Интервјуто е објавено на 30 август 2019 година, во неделникот „Фокус“ во број 1247

Во ноември, нашата политичка сцена треба да се збогати со нова -Твоја партија. Александар Тортевски, кој е еден од иницијаторите и привремен портпарол, најавува дека партиската платформа „ќе биде нешто спектакуларно во Македонија“, сосема различно од постојните султан-партии.

Во интервју за „Фокус“, Тортевски ексклузивно открива дека кога бил советник во СЈО му бил понуден поткуп од 50.000 евра за да лобира да се забошоти одреден предмет. Тоа го пријавил во СЈО, направена била и службена белешка, но тука завршува сè. Случајот потоа го нема никаде.

Адвокатот Тортевски зборува и за првите недоразбирања со Катица Јанева, за причините за раскинување на соработката со СЈО, за случајот „Рекет“, за кој, пак, смета дека е „Покуп“

Разговараше: Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Во одреден период беше советник  во СЈО. Очекуваше ли ваков крај на првиот човек на СЈО?

ТОРТЕВСКИ: Не, и во најлошиот сон не сум можел да претпоставам дека може ваков крај да доживее специјалниот јавен обвинител и во еден дел чувствувам одговорност. Можеби сега лицемерно изгледа. Знаете, утре е секогаш попаметно од вчера. Од денешен аспект, сосема е јасно дека требало на првите симптоми и недоразбирања јавно да реагирам.

ФОКУС: По битка сите сме генерали…

ТОРТЕВСКИ: На самиот почеток, кога ја избраа Катица Јанева, кој ми беше изборот? Да седам настрана и да ги чекам и да ги ловам нејзините грешки и да поентирам на тоа или да помагам во процесот, кој сметав дека е општествено оправдан да расчистиме со определени состојби во општеството. Се одлучив дека треба да учествувам во работата на СЈО. Советничката позиција ми беше големо признание. Но, во еден момент вратив една огромна понуда за поткуп…

ФОКУС: За некој предмет во СЈО?

ТОРТЕВСКИ: Да, и го пријавив тоа во СЈО. Сега ми е жал што ја немам потврдата, се трудам да ја добијам, но има проблем бидејќи сега нема кој да го одобри тоа, затоа што Катица е во притвор. Инаку, ми беа понудени огромни пари – педесет илјади евра.

ФОКУС: Која беше противуслугата што ја бараа?

ТОРТЕВСКИ: Тие бараа да лобирам да се забошоти одреден предмет.

НЕКОИ РАБОТИ ВО СЈО МИ БЕА СИМПТОМАТИЧНИ

ФОКУС: Каде го пријави тоа? Кај Катица Јанева?

ТОРТЕВСКИ: Кај Катица Јанева, но и целиот колегиум го знае тоа. Новосел, бивш хрватски обвинител на испомош, негова идеја беше да се направи службена белешка за тоа, човекот ми честиташе, рече дека не сретнал адвокат што така се однесува.

ФОКУС: Што се случи со тој предмет потоа?

ТОРТЕВСКИ: Го нема никаде.

ФОКУС: Некој друг да не ги зел парите?

ТОРТЕВСКИ: Не би можел да кажам, меѓутоа случајот го нема никаде.

ФОКУС: Кога ти се јавија најсериозните несогласувања со Катица?

ТОРТЕВСКИ: Јас бев советник во СЈО до летото 2017, кога беше распишан конкурсот за државен јавен обвинител. Се јавив на тој конкурс, иако со тешко срце, бидејќи знаев дека нема да помине зашто веќе имав навестување дека изборот е познат однапред и тоа се покажа така. И од денешен аспект ми е многу жал што конкурирав, меѓутоа тоа е тоа. Зборот ми е дека Катица Јанева тогаш ми го раскина договорот затоа што таа сметаше дека таа треба да оди за државен обвинител.

ФОКУС: Таа ти го рекла тоа?

