Иванов не е мој претседател и никогаш нема да биде!

by lali

Се убедував дека не треба да трошам зборови, дека се во врска со ситуацијата во Македонија е кажано, дека зборовите веќе не допираат до никого, дека нема нови правци, туку едноставно треба дејствување и поддршка за тоа. Но, не можам да молчам, не посебно кога го гледам Иванов како се расфрла со зборови, тези, манипулации, лаги и сценарија што ме вадат од такт. Сето тоа ми ја вреѓа интелигенцијата, ми прави да се чувствувам револтирано и како резултат на тоа, повторно да пишувам зборови што често ги кажувам и пак да ги повторувам. Иванов не е мој претседател и неговите одлуки не се она кое јас гласав, јас го прифаќам и јас ќе се помирам. Иванов за мене е најголем виновник за проширувањето и долготраењето на оваа наша државна криза. Иванов ја копа провалијата за Македонија!

Таков човек без никаков личен интегритет, без должност на морал, објективност и праведност, полн со фрустрација, инат и нечовечност, ја држи и продолжува да ја влече Македонија во амбисот. Преставете си, овој човек утре треба да биде запишан во историјата на Македонија дека некогаш бил претседател на нашата држава. Самата помисла е срамна дека тоа еден ден ќе се случува. Дека сме живееле во време на таков претседател. Неговите дела и потези ќе сведочат на загрозување и стопирање на иднината на државата и животот на граѓаните што се уште живеат во неа и го заслужуваат.

И го читам, гледам и се обидувам да ја тумачам целата неговата нелогичност. Не верувам дека разбира или дека се обидува да сфати што прави со кочењето на целиот демократски процес, фарбајќи го со некакви си приказни за платфроми и други сценарија. Порано си мислев дека не е информиран, дека не се замара со политика, дури мислев дека и го лажат, а во крајна цел и дека му се закануваат или дека е продолжена рака на власта. Ама не бре. Тој го живее тоа што го зборува, тој навистина го мисли тоа што го збори. И сето тоа го преставува од позиција на претседател на Македонија.

Во цела таа несреќа што не зафати со неговите одлуки, среќа е што неговиот мандат ќе заврши, Македонија ќе опстане, ние ќе продолжиме да живееме и да се бориме за подобро утре, а тој, тој наместо да го памтиме како клуч што ќе ја отвори вратата за иднината во Македонија, ние ќе го памтиме како привезок на клучот од катанецот на истата.

Поврзани новости