Иванов прогласен за почесен доктор на науки во Азербејџан

by Фокус

На претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, вчера во Баку му е доделено признанието Почесен доктор на науки на Академијата за јавна администрација на Азербејџан, највисоката образовна и научна институција за образување на кадри и раководители во државната и јавната администрација, соопшти кабинетот на македонскиот претседател.

Иванов таму одржал предавање за Балканот, Кавказот и Блискиот Исток, предизвиците со кои овие региони се соочуваат, и нивните односи со Европската унија.

Посочувајќи на македонскиот модел на почитување на различноста како пример, претседателот Иванов преку приказ на историскиот развој на државата како концепт, се до денешницата, го објасни концептот на „интеграција без асимилација“.

Почесниот докторат за претседателот Иванов на Академијата за јавна администрација на Азербејџан е дел од низата признанија што македонскиот претседател ги има добиено од бројни високообразовни институции во светот.

Претседателот Иванов претходно е прогласен за Почесен професор на Московскиот универзитет „Ломоносов“ и на „Југозападниот универзитет за финансии и економија“ во Ченгду, НР Кина, а почесни докторати има добиено на Истанбулскиот Универзитет, на Универзитетот „Хаџи Бекташи Вели“ во Невшехир, на ТОББ Универзитетот за економија и технологија во Анкара, Република Турција, на Христијанскиот универзитет „Димитрие Кантемир“ во Букурешт, Романија и е прогласен за член во Светската академија на науките и уметностите и за Почесен протектор на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург, Република Австрија.

Поврзани новости