ТОРТЕВСКИ: Да, лично, и стојам зад тоа. И на колегиум кај нив им е соопштено дека таа се подготвува да оди за државен обвинител и тоа значеше дефинитивно затворање на СЈО. Значи, таа беше спремна лично СЈО да го затвори и дури почнала и да им прави распоред на обвинителите. Тоа го знам, тие го премолчаа тоа, меѓутоа тоа беше практично растурање на тимот.

ФОКУС: Меѓутоа, за нов обвинител на СЈО немаше шанси да се договорат четирите партии.

ТОРТЕВСКИ: Немаше шанса. Но, Катица сметаше дека тоа ѝ е животна шанса да дојде до позиција државен обвинител и дури ми се обрати со тие зборови, „ти мене ќе ми конкурираш за јавен обвинител“ и јас ја прашав дали тоа место ѝ го оставил некој во наследство од татко или дедо од Гевгелија, така што ми го раскинаа договорот. По неколку дена, не знам дали самоиницијативно или како, се јавија нејзините помошници и ми рекоа дека ми е подготвен договорот за повторно продолжување. Јас им одговорив дека не сум проститутка која ќе можат да ја земат кога ќе одлучат, дека не сакам да разговарам на таа тема и дека е завршено. Можам да кажам дека од тој аспект имав среќа да не останам уште подолго, меѓутоа признавам дека имам одредена одговорност што нешто сум премолчил, а сум гледал некои работи таму што ми биле симптоматични. Но, постојано добивав одговор дека тоа се некакви посебни обвинителски тактики, кои јас не ги разбирам.

РЕЗУЛТАТИТЕ СЕ ГОЛЕМА НУЛА

ФОКУС: Некои работи ви биле симптоматични од корупциски аспект?

ТОРТЕВСКИ: Се случуваше во некои предмети човек прво да биде сведок, па обвинет, односно да му се менува својството во текот на неколку месеци или да му се менува правната квалификација за која се обвинува. Ни објаснуваа дека тоа е некаков опортунитет, дека овие инструктори што доаѓаат сметаат дека така е пополезно и дека така ќе се уловат „покрупните риби“. Да речеме, големо несогласување ми беше со одлуката за Ивона и Латас да се оди со даночно затајување, а јас и денес сметам дека тоа беше чисто перење пари. Латас преку неговите фирми има добиено преку три милиони евра, и тоа од фирми со кои нема никаков должничко-доверителски однос, а да го обвините Гебелсот на минатиот режим само за даночно затајување, вие практично со десет проценти му ги легализирате парите. А познат е ставот на судот дека кај даночно затајување, ако се плати данокот, се добива условно. Сега дадена им е понуда практично да го платат данокот и да си одат дома со една вреќа пари испрани од овој народ, како слободни граѓани. Меѓутоа, кога беа дефинитивно покренати тие постапки, веќе не бев во СЈО и категорично тврдам дека би реагирал пожестоко.

ФОКУС: Интересно е што си алармирал во СЈО дека ти нудат поткуп да се забошоти некој случај, но потоа навистина нема случај. Се известува СЈО дека Груевски повлекува пари од своите сметки, повторно нема реакција. И за бегството никој не понесе одговорност.

ТОРТЕВСКИ: Имам информација дека по бегството на Груевски е одржан состанок на сите клучни фактори одговорни да не дозволат тој да избега. Но, одговорот на Катица бил дека по добиената информација дека Груевски ги подигнал последните пари во кеш, таа одлучила да не реагира за да го следела текот на парите. Што само по себе е апсурд, затоа што, и покрај тие информации, тој многу лесно избега. Од денешен аспект, размислувањата ми одат дека успешното бегство се реализира како резултат на целосна неспособност на институциите или, пак, некаков претходно постигнат договор на големи фактори.

ФОКУС: Сега, кога ќе се подвлече линија по 4 години, ние имаме правосилни пресуди за набавката на мерцедесот, за предметот на Ивона, за бизнисменот Сеат Кочан и еден Ѓоко Поповски, кој е во затвор. Значи, вака грубо, кога ќе подвлечеме, резултатот е слаб.

