Иванов: Нема да легализирам политички дивоградби, Македонци, чувајте го вековниот идеал на непокорот

by fokus

Денеска за прв пат на увид ми беше доставен постигнатиот договор меѓу Заев и Ципрас. на средбата со премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров им кажав дека ова е нивен личен договор, нивна лична одлука и нивна одговорност, рече претседателот Ѓорге Иванов на денешното обраќање пред јавноста.

-Овој личен договор е напуштање на досегашните позици, а кои беа потврдени на досегашните лидерски средби, дека нема да има менување на името за севкупна употреба. Ваквиот штетен договор кој е единствен во човештвото е неприфатлив и недостоинствен. Со него се рушат државните институции. Нема да легализирам политички дивоградби. Целиот процес се одвиваше нетранспарентно. Текстот на договорот е поразителен за РМ. Со него не се предвидува само промена на уставното име, туку промена на преамбулата. Дали е тоа патриотизам, дали е патриотизам биршење на членот за заштита на малцинствата? Дали е достоинствено да се прифатат сите грчки барања, нема гаранции за македонската страна, се отвараат повеќе проблеми отколку што се затвараат, рече Иванов.

Тој вели, Грција ги исполнила своите максималистички барања и сега преку договорот сака да го направи на Македонците во Македонија истото што го направила на Макдонците во Грција.

-Го повикувам македонскиот народ да не се плаши. Чувајте го, негувајте го нашиот вековен идеал на непокорот. Нема да ме поколебаат со притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам ваков штетен договор, рече Иванов, кој како и секогаш, не одговори на новинарски прашања.

Според него, преку договорот, Грција добила се, а Македонија ништо.

-Се погазува заветот на нашите предци, оние кои со чисто срце го создаваа вековниот стремеж на нашата една и единствена Македонија. Се брише историјата за независна Македонија. Им се ускратува правото на неродените да бидат Македонци. ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор. Ваквиот договор го поларизира наместо да го обединува општеството, истакна Иванов.

Поврзани новости