Ирена Спасовска: Кај нас бизнисмените се по јахтите, а не музичарите, напразно не ставија на линч!

by fokus

Продајте ги јахтите и џиповите и доста се жалите. Помислете како им е на текстилните работнички – гласеше една објава на социјалните мрежи, адресирана до музичарите, а која предизвика низа на реакции, како од естрадните уметници, така и од пошироката јавност.
Додека музичарите се обидуваат да појаснат дека се наоѓаат во незавидна финансиска состојба поради забраната за настапи која трае речиси цела година, редовни се обвинувања дека не штеделе доволно, со оглед на тоа дека од настап добивале високи суми.

Фолк пејачката и член на управен одбор на Здружение на естрадни уметници на Македонија, Ирена Спасовска за ,,Фокус” вели дека музичарите напразно се ставени на линч, а народот неретко имал нереална слика за нивната работа, но и за нивната заработка. Појаснува дека погрешно е кога се мисли дека повеќето естрадни уметници кај нас се милионери, чиј живот се поврзува со јахти, џипови и луксуз, но по се што се кажало и напишало за музичката фела, повеќе не ја допирале таквите тврдења.

-Точно е тоа дека ние понекогаш повеќе заработуваме. Ама да не се заборави и дека повеќе вложуваме во себе, во нови песни и материјали. Едноставно е, даваш, за да земеш, додека некои луѓе, на работно место дури ни пенкало од дома не треба да си носат. Не знам зошто некому толку тешко му паѓаат заработките на пејачите. Ние не работиме државно, за плата. Ние сме уметници, индивидуалци, секој си заработува според сработеното, нема потреба отчет да даваме на никого! Не правиме криминал, си пееме, си работиме со сопствени ресурси, тоа е тоа – вели Спасовска.

Додава дека овој период државата им дала поддршка, бидејќи музичката бранша била во голема загуба. Вели дека се избориле да влезат и во петтиот пакет за помош, и биле во исчекување на помошта, за која се надевала дека ќе биде последна.

-Најслатки се парите кои сам ќе си ги заработиш. Никој не сака да чека државна помош, сите ние чекаме да ни се дозволат настапи. Сега, во овој период, со овие бројки на заболени, со полициски час, нема ефект да се бара укинување на забраната, мора да имаме трпение – појаснува таа.

Во периодот додека нема настапи, започнала со снимање на рекламни материјали за разни брендови, како заштитно лице, бидејќи, како што вели, не може само да се седи со скрстени раце, мора да се биде активен.

-Човечката глупост нема граници, кој сака да напаѓа, може да си најде безброј причини за тоа. За мене нападите се веќе зборови без значење, не ме погодуваат. Кога сме кај јахтите, не музичарите, туку бизнисмените се познати по нив, барем кај нас. И тоа е во ред, ако си ги заработиле, нека си ги користат, не знам зошто и од каде такви реакции, такво право да се суди за другите? – прашува Спасовска, која како член на ЗЕУМ беше вклучена во преговорите со владините претставници, за финансиска помош на естрадните уметници.

Вики Клинчарова

Поврзани новости