ТОРТЕВСКИ: Голема нула. За тоа има повеќе фактори. Прво, забораваме дека во извесен период, СЈО работеше кога Груевски беше власт. Блокирани институции, судство, се чекало по неколку месеци за некој одговор, па судиите не прифаќаа никакви предлози, просто е невозможно да се работи кога се такви сите институции и тој период е неповратно загубен. А од друга страна, истекува рокот за кој вие имате мандат да работите и тогаш брзате, што секако ќе доведе до грешки и до непрецизни обвиненија.

„РЕКЕТ“ Е СЛИКА НА НАШЕТО ОПШТЕСТВО

ФОКУС: Но, кога се смени власта, имаше соработка со институциите, ама изгледа малку се забега во тој период. Таа неограничена моќ што законот ѝ ја дава на специјалната јавна обвинителка…

ТОРТЕВСКИ: Јас реков, штом правите Специјално јавно обвинителство, тоа значи дека имате многу гнило општество. Тоа е факт и тоа се покажа. Да, неограничена власт, па дури нека е и моќ на специјален јавен обвинител може да предизвика забегување. Тоа е факт и последиците ги гледаме. Значи, дефинитивно кажувам пред целата македонска јавност, за да нема недоразбирање, горд сум на мојот ангажман таму, меѓутоа сега чувствувам и срам поради тоа што Катица ни го направи на сите, со ограда доколку се докаже тоа, ако не, ќе ѝ се извинам. Сепак, мојот став секогаш бил дека редовното јавно обвинителство требаше комплетно да се реформира, да му се дадат средства и да го собере најдобриот кадар. Сепак, СЈО и факторите што го помагаа, ни покажаа како технички и финансиски треба да се опреми едно јавно обвинителство, особено во делот на истражни техники, истражители и независност од МВР. Тој дел функционираше беспрекорно во СЈО.

ФОКУС: Но, во јавноста Катица е веќе осудена. Постои таа тенденција уште од бомбите на Заев, кога постојат снимки особено, дека јавноста веќе им пресудува на одредени луѓе. Како го коментираш она што досега се случува со предметот „Рекет“?

ТОРТЕВСКИ: Овој предмет практично е слика на целото наше општество. Ни го покажува менталниот склоп на сите одговорни фактори на оваа наша држава, вклучувајќи ве и вас како новинари, па и нас како јавност. Прво, ние многу често тргнуваме по линија на опортунитет, да сме благонаклонети кон некој што ја турка нашата кауза. Значи, ако Боки имал телевизија која била про сдсмовска, СДСМ комплетно бил подготвен, дури можеби некако потсвесно целото раководство да не поставува некои прашања што нужно се наметнуваат. Потоа, тоа се пренесува и на државното раководство, да му прогледува низ прсти и недоволно критички да го анализира однесувањето на Боки.

ФОКУС: Во емисиите гостувале луѓе, си гостувал и ти, со критички став кон политиките на СДСМ.

ТОРТЕВСКИ: Не е спорно. Каде јас ја гледам слабоста? Се прифати во јавноста дека Боки 13 е неформален сопственик на телевизијата. Како е можно никој во ова општество, значи одговорни лица на кои тоа им е работа, да не се прашаат како овој човек има телевизија, да стекне таков имот одеднаш, а сите знаеме дека само неколку месеци пред тоа беше еден од најзадолжените луѓе во Македонија со блокирани сметки. Значи, тој не може да има имот на негово име, татко му е формален сопственик на телевизијата, а тој е неформален. Тука од авион се гледа барем едно кривично дело Изигрување на доверители.

КРИМИНАЛ ОД НАЈДОЛЕН ВИД

ФОКУС: Но, поентата за да биде мегаскандал е инволвираноста на специјалната јавна обвинителка. За многу сопственици на медиуми имало шпекулации околу потеклото на капиталот.

