Ирак vs Украина

by Fokus

Во двата случаи има скриени агенди. САД ја приграбија ирачката нафта и траса за опиум, Русија сака да го приграби економски највредниот дел од Украина

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

Осми месец беснее „специјалната операција“ во Украина, која наводно ќе го заштити руското етничко малцинство во Украина. Нема потреба да се потенцира девастацијата што се случи, особено во источна Украина, а жртвите веќе се бројат во десетици илјади.

Украинската многу фалена контраофанзива полека забавува и веројатно зимава ќе ја поминеме во воен статус кво, но со цени до плафон.

Домицилната јавност ни е поделена. Додека значаен дел ја осудуваат руската инвазија, значаен дел и ја поддржуваат. Те Путин ја штител Русија, те се борел со сатанисти, те го бранел православието. Обете страни, како тоа нормално бива, се задушени од пропаганда.

ПУТИНОЉУПЦИ

Јас и на обата табори би им порачал дека веднаш можат да се јават како доброволци на едната или на другата страна. Секако, кај нас служење во туѓа војска или паравојска е сериозно кривично дело, но тоа не ја спречи украинската амбасада во Скопје на оглас да повикува доброволци од Македонија, и на тоа ниту еден надлежен орган не реагираше.

Но, Украина, а веројатно и Русија, го заобиколува ова на начин што делат инстант државјанства и оп, ете решение за нашите фејсбук-турбосеирџии.

Она што преовладува како наратив, а мене ми пречи се споредбите со зулумите правени од западните држави и правдање со неколкуте aмерикански бомбардирања, инвазии и прокси војни во блиското минато, а дел од воените ангажмани и уште траат.

Прво, секое посочување на минатите зулуми на САД низ светов е легитимно, но не и нивното користење како оправдување. Зашто е тогаш, не знам БРИКС алтернатива за нашите путинољупци, ако идентично се однесува. Можеме да трубиме до утре, руската војска е во Украина, а не обратно.

Секако дека се легитимни и дел од руските аргументи околу потребата за воена неутралност на Украина, и конкретно тие барања апсолутно ги поддржувам.

СКРИЕНИ АГЕНДИ

Спорна е анексијата на Крим, но спорна и првичната акцесија на Крим, онака на поклон, но тоа малку значи во услови кога Украина е меѓународно призната држава.

Новоанектираните региони ниту се целосно освоени од Русија, ниту тие референдуми кој било ќе ги признае. Тоа, пак, малку значи во услови кога руските трупи се таму.

Најспоредлив пример со руската инвазија на Украина е инвазијата на Ирак од страна на САД и коалицијата. Во двата случаи, casus beli-то е дубиозен, па и лажен.

За Ирак, Американците лажеа и фалсификуваа наводни докази дека Ирак поседува оружје за масовно уништување, Русите измислуваа некаква нацификација на Украина врз основа на полк нацисти, во речиси педесетмилионска држава.

Во двата случаи нема одобрение на Советот за безбедност на Обединетите нации за употреба на сила, како што немаше ни за бомбардирањето на Србија. Последната масовна легална употреба на воената сила е токму против Ирак, но во деведесет и првата, по ирачката инвазија на Кувајт.

И конечно, во двата случаи има скриени агенди. САД ја приграбија ирачката нафта и траса за опиум, Русија сака да го приграби економски највредниот дел од Украина.

Путин, желен да биде новиот Петар Велики, ќе гази по крв и ќе ги праќа во гроб младите генерации Руси. А нашите сеирџии сметаат дека се случува некаков судир, без да разберат дека главните играчи на обете страни играат за ист тим. Оној тим на ултрамоќни манијаци, луѓе кои не се и не сакат да бидат премиери, туку да работат инкогнито.

Поврзани новости