Иранскиот претседател вети истрага по смртта на Амини

by fokus

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси изјави дека смртта на девојката која почина откако беше приведена од полицијата, што предизвика протести во Иран, ќе биде истражена.

– Бидете уверени дека истрага сигурно ќе биде отворена, им рече Раиси на новинарите на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, наведувајќи дека извештајот од обдукцијата не утврдил злоупотреба од страна на полицијата, што демонстрантите го оспоруваат.

По смртта на 22-годишната Махса Амини низ цел Иран избија протести во кои загинаа најмалку 17 луѓе. Таа била приведена и претепана од полицијата за морал бидејќи наводно не носела правилно хиџаб, по што Амини паднала во кома и починала.

Иранскиот претседател рече дека не треба да се избрзува со заклучоци.

– Доколку една од страните направила грешка, тоа секако ќе се испита, рече тој и додаде дека контактирал со семејството на починатата девојка и ветил дека детално ќе го истражи инцидентот.

Убиството на младата Амини го осудија Обединетите нации, Европската унија и САД.

Поврзани новости