ТОРТЕВСКИ: Тоа го покажува менталниот склоп на луѓето што ја водат оваа држава и чија работа е да водат сметка за потеклото на капиталот, дека тие сè уште мислат дека можат на спектакуларен начин да се заработат три милиони евра преку ноќ. Тука е пропустот на целото наше општество, во кое, еве, се вклучувам и јас, макар што сум поставил прашање, па ми се објаснуваше дека не знам кој, имал некој пријател од странство, многу богат, па тој му ги давал парите. Тоа е во однос на одговорноста. Што се однесува до Јанева, доколку се покажат овие тврдења за нејзина комплетна вмешаност и се потврди она што се слуша на снимките, тоа е, би рекол, криминал од најдолен вид. Не можам да сфатам специјален јавен обвинител да се впушти во таков корупциски скандал, при што не смее да се заборави дека таа беше веројатно најплатениот функционер во државата. И за мене тоа се најтешките отежителни околности.

ФОКУС: Колку власта на СДСМ имаше влијание врз работата на СЈО?

ТОРТЕВСКИ: Убеден сум и знам некои информации дека онаа пратеничка група што се одметна од ВМРО-ДПМНЕ и која гласаше за уставните измени, а дел беа во притвор, дека тие не се пуштени по самостојна одлука на Катица Јанева и на судиите, туку дека тоа е нарачка од извршната власт и тука јас немам никаква дилема.

ФОКУС: Тоа говори дека правосудството повторно е под капата на извршната власт.

ТОРТЕВСКИ: За жал, извршната власт се соочи со еден избор – дали да почитува принципи на правна држава или да ја замоли Катица да ги пушти на слобода овие лица заради „повисока цел“ – откочување на евроинтеграциите. Јас пред некој ден напишав дека Заев на најтешкиот можен начин научи дека не можеш да вбризгаш отров во општеството преку интервенции во правосудството и пуштање на слобода одредени луѓе, затоа што тоа општество повеќе не може да се оправи.

Јас сум убеден дека заднината е ваква. Заев ѝ се јавил на Катица да ги ослободува овие, за да гласаат за уставните измени. Катица го искористила тоа и преку Боки влегува во сета корупциска приказна. Ова е лично мое мислење, и ако ѝ било наложено да ослободи луѓе што тежат стотици милиони евра, веројатно тука се прекршила. Видела шанса да ја продаде информацијата дека овие луѓе ќе бидат ослободени и им дала сигнал на сега осомничените да влезат во акција.

СЕ ПРЕТВОРИВ ВО МЕДИУМСКИ ОБВИНИТЕЛ

ФОКУС: Излезе сега со твит околу одговорноста на медиумите и на новинарите за клевета, дека може да уништат семејство, дека се пострашни од бокс, скршен нос. Ваквиот став следуваше дури откако и твојот пријател Никола Димитров стана мета за клевета?

ТОРТЕВСКИ: Факт е дека сите сме пристрасни и пожестоко реагираме кога на некој наш близок му се случува или нас кога некој неосновано ќе нè наклевети. Меѓутоа, принципиелно, воопшто не се сложувам и Никола Груевски да биде обвинет за нешто што не сторил. Еве, ќе ви кажам еден пример. Една жестока активистка на СДСМ за „Монструм“ постојано пласираше една теза дека е нешто поврзано со Трајко Вељаноски. Неколкупати сум ѝ рекол дека треба да престане затоа што тоа се тешки обвинувања за најтешко дело. Тоа е мојот животен принцип. Независно што мислам дека Трајко Вељаноски направи милијарда глупости од кои ми се згадил како човек, меѓутоа за ова сум подготвен да го бранам жестоко бидејќи таму се пласираше непоткрепена теза за негова инволвираност во случајот…

ФОКУС: Да, со шпекулации се обвинува за тешки кривични дела…

ТОРТЕВСКИ: Немам дилема. Сега, јас можам да кажам дека имам милијарда забелешки на Заев и на неговото однесување, многу виновен е за оваа состојба и мислам дека тој допрва ќе ја плаќа цената на овие глупости што ги направи. Меѓутоа, овде ако не зел пари, а убеден сум дека не зел пари, значи јас сум жестоко подготвен да го бранам.

