Интервју со Узуновски: Никој не смее да го ограничи правото на човекот да се лекува како што сака

by Fokus 19:42
19:42

Огнен Узуновски од „Операција ослободување“ во интервју за „Фокус“ објаснува дека основна цел на движењето, кое се формирало спонтано, е да се декриминализира поседувањето и одгледувањето на канабис за лична употреба, а потоа и да се донесе целосна легализација на одгледувањето, продажбата и консумирањето на канабис, преку прецизно утврдена законска рамка.

ФОКУС: Што претставува „Операција ослободување“ и кој стои зад оваа иницијатива ?

- Advertisements -

УЗУНОВСКИ: „Операција ослободување“ е движење чија основна цел е да се декриминализира поседувањето и одгледувањето на канабис за лична употреба, а потоа и да се донесе потполна легализација на одгледувањето, продажбата и консумирањето на канабис, преку прецизно утврдена законска рамка.

Основата на „Операција ослободување“ е невладината ЗНАМ (Зелена национална агенда на Македонија) формирана во мај 2017 година, а поддршката ја црпиме од илјадници луѓе од сите социјални слоеви и сфери. Листата е долга и би можел да набројувам буквално со часови, и е достапна на официјалната фејсбук-страница. „Операција ослободување“ има поддршка и од невладиниот сектор, како и голем број здруженија и угостители.

ФОКУС: Како дојдовте до оваа идеја и дали таа е резултат на актуелните случувања поттикнати од законско регулирање на оваа сфера ?

УЗУНОВСКИ: Идејата за „Операција ослободување“ дојде спонтано, но, сепак, е плод на еден долг процес исполнет со дебати, размислувања и концепти во кој учествуваа десетици поборници за декриминализација на личната употреба и производство на канабис. Иницијална каписла беше легализацијата за медицинска употреба и производство.

ФОКУС: За што конкретно се залага движењето „Операција Ослободување“?

УЗУНОВСКИ : Две барања веќе кажав – целосна декриминализација на поседување за лична употреба и производство на канабис за лична употреба. Меѓутоа, тоа е само дел. Императив ни е зголемувањето на бројот на здравствени состојби за кои може да се користат препарати од канабис, согласно медицината базирана на докази. Лекарства врз база на канабис да може да ги пропишуваат, не само лекарите од јавното, туку и од приватното здравство, но да се остави можност и за личен избор – пациентот на кого му е пропишана терапија со канабис да може самиот да одгледува и користи канабис во форма каква што нему му одговара.

ФОКУС: Нели е тоа, сепак, преширока рамка и колку може да се контролира за да не дојде до злоупотреби? 

УЗУНОВСКИ: Никој не смее да го скрати или да го ограничи правото на избор како човек со здравствени проблеми сака да се лекува. Тоа е нехумано, пред сѐ. Бараме и да се дозволи отворање на т.н. „социјални клубови“, каде што канабисот легално би се продавал и консумирал. „Социјалните клубови“ не се ништо ново, постојат и функционираат со декади, а во моментов ги има во петнаесетина држави низ светот и не треба да се поистоветуваат со „кофи шоповите“.

ФОКУС: Претставници на невладиниот сектор бараат да бидат вклучени во Агенцијата за канабис. Која е целта на инсистирањето да се формира и посебен фонд?  

УЗУНОВСКИ: Со легалната продажба на канабис ќе се генерираат високи суми што ќе влезат во Буџетот, тоа е факт и е потврдено во сите држави каде што продажбата на канабис е легална и оданочена. Дел од данокот што ќе се генерира во Буџетот од продажбата на канабис да се пренамени, во посебен Фонд, за помагање во лекување на ретките болести како и за маргинализираните групи.

ФОКУС: За што поточно се залагате: за декриминализација или за легализација?

УЗУНОВСКИ :Зборуваме за двете. Едното не го исклучува другото. Со декриминализација секој би можел да поседува и да одгледува за лична употреба, а со легализација и да може да купи, доколку одлучил дека не сака да одгледува, или, пак, не е во можност.

ФОКУС: На кој начин би можело да се изведе сево ова и дали имате во вид некаква конкретна компаративна практика што би можела да се примени?

УЗУНОВСКИ: Тоа е процес што ќе бара многу дебата и експертизи. Има повеќе примери во светот како би можело да се уреди. Тоа се позитивни искуства што треба да се простудираат. Никако да се препишат или применат. Секоја држава е посебна. Претставници од власта и од опозицијата, невладиниот сектор, експерти од здравството и правото. Тие се клучните во изготвувањето на прецизна законска рамка, која ќе се применува и преку која ќе се спроведе процесот на декриминализација и легализација.

Во моментов имаме половично законско решение со кое е опфатено производство за медицински цели и употреба, решение што треба да се доработи и што претставува добар основ за натамошна работа

ФОКУС: Кои решенија сметате дека треба да најдат свое место во измените на законската регулатива, а кои би довеле до подобрување на тестот?

