Истрага за жената пронајдена мртва во Гостивар – неколку пати била прободена, па удрена со возило

by Fokus

Првичната информација со која започна увидот на самото место од страна на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар беше дека е пронајдена жена која настрадала како последица на сообраќајна несреќа. Сведоци виделе возило што го напушта местото на кое веднаш потоа е пронајден трупот.

Но, по извршениот увид, јавниот обвинител утврди дека починатата има убодни рани по телото и дека станува збор за насилна смрт. Со присуство на екипа од крим техника е продолжен увидот и првично е констатирано дека пред ударот од возилото, сега починатата била неколку пати прободена со остар предмет. Во насока на истражување на околностите и трагите, јавниот обвинител издаде наредби за вршење на обдукција на починатата и за вештачење на трагите на лице место.

 Испитувајќи ги околностите, констатирано е дека починатата жена во последните пет месеци живеела во Гостивар каде се преселила од Скопје поради нарушени односи со партнерот од вонбрачната врска. По насока на јавното обвинителство, истражено е местото на живеење на поранешниот партнер на сега починатата, при што е пронајдено возилото и истото е дадено на натамошно вештачење. Осомничениот, жител на Скопје, во моментов е недостапен на органите на прогонот.

Основното јавно обвинителство – Гостивар издаде наредби за посебни проверки на граничните премини и патарините во насока на пронаоѓање и утврдување на идентитетот на осомничениот. Дејствијата преземени од Основното јавно обвинитлство – Гостивар во насока на расветлување на настанот продолжуваат со цел утврдување на фактите во предметот.

Поврзани новости