ФОКУС: Беше, исто така, жесток кон претседателот Ѓорге Иванов, тој замина и веќе никој не го спомнува… За сите тие настани што се случуваа, амнестиите, Крвавиот четврток…

ТОРТЕВСКИ: Некогаш се фаќам себеси дека се претворам во некаков медиумски обвинител во сенка. Па, подоцна сфаќам дека кршам пресумпција на невиност и дека практично можеби вршам притисок врз официјалните органи да покренат нешто што не би го покренале, а тоа е некако мешање во работата на независното судство. Да, сум кажал дека лично сметам дека Ѓорге Иванов направи кривично дело тогаш. Направи огромна штета, за амнестиите – меѓутоа јас не сум обвинител и немам право да го поставувам вечно тоа прашање. И до кога јас нешто ќе лаам, условно кажано, а тие ако имаат потреба да седнат и да се договорат, еве ВМРО и СДСМ – околу која работа се договорени, знаете? Ќе ви текне?

ФОКУС: СДСМ и ВМРО? Да не одговараат ни едните и другите.
ТОРТЕВСКИ: Тоа вие го сметате, тоа ви е чувството, но и чувство на огромен дел од мислечката јавност. Меѓутоа, се договорија веднаш на првиот меѓупартиски состанок дека треба да поделат по 4,5 милиони евра од буџетот за финансирање на партиите. Двајцата ќе се изнасмеат, ќе испијат по една пијачка и ќе речат: пушти го тој Тортевски шапшал, нека лае таму. И сè почесто се фаќам себеси дека навистина е така.

ГРАДИМЕ ПАРТИЈА ЗА 21 ВЕК

ФОКУС: Добро. Дали е во тек формирање политичка партија во која си еден од главните иницијатори и активисти? Тоа се шпекулациите, а ова е директно прашање.

ТОРТЕВСКИ: Долго време на Твитер, каде што сум активен, има неколку, по мене, многу добронамерни луѓе, кои ниту бараат позиција, ниту бараат функција, значи многу реализирани луѓе со принципиелни ставови, кои се против партиски вработувања, против тајкуни да добиваат тендери, кои се залагаат за систем со комплетна одговорност, кои едноставно сакаат Македонија конечно да стане пристојна држава. И тие луѓе практично ја покренаа иницијативата за нова партија, а јас не можев да останам настрана.

ФОКУС: Убедени сте дека е момент за нова партија?
ТОРТЕВСКИ: Да, ама поинаква партија. Сите постоечки партии од 1990 до денес, беа султански партии, каде што лидерот одлучуваше за сè. И тоа не би било толку трагично доколку тоа не се пресликуваше на државно ниво кога ќе дојдеа на власт. Ние немаме ниту претседателски, ниту парламентарен систем, туку имаме премиерски. За илустрација, Груевски беше дури и архитект. Заев почна да го води телото за реформи во правосудството, а при последната реконструкција сакаше да биде и министер за финансии. Навистина ли нема никој околу нив да им каже дека со седнување во премиерската фотелја, преку ноќ не се добива огромен квантум знаење од сите можни области. Ние со новата Твоја партија сакаме да направиме речиси сè спротивно од она што досега се правеше.

ФОКУС: Што досега се имате фикс договорено како иницијатори?

ТОРТЕВСКИ: Основните работи за кои досега сме се договориле се: нема партиски вработувања, не сакаме пари од никого – максималниот влог и помош на партијата е лимитиран на 10 евра, под закана за исклучување. Никој нема да смее да побара пари од никого поради тоа што големи пари значат утре обврска да ги вратите на тој што ви ги дал. Или треба да му дадете тендери или треба да му измислувате проекти од Фондот за иновации, или треба да му вработувате луѓе… И кога ќе почнете да ги кршите принципите, тогаш веќе сè е отидено.

