Иванов: Соседите прво да си ги решат своите проблеми, па да зборуваат за Македонија

by fokus

Отворањето на стари рани може да ја загрози стабилноста на Балканот, порача претседателот Ѓорѓе Иванов на приемот на членовите на дипломатскиот кор во Струга, повикувајќи ги ЕУ и НАТО повеќе да се посветат на овдешните случувања.

– Ние на Балканот го чувствуваме отсуството на Европската Унија и на НАТО, што може да ја загрози стабилноста на Балканот. Во последниов период слушаме реторика и гледаме постапки кои по многу нешта потсетуваат на периодот што мислевме дека е далеку зад нас – периодот на распадот на една заедничка поранешна држава. Долго време не ги коментирав изјавите и постапките на некои политичари од соседството затоа што верував дека само со игнорирање можат да се изолираат – рече Иванов.

Затоа, во оваа прилика тој им порача на балканските лидери да се посветат на сопствените внатрешни предизвици, а не да се занимаваат со Македонија.

– Наместо енергијата да ја трошат занимавајќи се со слабостите на другите држави, некои лидери од соседството е подобро најпрво да се свртат кон слабостите на сопствените држави. Граѓаните ги избрале за да ги решаваат нивните, а не проблемите и предизвиците на другите држави, порача Иванов.

Тој додаде дека Македонија била подготвена да им помогне на соседите на тој план, со како што рече, нејзините позитивни искуства и научени лекции.

Поврзани новости