Иванов ја отвори неговата Школа за лидери: Она што беше научна фантастика сега стана фантастична наука

by fokus

Четириесет млади од Македонија, Кина, Азербејџан, Швајцарија, Канада, Шпанија… учествуваат на годинашната Школа на млади лидери во Струга, која според претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во изминатите девет години стана препознатлив бренд. На младите им порача да гледаат далеку, бистро и фокусирано.

– Во овие девет години станавме препознатлив бренд. Сите овие години создаваме иднина за младите, но и млади за иднината. Секоја генерација учеше од претходната, а учевме и ние од нив и затоа секоја генерација ја иновиравме и дававме теми што ги преокупираат младите, нагласи Иванов.

Годинава нагласи тој, ќе се говори за лидерство во сите сфери од секојдневниот живот кои се менуваат толку брзо што не можеме да ги следиме индивидуално.

– Посветени сме се што се случува на глобално ниво да го пренесеме на младите кои имаат желба и потреба од знаење. Вие сте дојдени тука да учите и да се усовршувате. Знаењата многу брзо застаруваат, но мудроста е вечна, оние што учат од мудрите ќе знаат секогаш да се снајдат што и да се случи, рече Иванов.

Брзите промени, како што рече, влијаат на нашето знаење и оти науката е дел од нашето секојдневие.

–  Живееме во време она што некогаш беше научна фантастика сега стана фантастична наука. Науката влезе во сите сфери. Технологиите и новите знаења се шират и секој може да дојде до нив. Оние што ги предизвикале овие промени добиле искуства кои може да се применуваат во лидерството, истакна претседателот.

Новите технологии, забележа дека доведоа до нови брзини, а со тоа до раст и развој на науките. Универзитетите треба да ги менуваат и своите програми и да се прилагодуваат на овој свет што доаѓа. Развојот на технологиите, иновациите и вештините оди многу брзо, но како што нагласи, етиката останува.

– Етиката е она што ги прави луѓето различни од роботите и вештачката интелегенција.  Вештачката интелегенција ќе може се, но етиката е нешто што не е достигната да ја сфати. Етиката не е односот кон самиот себе, туку односот кон другите, подвлече Иванов.

Поранешниот претседател на Латвија Валдис Затлерс на учесниците на Школата за млади лидери порача дека лидерството се заснова врз знаење, искуство, мудрост и креативност. – Сите млади луѓе, според него, во нашето современо општество мора да бидат подготвени да станат кога ќе паднат и да ги надминат неуспесите.

Според него, најважна е креативноста. Таа, како што нагласи е од суштинска важност за еден лидер.

Поврзани новости