ФОКУС: Без пари како ќе ја водите кампањата?

ТОРТЕВСКИ: Значи, градиме партија за 21 век. Јас сум воодушевен од луѓето што пристапија. Тоа се исклучителни интелектуалци, многу успешни надвор, а многу загрижени за Македонија, спремни да помогнат и во тек сме на правање платформа на која партијата ќе ја направи постојано да биде достапна до секој член. И да може членството да биде консултирано за сè.

ФОКУС: Значи, нема да одите по селата или од врата на врата? Социјални мрежи ќе користите?

ТОРТЕВСКИ: Да, тоа е принципот. Значи, деновиве ќе има еден отворен состанок на иницијативниот одбор, каде што онлајн ќе бидат поврзани доста луѓе што се надвор. И да бидам искрен, многу им верувам на тие луѓе што се надвор, што се одлучиле да се реализираат на тој пазар и што се докажале таму. Ноќта по првиот иницијативен одбор пред околу десет дена не можев да заспијам до четири наутро. Од две работи. Гледате какви умни луѓе ни се излезени надвор, жалите поради тоа, од друга страна сте среќен што со вас сакаат нешто да прават и да помогнат. И платформата, оваа која ќе се направи сега, таа ќе биде нешто спектакуларно во Македонија и таа навистина е огромен влог и ќе овозможи сите членови да бидат прашани за секој проблем и да дадат свое мислење.

НИ ТРЕБА НОВ ПОЧЕТОК

ФОКУС: Која ви е целната група гласачи?

ТОРТЕВСКИ: Целната група се луѓето што сакаат да прават нормално општество. На пример, имавме различни ставови меѓу иницијаторите дали треба да инсистираме жестоко на одговорност на поранешните функционери или ни треба нов почеток. Меѓутоа, кога со умни луѓе имате работа, заклучокот беше дека сакаме да градиме нормален систем, а на тој нормален систем една од обврските му е да ги санкционира прекршителите на законот онака како што тоа е предвидено. Ние не сакаме од нас да зависи дали Груевски мора да оди во затвор или Јанакиески треба да оди или зошто сега настрана е Ставрески или Пешевски. Ние сме одлучиле да правиме систем, и се надевам дека ќе можеме иницијаторите да бидеме оние што само ќе го контролираат тој систем. Меѓутоа, едно е сигурно и нема да отстапиме од тоа – нема да има партиски вработувања, партијата нема да се меша во правосудството…

ФОКУС: Верувате дека има доволно луѓе чија цел да бидат во партија нема да биде некаков бенефит личен со вработувања, функции. Туку она што беше на Лигата за демократија – Македонија како пристојно место за живеење.

ТОРТЕВСКИ: Тоа се провлекува многу во нашите разговори, веројатно тоа ќе биде еден од нашите слогани и ние не претендираме дека ќе победиме на овие избори, се надеваме дека ќе добиеме доволно гласови да можеме да бидеме онаа превага. Значи, ние сме подготвени да бидеме опозиција, да дадеме поддршка на малцинска влада, сè додека ги спроведува проектите за кои ние сме согласни. Ако има групација што ќе одлучи да ја департизира администрацијата, да ја намали, ќе ја има нашата поддршка.

ФОКУС: Овие работи звучат како фрази што ги верглаат сите партии. Имате ли конкретни идеи?

ТОРТЕВСКИ: Екологијата ни е многу битна затоа што гледате, тоа веќе не е прашање на елита и размислување на мал број луѓе, веќе тоа е прашање на опстанок. Значи, околу екологијата немаме намера да имаме никакви толеранции, на пример шумската кражба сите ја потценуваме, сечењето на шумите во Македонија е алармантно. Јас правев некакви пресметки во последните десет години. Преку шумска кражба се украдени, во пари што е многу помала штета, една милијарда евра. Во Македонија годишно се сече дрво за 70 милиони евра, меѓутоа штетата се мултиплицира преку загадување, ерозија на земјиштето, здравствени проблеми кај населението, така што екологијата мора да биде врвен приоритет. Сакаме да изградиме систем на комплетен мониторинг на целата територија на Македонија, со многу мали пари може тоа да го направиме. Со еден кол-центар, со 200 дронови што се постојано над Македонија и ќе гледаат кој фрла ѓубре, кој сече, кој пали оган и мобилни екипи што веднаш тоа ќе го санкционираат.

