Ице не дочека да се пресели во Швајцарија, неговата смрт е загуба за цела естрада, вели менаџерот Сековски

by fokus

Веста за смртта на познатиот саксофонист Ице Атанасовски доцна синоќа ја потресе јавноста. Музичарот починал од последици на корона вирус, на свои 42 години, оставајќи ги зад себе малолетниот син и сопругата Гордана.

На социјалните мрежи естрадата се простува во неверување со битолчанецот, кој 20 години беше дел од групата ,,Модус”, а потоа речиси и да немаше пејач кому не му бил придружба на настапи и на турнеји надвор од земјава.

Естрадниот менаџер Хари Сековски, кој со децении живее и работи во Швајцарија, а со кого Ице соработувал над 25 години, во телефонски разговор за ,,Фокус” вели дека не може да се совземе од лошата вест, бидеќи биле многу блиски и имале големи планови.

-Голем удар е ова за цела естрада, не само во Македонија, туку и во регионот. Редовно соработувавме со Ице, сите балкански ѕвезди го бараа да ги придружува за време на турнејите во Швајцарија. Како брат ми беше… Ќе остане запаметен не само како одличен музичар, туку пред се и како голем човек, многу го почитуваа соработниците. Со него секогаш сме имале разбирачка, беше од тие луѓе кои си ја сакаат работата, во состојба беше и да свири дури без хонорар, уживаше да направи убава атмосфера на настапите, тоа му беше најважно – раскажува менаџерот.

Вели дека се слушнале телефонски веднаш по новата година, кога Ице му кажал дека е позитивен на вирусот. Поради тоа што се работи за млад човек, здрав, енергичен, Хари бил сигурен дека ќе се излекува. Но, по неколку недели започнале да доаѓаат лошите вести, дека сепак Ице не е во добра состојба и здравјето му се влошило, па бил хоспитализиран.

-Не можев да претпоставам дека вака ќе се заврши неговиот живот, на само 42 години… Се договаравме да дојдат со сопругата Гордана и синот овде, во Швајцарија, размислуваше да се преселат засекогаш. Бев сигурен дека тоа ќе се случи, чекавме малку да се подобри состојбата со пандемијата, бидејќи и овде локалите не работат повеќе од шест месеци и се е запрено.
За него барем беше лесно, со својот музички талент и искуство, немаше да остане без работа во Швајцарија, беше докажано име на сцената помеѓу сите пејачи чии концерти ги организирав. Тој беше дел од 50 концерти во моја организација, верувавме дека светот ќе се врати во нормала, дека ќе продолжиме да функционираме како во минатото… Ковидот го прекина во чекор, за жал – вели Сековски.

Додава дека кога на почетокот на пандемијата слушнал дека од последици на корона вирус починал музичарот и водител Драган Вучиќ, со кого имал соработка и му бил добар пријател, многу се вознемирил. Но, како минувало времето, а вирусот не се смирувал, тој се почесто слушал лоши вести и изгубил повеќе драги луѓе, кои се инфицирале.

-Пандемијата ми однесе повеќе блиски луѓе. Кој можеше да претпостави дека вакво нешто ќе му се случува на човештвото? Овде, во Швајцарија имам локал кој со месеци не работи, замреа и концертите… Ова е време кога најважно е да преживееме, бидејќи гледаме како преку ноќ ни заминаа млади луѓе. Како за семејството и пријателите на Ице, така и за цела балканска естрада, ова е огромна загуба – изјави естрадниот менаџер.

Вики Клинчарова

Поврзани новости