(Фото) Инциденти во Вевчани – судир меѓу жителите и полицијата

by fokus

И покрај откажувањето на традиционалниот Вевчански карневал, сепак дел од вевчанци се маскираа и продефилираа, но дел од нив и се групираа, па мораше да интервенира полицијата.

Дел од маскираните вевчанци се судрија со многубројната полиција.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека полицијата денеска интервенирала  во Вевчани поради непочитувањето на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот односно забраната за групирање на повеќе од четири лица со што се загрозува здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија.

-Имено, и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група на граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани, велат од МВР.

Вевчани денеска живее во духот на вековната традиција, познатиот Вевчански карневал, но поради пандемијата со Ковид-19, двете василичарски друштва Горна и Долна маала се откажаа од организацијата на карневалот. Вевчанци, иако во мал број, сепак не се откажаа од традицијата и маскирани, во помали групи излегоа низ улиците преку маски, на сатиричен начин да покажат дел од настаните што ја одбележаа изминатата година.

Фото: Томислав Георгиев

Поврзани новости