ФОКУС: За овие две години што ќе поддржевте од оваа власт на СДСМ и на ДУИ? А, што не?
ТОРТЕВСКИ: Да бидам искрен, живата жаба за Преспанскиот договор, веројатно ќе ја голтневме. Ќе ја проголтавме и ако имаме можност утре да одлучуваме не би сакале да ја вратиме назад, зашто пак ќе треба да ја голтаме, што е уште потешко. Убеден сум и ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт, ништо нема да смени во Преспанскиот договор.

САМОУВЕРЕН ЧОВЕК Е ПРВИОТ УСЛОВ ЗА УСПЕХ

ФОКУС: Како дојдовте до називот Твоја партија?

ТОРТЕВСКИ: Прво направивме една малку хумористична анкета, Твитерот секогаш е многу луциден и знае да те изложи на потсмев. Еве, на пример, ме ставија еднаш моите твитерџии на анкета за претседател на државата со пејачот Наум Петрески како противник, кој не е на Твитер. И Наум Петрески ме доби со двотретинско мнозинство. Така што, Твитерот е многу интересен и на првата анкета за името на партијата, победи опцијата Унија на слободни умни луѓе, скратено УСУЛ. И тука имаше многу мајтап. Не поради мајтапот и кратенката, меѓутоа кога велите дека сте Унија на умни луѓе, секој ќе ве праша, чекајте, ти од кај, па сам се оценуваш дека си умен. Меѓутоа, еден од исклучително паметните луѓе што се од овие надвор рече дека можеби треба да одиме со Твоја партија, во смисла дека правиме, не наша партија, значи му се обраќаме на гласачот дојди да правиш твоја партија, каде што ти ќе бидеш фактор што ќе одлучува. И навистина, жестоко ќе се бориме со сите сили да го направиме.

ФОКУС: Колку членови би очекувале? Професорот Марјановиќ, кога бевте во Лигата за демократија, објаснуваше дека не тежнеете да имате многу членови, туку гласачи.

ТОРТЕВСКИ: И тоа е опција. Во пристапницата ќе може да има избор членот, може да биде во рангот на симпатизери без никаква активност, тука можеби нема да треба да му праќаме материјали. Не се лутиме ако дојде човек што ќе каже јас утре се гледам како кандидат за градоначалник. Го сакаме и тоа. Амбицијата не е лоша и скромноста не ја цениме ние како да е некоја голема доблест. Самоуверен човек е првиот услов за успех. Значи, ќе напише јас се гледам утре како градоначалник, или како член на парламент, како министер. Но, потоа ќе направиме анкета. На пример, некој ќе ви каже – јас во Битола тежам 12.000 гласови. Е, како? Па, кога играв фудбал за Пелистер ме гледаа 12.000 луѓе и сите тие ќе гласаат за мене. Тие ти аплаудирале зашто шутираш топка, но не те бива да го водиш градот.

ФОКУС: И кој би бил претседател на партијата? Разговарате, има предлози за тоа?

ТОРТЕВСКИ: Јас многу би бил среќен да бидам портпарол. Спремен сум да носам вода. Значи, навистина. Само за да успее идејата.

ФОКУС: Кога планирате да финиширате, каков е тајмингот?

ТОРТЕВСКИ: Тајмингот е да ја завршиме регистрацијата некаде во ноември. Мислам дека илијадата пристапници ќе ги собереме во рок од неколку дена – затоа што уште првиот ден кога ја објавиме идејата околу 300 луѓе се јавија…

ФОКУС: Чекајте, Ванковска така доби поддршка на Фејсбук, меѓутоа потоа не успеа до собере потписи за кандидатура.

