Иванов ја разгорува кризата: Нема да дадам мандат за влада со платформа на туѓа држава

by fokus 18:00
18:00

Ниту Уставот, ниту совеста не ми дозволува да го дадам мандатот, а со тоа да ја загрозам унитарноста, независноста и безбедноста на државата со постизборна платформа донесена во туѓа држава, рече претседателот Ѓорге Иванов во своето петнаесетминутно обраќање попладнево.

„Никој нема право со платформа на туѓа држава да ја загрозува безбедноста на Македонија. Тоа може да има катастрофални последици за државата.Туѓи платформи нема да бидат основа за формирање на влада, затоа што ние немаме резервна држава. Се додека јас сум претседател, нема да дадам мандат на човек кој има платформа за рушење на суверенитетот и територијалниот интегритет. Никој со тоа не смее да тргува. Од тоа не мислам да отстапам“, додаде Иванов.

Иванов наведе дека имало и формална-правна пречка за доделување на мандатот, односно дека не биле запазени роковите од десет дена, но дека пресудна за неговата одлука била постизборната платформа.

„Платформата е постизборен документ изработен и потпишан во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Содржината на платформата е надвор и од Уставот и од Охридскиот рамковен договор. Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Со оваа платформа, Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, сувереност и независност се загрозени“, рече Иванов.

Тој додаде дека меѓународната заедница треба да ја осуди платформата на туѓа држава, која значи негирање на суверенитетот и територијалниот интегритет на  Македонија, но дека досега не го сторила тоа.

„Многу добро се сеќаваме дека меѓународната заедница излегуваше со такви ставови во случајот со други држави од регионот. За жал, во случајот со Македонија такво јавно осудување немаше. Ваквиот гласен молк ни потврди дека иднината на Македонија сега зависи само од нас, нејзините граѓани и нејзините институции“, додаде претседателот. 

Мојата порака е јасна, рече Иванов. Штом се воздржа од осудување на платформата што ја загрозува сувереноста и унитарноста на државата Република Македонија, сега меѓународната заедница треба исто така да се воздржи и од наметнување решенија кои би биле во спротивност со државните интереси на Република Македонија, рече во своето обраќање Иванов.

 

Поврзани новости