Истекува рокот за преименување на бугарските клубови

by Фокус

Рокот за преименување на здруженија во земјава чиишто имиња се поврзани со фашизам, нацизам или геноцид истекува денеска.

Ова е предвидено во законските измени кои лани во ноември беа поддржани и од власта и од опозицијата, според кои ваквите здруженија имаа рок од три месеци да го усогласат своето име или назив, или во спротивно предвидено е нивно затворање.

Бугарското здружение „Цар Борис Трети“ од Охрид минатата недела веќе поднело барање до Централниот регистар за промена на името, што не е случај и со бугарскиот центар „Иван Михајлов“ во Битола.

Собранието на почетокот на ноември минатата година ги усвои измените на Законот за здруженија и фондации според кои се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх и сл.

Законот за здруженија и фондации предвидува дека одобрение за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира самиот министер.

Поврзани новости