ТОРТЕВСКИ: Да, да. Лесно е да ставите лајк, тешко е да одите на нотар. Ние сме свесни за тоа, меѓутоа мислам дека таа граница од илјада потписи ќе ја решиме. Тоа е полесниот дел од работата, меѓутоа факт е дека јавноста бара проверени луѓе во кои има доверба. Јас би сакал да видам такви луѓе и многу би бил среќен во хиерархијата на партијата да бидам стоти член. Ова сум многу сериозен. Значи, сега за сега е сигурно дека ќе бидам привремен портпарол.

ХОНОРАРИТЕ ОД СЈО ГИ ДОНИРАВ ЗА ДОБРОТВОРНИ ЦЕЛИ

ФОКУС: Како советник на СЈО противниците ви префрлаа за хонорарите. Колкав хонорар имавте?

ТОРТЕВСКИ: Неколку месеци не го потпишував договорот за да не го земам хонорарот, потоа инсистирав да биде без хонорар, па ми рекоа дека мора со хонорар поради обврската за чување тајност. Барав тој да биде еден денар. Ми одредија 20.000 денари, кои ги давав во добротворни цели. Конкретно, кога беше поплавата во Стајковци, за некои семејства со деца со посебни потреби, се трудев да ги дадам сите.

ДОДЕКА ВМРО НЕ СЕ ИЗВИНИ, НЕМА ПРАВО ДА ЗБОРУВААТ ЗА МОРАЛ

ФОКУС: Одлуката да правите нова партија ја темелите на проценката дека дел од гласачите се разочараа и од оваа власт, но уште не ѝ простуваат на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не се оградија од груевизмот?

ТОРТЕВСКИ: Апсолутно. Еве, јас во ниеден случај нема да влезам во Белата палата поради тоа што тоа го сметам за предмет создаден со кривично дело. И не можам јас да му дадам легитимитет со влегување таму. И ВМРО-ДПМНЕ сè додека не се огради, не се исчисти и не се извини, значи нема теорија тие да ми држат прес-конференција од Белата палата, а да зборуваат за морал и за чест и за почитување право и правни принципи!? Па, тие се неспоиви работи. Целиот имот стекнат со криминал мора да го вратат, а и државата мора да го одземе.

БИ САКАЛ НИКОЛА ДИМИТРОВ ДА БИДЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ

ФОКУС: Кои имиња се во иницијативен одбор? Ги знае ли јавноста?

ТОРТЕВСКИ: Сè уште е рано. Знаете, ова не е ни иницијативен одбор, ова се луѓе што пристапуваат набрзина. Има луѓе кои многу би сакал да ни се приклучат. Еве, би сакал да го видам Никола Димитров, дури и како претседател, Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи исто би сакал да ги видам како членови. Меѓутоа, знаете, јас на Твитер поканив одреден број твитерџии со кои имаме слични ставови. Многу малку вратија на идејата, меѓутоа други луѓе пристапија. Сепак, на оние што не се приклучија им кажав подоцна дека никому не му се лутам што не ме следат и апсолутно дека сакам да продолжи нашето дружење околу темите што претходно нè врзувале.

МИ НЕДОСТАСУВА НИКОЛА МЛАДЕНОВ ВО ОВИЕ БИТКИ

ФОКУС: Еве понуда за идниот портпарол на Твоја партија повторно да пишува колумни во „Фокус“, на порталот.

ТОРТЕВСКИ: Добро, добро. Може и за неделникот. Па, добро, сега јас сум така сентиметалист. Пред некој ден помислив колку ми недостасува Никола Младенов во овие битки сега.

ФОКУС: Со своите исто луцидни тези и коментари.

ТОРТЕВСКИ: Не знам како Никола би го поднел ова со „Рекет“, иако да се разбереме тоа е „Поткуп“. Тоа е успешен поткуп благодарение на кој е купена слобода.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.