Иванов телефонски се слушнал со Меркел

by Фокус

Шефот на државата, Ѓорге Иванов денеска оствари телефонски разговор со Канцеларот на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел, информираа преку соопштение од кабинетот на претседателот.

 – Двајцата соговорници разменија мислења околу последните случувања и состојби со мигрантската и бегалската криза по одлуката за затворање на Балканскиот коридор. Претседателот Иванов ја информираше германската канцеларка за инцидентот што се случи на 14 март, 2016 година на јужната гранична линија и обидот за влез на неконтролиран број мигранти и странски државјани на територијата на Република Македонија – се наведува во соопштението.

Од Кабинетот информираат дека двајцата соговорници го осудиле инцидентот, при што канцеларката Меркел изразила поддршка на борбата против илегална миграција и се согласила дека мигрантите и бегалците мора да го напуштат импровизираниот камп во Идомени.

– Во тој контекст, Меркел истакна дека мора да престанат обидите за илегално минување на  границата, како и поттикнувањето на илегалната миграција. Претседателот Иванов ја информираше канцеларката Меркел дека македонските безбедносни сили спроведоа навремена, успешна и одговорна реакција без употреба на сила и побара итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Македонија – се наведува понатаму во соопштението.

Според Иванов, Македонија и понатаму ќе ги презема сите мерки и активности за да превенира евентуални повторни обиди за илегален влез.

– Со цел успешно справување со заканите од илегална миграција, претседателот Иванов го реафирмираше барањето за поголема политичка поддршка од ЕУ, за поголема логистичка помош од Европската комисија, како и барањето на опрема за заштита на границата и за регистрација на мигранти. Воедно, македонскиот претседател ја истакна потребата од зголемување на заедничката соработка меѓу разузнавачките служби за заканите и ризиците, преку дозволен пристап на земјите кои се дел од транзитниот коридор до збирките на податоци на телата на Унијата – се наведува во соопштението.

Поврзани новости