Интервју со внукот на Тито: Мини-шенгенот е почеток на едно ново обединување на Балканот

by Fokus

Внукот од син на Јосип Броз Тито беше почесен гостин на отворањето на новите простории на акцијашкиот клуб „Брег на младоста од Охрид“, во кој се обединети стотици ученици и студенти родени по распадот на Југославија, а, сепак, задоени со идеите за братство, единство, волунтаризам и солидарност. Тој ги поддржува идеите за ново обединување на Балканот, а мини-шенгенот го смета како добра почетна точка, особено затоа што е базиран на економската логика

Разговараше: Дејан Азески

ФОКУС: Зошто сте во Охрид и во Македонија?
БРОЗ: Поканет сум на настан на акцијашкиот клуб Брег на младоста од Охрид, како најсилна акцијашка организација во целата поранешна Југославија, која обединува најмногу млади. Тито велеше кој има млади, има и иднина, а според ова што го видов, акцијашкиот клуб од Охрид со преку сто членови помлади од осумнаесет години, сигурно има голема иднина.

ФОКУС: Кој е Јошка Броз денес, а со што се занимавал во текот на кариерата?
БРОЗ: Денеска јас сум пензионер и секако пратеник во Собранието на Србија од Комунистичката партија, која е во коалиција со СПС на Ивица Дачиќ. Низ животот сум работел сѐ и сешто, но најмногу покрај мојот дедо во делот на ловиштата, шумарството, во полицијата околу неговото обезбедување. Што да кажам, убаво живееме во тие времиња.

КИРО ГЛИГОРОВ МЕ ПОСЛУША ЗА ЈНА

ФОКУС: Како ја гледате Македонија денес и по колку време доаѓате овде?
БРОЗ: Македонија не можам да ја гледам поразлично од сите други југословенски републики. Единствено попозитивно за Македонија е што успеа да излезе од Југославија без војна. Киро Глигоров веројатно ме послуша и мене кога го предупредив дека во процесот на повлекувањето на војската некој намерно бара конфликт. Мојот совет беше дека не смее да се дозволи Македонија да подлегне на тие провокации.

ФОКУС: Војската однесе тогаш сѐ…
 БРОЗ: Најмудра одлука беше што дозволивте војската да однесе сѐ, па дури и штекерите од ѕидовите, но, сепак, се зачуваа човечките животи. За жал, Македонија и денес е една од најсиромашните држави и апсолутно ништо не доби од распадот на Југославија. Но, затоа доби од постоењето на Југославија.

ФОКУС: И денес може да се слушне дека постоењето на Македонија е заслуга на Тито.
БРОЗ: Лично Тито се залагаше таа да стане рамноправен дел од новата федерација по војната. Така Македонија го доби своето место под сонцето и своето место во светот. За жал, во Македонија, како и секаде, владеат луѓе што се контролирани од Западот. Но, покрај ваква младина, каква што гледам овде во Охрид, и покрај вакви луѓе што сѐ уште држат до своите изворни идеи и идеологија, тоа големо лево-југословенско движење повторно би можело да дојде на сцена. Само ни е потребна поголема слога за повторно да бидеме обединети и силни, вака сме сите мали и неважни.

ФОКУС: Вие имате мешани хрватски и руски корени, а, сепак, уште живеете во Белград и сте пратеник во нивното собрание. Која е вашата етничка припадност?
БРОЗ: Јас сум повеќе од 70 отсто Русин. Баба ми беше Русинка, татко ми половина Русин. Јас не сметам дека Словен е збир од различни народи, за мене тоа е еден ист голем народ, кој е намерно раскаран меѓу себе од нашите непријатели од страна. Како што вие имавте проблем со Бугарите, ние имавме проблем со Хрватите, со Босанците. И не е чудно што некој постојано се труди да ги раскара и разедини Словените, тоа е начинот на владеење. Инаку, ако народот се обедини, не можеш ти така да го владееш и да го газиш.

МАЛИТЕ ДРЖАВИ ЕКОНОМСКИ ТЕШКО ОПСТОЈУВААТ

ФОКУС: Моментално е актуелна некоја нова идеја за скратена Југославија преку таканаречениот мини-шенген меѓу земјите од Западен Балкан. Што мислите за таа идеја?
БРОЗ: Сметам дека мини-шенгенот е почеток на едно ново обединување, и тоа особено го поддржувам, бидејќи е базирано на економска основа. Јас од секогаш ги предупредував раководствата на новите мини државички што останаа по Југославија дека економски не можат да издржат сами. Само обединет пазар и заедничко производство има некаква логика и конкурентност во светот. Ние во минатото сѐ постигнавме со меѓурепубличката соработка. И нашите фабрики, ако се сеќавате, беа така структурирани да бидат збир од делови од сите републики и на крај еден заеднички производ со додадена вредност да се извезува во странство. Но, очигледно некој мораше и тоа да го уништи само за да ја уништи Југославија, која очигледно многу им сметаше. И тоа, покрај политички, донесе и економски последици, кои буквално може да се споредат со просјачки стап. Во минатото имавме на четири вработени еден пензионер, а сега е два на еден, а можеби и еден на еден.

ФОКУС: Вие сте член на коалицијата на СПС и Ивица Дачиќ, кој барем декларативно ги застапува старите идеали. Дали таа лева-социјалистичка идеологија во Србија уште има некоја перспектива или се потпира само за пензионери и таканаречени југоносталгичари?
БРОЗ: Тоа е заблуда. Не само во СПС, туку и во мојата Комунистичка партија има многу млади луѓе. Тие многу повеќе од нас ја гледаат економска неправда, која е застапена во општеството и природно се приклонуваат кон левицата.

 

 

 

 

Поврзани новости