Иванов ќе го бојкотира референдумот: На 30 септември нема да излезам да гласам

by Fokus

-Два пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, порачал претседателот Ѓорге Иванов пред Обединетата Македонска Дијаспора во Детроит, соопштија од неговиот Кабинет.

Претседателот Иванов навел дека согласно член 7, став 3 од Законот за референдум, никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум. Секој граѓанин, рекол Иванов, има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.

– Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам. Кога ја преземав функцијата Претседател на Република Македонија, положив свечена изјава дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Не отстапувам од таа моја заклетва. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам – истакнал Иванов.

Поврзани новости