Истанбул ангажира 30.000 полицајци против првомајските протести: Уапсени се 165 лица

by fokus

За време на првомајските собири денеска во Истанбул се приведени 165 лица, соопшти полицијата.

Мнозинството од приведените, околу 140 лица, планирале да учествуваат во недозволен собир од страна на власта.

Во операција на безбедносните сили во Истанбул вчера и денеска биле одземени 85 рачно изработени бомби, околу 100 шишиња полни со боја, наманети за употреба на протестите кои не се дозволени од властите, маски и други материјали, се наведува во полициското соопштение.

Полициското присуство во целиот град беше зајакнато, а на небото прелетуваа хеликоптери. Околу 30.000 полицајци се ангажирани за безбедноста во Истанбул.

Полицијата и демонстрантите се судрија во реонот на Бешикташ во Истанбул откако група од тие што протестираа се обиде да премине кон плоштадот Таксим. Полицијата употреби солзавец, и ги спречи демонстрантите. Сите патишта кон плоштадот Таксим се блокирани.

Во исто време полицијата спречи група демонстранти организирани од синдикатот Диск да постават венец на Таксим, на местото каде пред 40 години на денешен ден беа убиени 34 синдикалци.

Илјадници луѓе има во Бакркој, каде властите дозволија одржување на митинг по повод Први мај. Кордон полицајци вршат претрес на учесниците. Според турските медиуми првпат се применува таква безбедносна мерка.

Извор: МИА

Поврзани новости