Иванов: ЕУ да ѝ помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени

by Фокус

–  Грчкото Министерство за надворешни работи наместо да праќа демарши требаше да не извести за сето она што се случува со денови во кампот Идомени, од страна на таканаречени волонтери т.е. лица кои го организираа ова делејќи летоци напишани на арапски јазик и вршејќи подготовки за насилно влегување на наша територија, изјави претседателот Ѓорге Иванов во интервјуто за грчката телевизија Мега, коментирајќи ги вчерашните реакции на грчките власти на инцидентот на македoнско- грчката граница во неделата.

Тој исто така побара од ЕУ да ѝ помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени.

– Македонските институции го преземаа тоа што требаше да се преземе од грчките институции за да се спречи влегувањето на мигранти на наша територија. Така што ја повикувам ЕУ да ѝ помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени од каде доаѓаат  во последно време сите илегални обиди за поминување на наша територија  и долж коридорот кој е затворен со одлука на Брисел. Сѐ дури постои таа одлука, ние ќе ја почитуваме и нема да дозволиме илегален премин на наша територија. Не доликува на земја која е членка на ЕУ и НАТО, земја која учествувала во носењето на оваа одлука за затворање на коридорот, да не ја почитува таа одлука и да дозволува да се загрозува територијата на нејзина соседна држава со илегално минување на мигранти, рече Иванов.

Иванов потенцираше и дека од грчката страна немало никакво предупредување за можноста за инцидент кај Идомени.

– Воопшто не постоеше никаква координација нити пак информирање за сето она што се случуваше во кампот Идомени. Доколку ги имавме ние информациите можеше да се превенира и да се превземат активности да не дојде до овој инцидент. Слична е состојбата и со другите институции кои не ги разменуваат информациите кои се неопходни за да се спроведе одлуката која е донесена во Брисел  на Европскиот совет, за затворање на Балканскиот коридор, изјави претседателот Иванов.

Иванов смета дека бегалската криза била можност односите меѓу Македонија и Грција да бидат на многу повисоко ниво, бидејќи тоа е заеднички предизвик за двете држави.

– Но, таа можност од грчка страна беше испуштена, иако сѐ уште постои време. Таканаречените мерки за градење доверба се градат на конкретни активности и настани, а не само на бирократски мерки и активности кои се најавуваат, вели претседателот Иванов за Мега ТВ.

Поврзани новости