривична одговорност тврдам дека лично многу добро се познаваат и се гледаат, контактираат. Зошто Дончев изјави како што изјави, нека објаснува на некое друго место – додава таа.

Поврзани новости