Исчезнатата Марија била бремена со второ дете?

by fokus

Марија Брзакова, жената по која веќе 12 дена се трага, покрај тоа што е мајка на три – годишно девојче, во моментот на исчезнувањето била во вториот месец од бременоста, пишува на апелот кој што е актуелен на социјалните мрежи.

Веста дека таа го очекувала раѓањето на своето второ дете на социјалните мрежи масовно се споделува, и во апелот со нејзината фотографија се замолува за било каква информација околу нејзиното исчезнување. Потенцирано е дека таа има три- годишна ќеркичка која ја чека дома, а исто така била веќе два месеци бремена.

-Марија Брзакова, ќерката три- годишна ја бара мајката, бремена два месеци, од 18.01.2020 молиме за помош, Македонија, Србија, Бугарија, Романија – пишува во апелот на српски јазик, под кој што е оставен телефонскиот број за контакт.
Со цел да дознаеме дали информацијата за бременоста на Марија е точна, што дава дополнителна тежина на целиот случај, се обративме во СВР Струмица.

Од таму, како и минатата недела, ни потенцираа дека не смеат да откриваат детали, па за сите прашања поврзани со случајот не упатија да се обратиме во ОЈО Струмица.
Обвинителката Силвана Барјактарова, која што ни беше посочена како лице за контакт не беше достапна. Во телефонски разговор од обвинителството ни кажаа дека е на терен, а нејзиниот мобилен број не смееле да го даваат на медиуми.

Младата мајка од Босилово, Струмица исчезнала на 18-ти јануари, рано наутро. Нејзиниот сопруг го пријавил исчезнувањето во полиција три дена подоцна. По неа трагаа жители на општината и ловџии, се пребаруваа канали и речни корита, но безуспешно.

Вики Клинчарова

Поврзани новости