Интервју со Тамара Тодевска: Донацијата од 10.000 евра од Боки 13 никогаш не беше реализирана!

by Fokus

Од евровизиска ѕвезда која и донесе историски успех на нашата земја на престижниот музички натпревар, до, за многу кратко време личност буквално распната на крст од поголемиот дел од јавноста, по интонирањето на националната химна во американската амбасада по повод прославата за 4-ти јули, при кое како што тврди, ненамерно го изоставила стихот со Делчев, Питу и Сандански.

Откажани настапи, јавен линч, но и поддршка од блиски пријатели. Зад поп ѕвездата Тамара Тодевска остана турбулентен период кој веруваме дека никогаш нема да го заборави. По паузата од јавни настапи долга повеќе од два месеци, вечерва таа им се враќа на настапите.

Жената со моќен вокал, која растеше на сцената под лупа на јавноста, откако за прв пат се појави на естрадата како шест- годишно девојче заедно со Маријана и Росана на фестивалот ,,Макфест”, ќе пее во Скопје, на Камениот мост во склоп на манифестацијата ,,Звуците на чаршијата”.

За ,,Фокус” раскажува за бурниот период низ кој што минувала периодов, за љубовта и поддршката од семејството, за искуството од Евровизија, но и за тоа што се случило со донацијата од менаџментот на 1ТВ која ја доби веднаш по враќањето од Израел.

Фокус: Од Евровизиска ѕвезда која и донесе огромен успех на нашата земја, за кратко време стана мета на напади, поради како што самата појасни, ненамерната грешка при интонирањето на химната. Колку и како сето тоа ти влијаеше, таа ,,хајка” на социјалните мрежи, напади, навреди?

Тамара: Верувам дека во животот ние самите сме си одговорни за работите што ни се случуваат. Знам дека направив голема грешка и навистина ми е жал за се што се случи. Не велам дека ми беше лесно тие неколку денови, но од друга страна јас знам која сум, знам што сум и знам во што верувам и ниеден лош коментар или навреда тоа нема да го промени. Македонија е мојата татковина. Земјата која ме направи појака, похрабра, помудра. Земјата во која растат моите деца и земјата со која се гордеам. Се во животот е лекција, а јас ја научив мојата.

Фокус: Ги откажа настапите во Прилеп и Охрид поради тогашната ситуација, дали во одредени моменти помислуваше дури и да ставиш крај на музичката кариера?

Тамара: Одлуката да ги откажам концертите не беше лесна бидејќи преку нив сакав да им се заблагодарам на сите македонци и на моите фанови за огромната поддршка. Тешките моменти во животот не прават цврсти и посилни и ова искуство само уште повеќе ме направи решителна во остварувањето на моите професионални планови. Успехот на Евровизија е само почетокот и мал ,,тизер” на она што допрва ќе следува.

Фокус: Како го надмина тој период, кога беше актуелна во сите медиуми и на некој начин распната на крст?

Тамара: Имам прекрасно семејство, го имам најдобриот сопруг на светот и две деца кои се центарот на мојот свет. Со нивната љубов и поддршка чувствувам дека можам да ги пребродам сите предизвици. Тоа беше тежок период за сите нас, но на еден начин и повеќе не зближи и не направи појаки.

Фокус: Најавена е твојата европска турнеја наредниот месец во Шпанија, Данска и Германија. Твои очекувања од ова европско претставување?

Тамара: Оваа мини турнеја е на еден начин да го кажам моето благодарам до сите мои фанови во Европа и луѓето што ме поддржуваа на Евровизија. Без нивната љубов и поддршка ниту еден мој сон немаше да биде реалност.

Фокус: Кога по враќањето од Евровизија гостуваше во 1ТВ, од менаџментот на чело со Бојан Јовановски доби донација од 10.000 евра, како помош во твоето градење на интернационална кариера. Боки е твој долгогодишен пријател, очекуваше ли нешто такво од него и што се случи со донацијата, ги подигна ли средствата, ги искористи ли, или пак ќе ги донираш во некоја хумана цел?

Тамара: Не би сакала да коментирам ништо околу случувањата со Бојан Јовановски. Сепак, се познавам со него подолго време и кон мене бил секогаш коректен. Донацијата никогаш не беше реализирана.

Фокус: Поминаа повеќе од два месеци од бурните настани, им се враќаш на настапите во земјава, што може да очекуваат твоите слушатели, нова песна, албум наскоро?

Тамара: Се работи на нешто многу добро, но во моментов не можам да ви откријам детали. Нека биде изненадување за сите.

Фокус: Евровизија, дали би прифатила повторно да настапиш на манифестацијата, веруваш ли дека овој успех може да биде надминат во скоро време?

Тамара: Евровизија е најубавото професионално искуство во мојот живот. Доказ дека со тимска работа и многу позитивна енергија сите наши желби се остваруваат. Мојата желба е веќе исполнета. Посакувам и други наши артисти да ја почувствуваат евровизиската магија, а јас секогаш ќе бидам тука да им помогнам и да ги поддржам.

Вики Клинчарова

Поврзани новости