УЗУНОВСКИ: Еве, пластично да објаснам. Секој да може да има неколку растенија во својот дом и извесно количество за лична употреба. Прецизно колку, не би сакал да навлегувам и тоа ќе го оставам на експертската група што би го изработила законот.

Канабисот што би се продавал во социјалните клубови, во зависност од бројот на членови, би се одгледувал под контролирани услови од самиот Социјален клуб, или би се набавувал од веќе лиценцираните домашни производители.

Со ова, убеден сум, а тоа е ставот на сите што се дел од „Операција ослободување“ дека ќе се отворат стотици, ако не и илјадници работни места и ќе се генерира пристојна сума во Буџетот и во Фондот. Вакви позитивни искуства има во повеќе држави во Европа и во светот. Тие анализи и документи се јавно достапни официјални информации и тука нема што да се дискутира.

ФОКУС: Како долгогодишен сопственик на познати локали во градот, колку сте убеден дека со легализацијата на канабисот би се раздвижил угостителскиот бизнис? Може ли Скопје и Охрид да станат Амстердам?! 

УЗУНОВСКИ: Клучна работа е што тоа ќе отвори можност за просперитет на мали и средни претпријатија, а со тоа и на државата. Македонија ќе биде на туристичката мапа, без сомневање. А тоа е профит за повеќе сектори и индустрии. Со ова би се нанел сериозен удар на криминалните кланови што заработуваат милиони евра годишно од нелегалната продажба на канабис, пари кои потоа ги користат за мито и корупција како на полицијата, судството и државните институции, така и на локално ниво. Пари што ги користат за купување политичка заштита.

ФОКУС: Сѐ уште постојат многу реакции во јавноста, но и отворени стравувања дека со помош на канабисот наводно младите би можеле да се навлечат на посилни дроги. Колку е оправдан ваквиот страв и како планирате да одговорите на стереотипите и стигмата? 

УЗУНОВСКИ: Противници има многу. Имало и секогаш ќе има. Како прво, тука е всадената претстава дека канабисот е дрога и малолетници ќе консумираат. Напротив, ќе биде ЗАБРАНЕТО за малолетници и за лица под 21 година. Нормално е да има отпор, но не е нормално некој со сила да ја лаже јавноста и да дава искривена слика.

Истото важи и за туризмот, за кој сум цврсто уверен дека ќе доживее комплетен „БУМ“. А, повторно со сила, преку портали и луѓе, се пласира сликата дека државата би била преплавена од зависни од тешки дроги, ќе се зголеми стапката на криминал… Чиста лага! Секаде каде што канабисот е легализиран, стапката на криминал се намалила.

ФОКУС: Премиерот Заев најави дебата за легализација. Но, колку во сета оваа голема политичка поддршка има и лични бизнис мотиви на семејството на премиерот? 

УЗУНОВСКИ: Да. Тој е првиот премиер кој јавно излезе и кажа дека дебата мора да има. Кој ќе биде исходот, ќе видиме. Нашето мислење е дека ова е многу позитивен исчекор и сега е време да се дебатира за најсоодветни законски решенија и да се размислува за тоа како тоа да оди во прилог на јавниот интерес и секако луѓето и нивните права.

Сосема непотребни се дебатите и полемиките со политичка заднина за тоа кој ќе се збогател, дали би било семејството на Заев или, пак, неколкумина негови политички опоненти кои се во тој бизнис. Ако јас се прашувам, а тоа е ставот на „Операција ослободување“, секој што сака да има дебата на оваа тема, без разлика на пол, вера, национална или партиска припадност ја има нашата поддршка.

ФОКУС: Може да се слушнат и обвинувања на ваша сметка дека на ваков начин одработувате за некои центри на моќ? 

УЗУНОВСКИ: Повторно ќе кажам, секој што се залага за легализација ја има нашата поддршка. Трагично е што невладиниот сектор е поделен и поларизиран по ова прашање исто како и активистите за декриминализација и легализација. Обвинувања, паушални, има и за мене. Немам намера да ги коментирам бидејќи се неаргументирани. Егото мора да се тргне на страна, сите имаме иста цел и ист двигател.

ЗНАМ, чиј основач сум јас, постои од 2017 година, тоа кажува многу, а и дава одговор на многу обвинувања и озборувања. Сите што ме познаваат знаат кои се моите ставови. Впрочем, листата на поддржувачи на „Операција ослободување“ е долга и таму може да се сретнат и аполитични, но и поддржувачи на политичка опција. Целта ни е иста, барањата ни се исти и се од национална важност… Декриминализацијата и легализацијата се тоа што ѝ е потребно на Македонија!#восемкатаеиднината

Г.Д

 

Поврзани новости