Иванов на средба со претседателот на Арапската Република Египет

by Fokus

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, во Каиро остварил средба со претседателот на Арапската Република Египет, Абдел Фатах Ал–Сиси.

Односите меѓу Република Македонија и Арапската Република Египет се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и почитување, беше заедничка констатација на денешната средба на двајцата претседатели.

На средбата биле разменети информации за изворот на закани од регионалните конфликти на Блискиот Исток и Северна Африка и последиците со кои се соочуваат државите во непосредното опкружување.

Двајцата претседатели разговарале за воспоставената соработка меѓу разузнавањето и безбедносните служби на двете држави со потреба од градење на заеднички капацитети за одговор во борбата против тероризмот, намалување на ризиците од илегалната миграција, електронското војување и сајбер одбраната.

Во тој контекст, претседателите се согласиле и за отпочнување на меѓуармиска соработка за размена на искуства и трансфер на знаење во меѓународни мировни мисии, користење на логистички капацитети и едукација на кадар за примена на напредни технологии.

Македонскиот претседател изразил благодарност до египетскиот претседател за поддршката и помошта којашто Македонија ја добива од Египет во областа на разузнавањето, истакнувајќи дека Египет како земја лидер и гарант на стабилноста во регионот на Северна Африка е важен пријател и партнер на Македонија, и дека тоа пријателство и партнерство ќе продолжи и во иднина.

Двајцата претседатели разговарале и за унапредување на правната рамка на двете држави, економско – трговската размена, и соработката во областа на културата и на туризмот.

Поврзани новости