Иванов упати тешки зборови од Мечкин Камен: Со договорот правно се укинува македонскиот народ

by fokus

Републиката е на народот, од него извира сувереноста и во него се слева, Република Македонија не е приватна сопственост за некој да тргува со неа, со нејзините атрибути и вредности. Република Македонија не е личен имот за некој да ја распродава, не е ничија земја па секој да ја присвојува. Му припаѓа на народот што ја создал, порача претседателот, Ѓорге Иванов, во своето обраќање на Мечин камен од Крушево.

Тој упати тешки зборови против Владата, Договорот го нарече штетен, а политичарите кои го потпишале заслепени од рефлекторите. Неговиот говор беше пропратен со скандирања на неговото име.

-Ниту една генерација не може да тврди дека со неа започнува се, нацијата република се создавани од многу генерации. Јас сум само гласот на народот, вашите барања се мои барања, вашите одлуки се мои одлуки – порача Иванов.

Тој потсети на клучните датуми од 1903, 1944 година и рече дека во минатото сме ги губеле нашите републики затоа што биле заобиколувани гласовите на оние што го застапувале, како што рече, македонскиот народ.

-Во 1998 година една претходна влада донесе одлука да го признае Тајван и покрај спротивставувањето на претседателот. Во ституација во која сите механизми на системот беа ставени на страна, Глигоров потсети дека законите се напишани да се почитуваат, но наместо да биде послушан, беше игнорирран и заобиколен, онака како што 20 години подоцна оваа влада се обидува да ме заобиколи мене – рече Иванов на што доби аплауз од присутните.

-Ако тајванскиот договор беше резултат на среброљубие, грчкиот договор е резултат на славољубие. Заслепени од рефлекторите, на некои наши политичари како личната слава да им е помила од достоинството и судбиата на цел еден народ. Со грчкиот договор се редефинира самата наша држава. Се збори за владеење на правото, а се врши правно насилство. Насилството нема на што да се потпре освен на лага – рече тој.

Според Иванов лага е дека со договорот ќе се менува само името. Напротив, рече тој, ќе се менува македонската државност и идентитет.

-Лага е дека не се погазува 74 годишното право на самоопределување, напротив со овој договор се брише државниот континуитет на македонскиот народ да има своја држава, се брише 27 годишната историја. Лага е дека се гарантира членството во НАТО и ЕУ. Без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство. Со прифаќањето на ваквиот договор само ја сечеме гранката на која седиме затоа што некој не уверува дека ќе ни израснат крилја. Се деградираат нашите стекнати права во Обединетита Нации. Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност од Република Грција. Грција стекнува право да се меша во општото добро на нашата држава – рече Иванов.

Лага е, додаде тој, дека се јакне македонскиот идентитет. Според него правно се укинува македонскиот народ.

-Се обидувале да ни накалемат туѓ идентитет, но не успееле. Нашето постоење зависи од самите нас. Сега не убедуваат самите себе да се укинеме. Го убедуваат македонскиот народ да изврши правно самоубиство. Без македонскиот народ општото добро ќе биде сведено на ничие добро, секој ќе може да го разграбува, македонската Република станува ничија земја без македонскиот народ. По цена на нашиот идентитет ни е ветен просперитет – посочи тој.

Вината за ваквата состојба, рече, не можеме да ја бараме во јужните сосед европските партнери, туку меѓу нас.

-Најголемите национални катастрофи на Македонија и се случувале тогаш кога е заобиколувана општата волја, кога се напушта националниот консензус. Се завршувало со национална катастрофа секогаш кога преовладувале личните партиски интереси. „Големо ни е името, ќе посакаат да ни го земат“, предупреди Блаже Конески.  Дали со штетниот грчки договор самите доброволно им го даваме името? Никој нема право да тргува со името. Затоа не го прифаќам грчкиот договор кој е на штета на македонскито национален идентитет. Нема да ме поколебаат разните обиди за притисоци, останувам доследен на мојот принципиелен став. ЕУ и НАТО не смеат да биде алиби за штетен договор – порача тој.

 

Поврзани новости