Инциденти во Атина, уапсени 19 лица

by Fokus 12:29
12:29

Сериозни инциденти се случија доцна синоќа, по завршувањето на протестниот марш во Атина за одбелужвањето на 45 годишнината од бунтот против воената хунта.

Масовниот протест од Политехничкиот факултет, кој е симбол на студентскиот бунт во 1973 година, до Амбасадата на САД во Атина заврши мирно, но потоа следеа инциденти во атинската населба Ексархија, што важи за собиралиште на анархистите, но и населба каде што се наоѓа Политехничкиот факултет.

- Advertisements -

Групи маскирани лица ја нападнаа полицијата со молотови коктели, дрва, камења, а палеа и канти за отпадоци. Специјалните полициски сили одговорија со солзавец, шок бомби и топови со вода, јави дописничката на МИА од Атина.

Во инцидентите што траеа речиси четири часа, предизвикана е материјална штета, полицијата уапси 19 лица, а неофицијално повредени се двајца полицајци, додека пак група маскирани лица го запали грчкото знаме.

Нападите кон полицијата со молотови коктели и пиротехнички материјали имаше и од објектот на Политехничкиот факултет во кој се наоѓаше поголема група млади лица.

Полицијата фрлаше солзавец и шок бомби, но одговори и со топови вода од специјалното возило на грчката полиција.

Претходно,на крајот од протесниот марш, инциденти се случија и во близина на централната зграда на грчката полиција, каде што беа приведени осум лица.

Во маршот од Политехничкиот факултет до американската Амбасада учествуваа и министри и пратеници од СИРИЗА, меѓу кои и министерот за дигитална политика Никос Папас, алтернативниот министер за одбрана Панајотис Ригас и секретарот на партијата Панос Скурлетис. Во моментите кога пристигнуваа пред Амбасадата на САД, непознати лица, кон нив фрлија шишиња вода, кафиња во пластични чаши и јајца, но страстите брзо се смирија.

Во Солун и Патра, исто како и во Атина, се случија инциденти со групи маскирани лица, при протестите за одбележување на 45-годишнината од студентскиот бунт.

Во Солун, според локалните медиуми, по маршот, маскираните лица го запалиле знамето на Европската Унија и се судриле со полицијата пред Политехничкиот факултет, а била предизвикана и материјална штета на продавници.

Слична била ситуацијата и во Патра, со молотови коктели и солзавец во инцидентите меѓу маскираните лица и полицијата, а полицијата привела најмалку пет лица.

Поврзани новости