Интервју: Знам дека разочарав многу луѓе што се кандидирав за градоначалник, но морам да го спасам Гостивар

by Fokus

Разговараше: Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС:Зошто одлучивте да се кандидирате за градоначалник, со оглед на тоа што во моментот ја извршувате функцијата министер за здравство
ТАРАВАРИ: Ова беше можеби една од најтешките одлуки во мојот професионален живот, но во исто време сметам дека е и една од најважните. Се надевам ќе разберете дека сепак се работи за судбината на мојот роден град. Ова е градот во кој израснале моите претци, градот на мојата младост, градот кој толку многу ми има дадено, но за жал во последните неколку години е целосно запоставен од општинските власти. Оваа одлука му ја должам на Гостивар, на неговите жители, но и на моето семејство. Знам дека е голема жртва  и можеби разочарав многу луѓе со неа, но мојот град и моите сограѓани заслужуваат подобро.

ФОКУС: Дали вашата одлука беше под притисок на партијата од која доаѓате, Алијанса за Албанците?
ТАРАВАРИ: Не се работи за никаков политички притисок. Одлуката беше моја и само моја. И пак ќе кажам, не беше ни малку лесно да ја донесам, но потребен сум им на моите сограѓани и на мојот град.

ФОКУС: Што ако ги изгубите локалните избори?
ТАРАВАРИ: Нема да ги изгубам локалните избори. Кажав и ќе кажам- 100% победувам.

ФОКУС: Премиерот Зоран Заев смета дека и во таков случај би требало да бидете дел од неговата влада?
ТАРАВАРИ: Му благодарам на премиерот што верува во мене и во мојата работа. Во се што сум правел во животот сум давал 100% и сум бил опкружен со луѓе кои давале 100%. Во министерството создадов тим на професионалци кои секојдневно го прават македонскиот здравствен систем подобар. Тие ќе ја продолжат мојата работа. Истото ќе го направам и во Гостивар. Сакам да имам покрај себе вистински професионалци и работливи луѓе кои сакаат да создадат позитивна промена за сите, а не само за себе. Мојот победнички дух и желбата за позитивни промени ќе продолжат и во Гостивар.

НА НАШИОТ НАРОД ВЕЌЕ МУ Е ДОСТА НЕКОЈ ДА МАНИПУЛИРА СО НЕГО

 ФОКУС: Веќе неколку месеци седите на министерското столче. Со што се соочивте?
ТАРАВАРИ: Воопшто не беше лесно да се седне на министерското столче. И самиот знаев што ме чека и бев подготвен на апсолутно се. Свесен бев за неправилностите и за погрешната политика на претходната власт, но во исто време знаев дека со вистински тим, чекор по чекор ќе го вратиме сјајот на македонскиот здравствен систем. Ние како земја мора да ја вратиме почитта кон лекарите, мораме на пациентите да им ја понудиме најдобрата здравствена заштита и на крајот од денот, мораме да го искористиме потенцијалот што го имаме тука во нашата земја. Македонија мора, треба и ќе има подобро здравство.

ФОКУС: Дали од страна на претходното раководство се правени некакви злоупотреби, се давале големи хонорари, за какви суми се работи
ТАРАВАРИ: Јас сум тип на човек што секогаш отворено зборува за се. И за позитивните, но и за негативните работи. Не ми беше лесно кога дознав дека претходната власт сакала да ги поскапи лековите и веднаш го спречив тоа. Секогаш кога сум воочил неправилност тоа сум го кажувал, а истото им го кажав и на новоназначените директори.

ФОКУС:Што им кажавте?
ТАРАВАРИ: Уште на првиот состанок им кажав – прикажете ги неправилностите, но покажете дека можете и знаете подобро. На нашиот народ веќе му е доста од тоа некој да манипулира со него и да се грижи само за сопствените интереси. Не е доволно само да се каже дека некој нешто направил погрешно. Сите ние треба да дадеме и пример дека можеме подобро и поинаку. Македонското здравство мора да се промени и интересот на пациентите и граѓаните мора да бидат на прво место.ФОКУС: Дали ја почнавте ревизијата за набавката на медицинската опрема и што откривте?
ТАРАВАРИ: Поднесено е барање до државната ревизија и во секој момент очекуваме да започне ревизијата. Како и секогаш, јавноста ќе биде информирана за сите нерегуларности. Ако постојат нерегуларности јавноста мора да знае за нив. Никој не смее да си игра со парите на граѓаните.


ЌЕ ИМ ОВОЗМОЖАМ НА ГОСТИВАРЧАНИ ДА ЖИВЕАТ ВО ГРАД СО КОЈ ЌЕ СЕ ГОРДЕАТ

ФОКУС: Честопати сте мета на напади на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Која е причината и што би им порачале со оглед на речникот што го користат против вас?
ТАРАВАРИ: Во политика се е дозволено и нивната реакција беше очекувана. Во исто време, силно верував и верувам во секоја моја одлука. Пациентите и докторите секогаш биле и се мој приоритет и се што правев, правев за нивно добро и за доброто на македонскиот здравствен систем.

ФОКУС: Дали досега се отворени некакви случаи за зголемената смртност во последните неколку години на скопските клиники и другите болници
ТАРАВАРИ: За жал ова е проблем кој се натрупувал со години и што конечно мора да се реши. Во соработка со врвни експерти од Македонија и странство, како и преку нашата одлична соработка со СЗО веќе работиме на национална стратегија за здравство која верувам дека еднаш засекогаш ќе го реши овој проблем.

ФОКУС: Ако станете градоначалник, што прво ќе направите за граѓаните
ТАРАВАРИ: Кога ќе станам градоначалник, ќе им докажам на моите сограѓани дека и со чесност и со макотрпна работа може да се постигнат врвни резултати. Ќе им овозможам да живеат во град со кој ќе се гордеат. Како и во министерството, така и како градоначалник, ќе бидам отворен за сите сугестии и ќе ги слушам  барањата на моите сограѓани. Ќе им покажам што значи некој навистина да се грижи за својот град. Гостивар и моите сограѓани ќе живеат во град кој ќе биде нивна гордост. И сето ова ќе го направиме заеднички. Гостивар го заслужува тоа.

ФОКУС: Какви проекти ќе понудите?
ТАРАВАРИ: Деполитизирање на образованието, чист град за граѓаните на Гостивар, вода која прво ке помине низ филтерна станица, решавање на проблемот со депонијата, достапна вода за сите граѓани, достојинствени училници, градски превоз, катни гаражи и многу други проекти наменети за сите жители на Гостивар…

ФОКУС: Планирате ли да си поднесете оставка од министерската позиција за време на кампањата за локалните избори?
ТАРАВАРИ: Не, не планирам да дадам оставка. Имам одличен тим кој што функционира беспрекорно и се додека сум министер ќе го давам максимумот за подобро здравство.

Поврзани новости