Искинат живот

by Fokus 09:53
09:53

Зошто државата не може да издвои и за луѓето бездомници, макар еднаква сума пари како за кучињата скитници, да направи план и програма за решавање на проблемот и на овие луѓе, ништо поразлични од нас, кои едноставно немале среќа во животот?

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Декемвриска ноќ веќе го гушнала градот. Студено е онака како што знае да биде во Скопје, температурата не е многу ниска, но студот влегува во коски.

Застанувам на црвено на крстосницата на Партизанска со булеварот 8 Септември и гледам дете седнато на бетонскиот ѕид на средина. На возраст од 5-6 години тоа седи само, тивко тажно, стуткано, со наведната глава и поглед вперен во земјата. Ме погледнува, станува и со страв приоѓа до автомобилот, со испружена  рака и со отворена дланка, прошепотува – за лепче, те молам…

БЕЗНАДЕЖНОСТ И СРАМ

Го погледнувам в очи и гледам безнадежност, срам, тага, која и мене ме обзема. Посегнувам во пепелникот и зафаќам од ситнишот што таму го оставам и му го спуштам на пружената дланка. Сам седиш овде, каде се твоите – го прашувам, а тој само ги крева раменцата и се оддалечува.

Ги брои кованиците со смрзнатите прсти и повторно седнува на студениот бетон. Погледот му се губи некаде во далечина, тивко тажен, останува да седи којзнае до кога. Заминувам, тажен, свесен за неговата, но и за мојата немоќ, знаејќи дека не сум му помогнал и дека неговата иднина е неизвесна и, што е најтажно, никого и не засега.

Паркингот на Веро Тафталиџе, преполн, луѓе постојано влегуваат и излегуваат со полни колички и ги ставаат купените продукти во багажник.

Забележувам едно момче кое застанува покрај секого кој со количката оди до автомобилот со молба за некој денар и понуда да ја врати количката на местото обележано за колички. Некој му дава по некоја паричка и му ја препушта празната количка, некој без збор го одминува и го игнорира, некој грубо го одбива, а некој му дава совети да најде работа.

НАВРЕДИ И ИГНОРИРАЊЕ

Момчето со ист поглед, со иста понизна насмевка ги трпи и навредите и игнорирањето, како и милостињата што му ја даваат, а на советите тивко одговара – сум пробал, никој не сака мене ваков да ме вработи. И ги покажува закрпените панталони, скинатите чевли и палтото, кое му е барем два броја помало.

Заминуваат возилата од паркингот, исчезнува момчето со количките од мислите на тие што сакаа барем нешто малку да сторат за него и за кратко време нема ни сеќавање на него. Продолжува сам да талка меѓу мачното секојдневие и трошка надеж, која последна умира.

Читам дека градот Скопје издвојува  десет милиони денари за решавање на проблемот со кучињата скитници. Со отворањето на новиот објект на стационарот за кучиња и спроведувањето на новата програма, ЈП „Лајка“ ќе биде првата алка во синџирот за хумано решавање на проблемот со кучињата скитници, гласи уште една од многуте вести за решавањето на проблемот со кучињата скитници. И тоа е во ред и можеме да се гордееме.

Вести и написи за решавање на проблемот со луѓето бездомници не наоѓам. Зошто државата не може да издвои и за луѓето бездомници макар еднаква сума пари, да направи план и програма за решавање на проблемот и на овие луѓе, ништо поразлични од нас, кои едноставно немале среќа во животот? Тоа не се прави и тоа не е во ред, треба да се срамиме.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости