Истрагата открива: Ем незаконски добиле државно земјиште, ем субвенции за да го обработуваат

by fokus

Државни службеници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се осомничени дека незаконски делеле државно земјоделско земјиште, а осомничените кои го добиле правото да го обработуваат потоа за истото добивале и државна помош, дознава „Фокус“. Извори од истрагата велат дека денеска биле уапсени шест лица за кои е покрената кривична пријава, а тројца се недостапни на органите на прогонот бидејќи се надвор од земјата. Неофицијално, станува збор за турски државјани.

Како што соопштија од Јавното обвинитество вкупно 24 лица се под истрага за злоупотреба на службената положба во врска со распределба на субвенции и договори за закуп на земјоделско земјиште.

Истрагата покажала дека раководителите во Министерството, кои биле назначени како претседатели на комисии за одлучување по јавни огласи за давање под закуп на државно земјиште, склучиле договори со нови закупци за спорни парцели. Парцелите не можеле да бидат предмет на договор, а осомничените знаеле дека постапуваат спротивно на законот, со што фирмите и нивни сопственици на незаконски начин се стекнале со концесија на државно земјоделско земјиште.

За парцелите кои се спорни, осомничените барале субенции спротивно на Законот, при што овие барања во системот на Платежната агенција ги внесувало лице кое што не било вработено во Министерството за земјоделство.

На овој начин, во период од пет години, од 2011 до 2016, осомничените се стекнале со имотна корист од 222.736 евра, односно за толку го оштетиле државниот буџет и буџетот на Платежната агенција.

Поврзани новости