Иванов ги даруваше претседателите од регионот со македонски ајвар

by fokus

По завршувањето на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо Бриони во петокот вечерта, во хотелот Парк, претседателот Иванов беше домаќин на вечерата за претседателите и нивните делегации. На вечерата присуствуваа претседателите на Хрватска, Колинда Грабар Ќитаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Илир Мета, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Од кабинетот на претседателот информираат дека за високите гости било подготвено врвно мени со традиционални македонски специјалитети. За пријатната атмосфера на вечерата се погрижи етно бендот Баклава којшто на гостите им приреди пријатно изненадување со изведбата на песната „Ој, девојче, девојче“ на сите јазици на земјите учесници на состанокот на лидери од процесот Брдо Бриони, одржан во Скопје.

Во знак на внимание, а согласно протоколот, претседателите добиле и подароци од домаќинот, македонскиот претседател: палета на гурмански производи од македонското поднебје, меѓу кои и македонски ајвар, колекција на чаеви, македонски мед, македонски вина брендирани со имињата на претседателите, а меѓу подароците се најде и англиската едиција на книгата „Душата на Македонија“.

Поврзани новости