Италија може да ја добие првата жена премиер како предводничка на крајнодесничарска влада од Мусолини

by Fokus

Денешните парламентарни избори во Италија би можеле да испишат историја со тоа што земјата ќе ја добие првата жена на премиерската функција, како предводничка на првата крајнодесничарска влада од Бенито Мусолини и Втората светска војна.

Националистичката партија Браќа на Италија (ФДИ) на Џорџа Мелони освои едвај четири отсто гласови во 2018, а се предвидува дека сега за неа ќе гласаат околу 25% избирачи, со што десничарската коалиција ќе има сигурно парламентарно мнозинство. Во овој блок уште се Лига на Матео Салвини и Напред Италија на Силвио Берлускони, кој најавува голем политички камбек на 85 години.

Постои идеја во Италија дека сме пробале со сите, па ајде сега да пробаме со неа“, вели аналитичарот Волфганго Пиколи.

Четириесет и петгодишната римјанка ветува запирање на имиграцијата и намалување на даноците, а нејзиниот углед во опозициските редови порасна откако одби да се придружи на коалицијата на бившиот премиер Марио Драги и жестоко ги критикуваше болните владини мерки против ковид-19.

Мелони е одличен комуникатор, но ја чекаат значителни економски ограничувања и нема големо искуство, така што нема да има долг меден месец“, додава Пиколи.

Демократската партија предупредува дека победата на Мелони може да биде опасна поради неофашистичките корени на ФДИ и блиските врски со Виктор Орбан.

Мелони го омаловажува своето крајнодесничарско минато, но го присвои стариот слоган на фашистите „Бог, татковина и семејство“, тврдејќи дека Браќа на Италија е мејнстрим сила налик на британската Конзервативна партија. Таа ја поддржува Украина во војната со Русија, но зборува против ЛГБТ лобито и повика на поморска блокада на Либија за да се запре имиграцијата.

Поврзани новости