Интервју со Ружица Ареа: Не е до парите, Сариевски и Јонче Христовски не добиваа субвенции, ама оставија евергрини!

by fokus

Ружица Милошеска Бричоска, или едноставно Ружица Ареа е препознатлив лик на нашата рок сцена речиси три децении. Вокалистката на бендот чии песни сеуште траат и се пренесуваат од генерација на генерација сеуште зрачи со истата харизма и им пркоси на годините.

Живее мирен живот во Гостивар со сопругот Ивица, кој е инаку гитарист во Ареа, со кого ја имаат ќерката Елена (23), а вработена е како елктро инженер во ЕЛЕМ.

Деновиве се подготвува за концертот во Охрид, на плажата Градиште, кој ќе се случи на втори август. Самата најава за концертот беше дочекана со воодушевување од страна на нејзините фанови, а во интервјуто за „Фокус“ таа ги открива музичките планови на Ареа, раскажува за состојбата на естрадата пред дваесет години и денес, за настапите на музичарите на партиски прослави, за субвенциите за музика и апсурдот за нарачките за родољубиви и семејни песни.

Фокус: На почетокот на деведесттите години Ареа направи музичка револуција на нашата сцена. Како започна вашата приказна, очекувавте и верувавте ли дека и кај нас може да се стане популарен со помош на рок музика, да ве бараат на настапи, да се купува влезница повеќе за вашите концерти?

Ружица: Приказната на Ареа започна со самиот спој меѓу Ружица и Ивица (некои не нарекуваа Ивица и Марица), ха,ха. Поточно Ареа се формира и започна да функционира во 1991 година со создавањето на првите 3 авторски песни и пријавувањето на Поп-рок фест ’92 каде што, неочекувано за нас, победивме и во 1992 година во МРТВ го снимивме дебитантскиот албум “Случајно тука“. Во бендот тогаш бевме јас, Ивица, Чеде, Горан и Душко. После 26 години сме во истиот состав, со таа разлика што наместо Душко на тапани сега е Владо. Колку што се сеќавам немавме баш некои очекувања за голема популарност, туку само имавме сон да настапуваме и тој сон го следевме.

Фокус: Имавте мала пауза, па се вративте со легендарната,,Сите мои слики,, во 2000 година. Како функциониравте во тој период, ви се смени ли животот по издавањето на хитот, кои придобивки ви ги донесе етикетата на една од најпопуларните рок групи кај нас?

Ружица: Во тој период го издадовме вториот албум „Врати на имагинација“ под капата на Авалон Продукција, со најголемиот хит „Сите мои слики“ и тоа беше веќе поинаков начин на функционирање. Бевме позрели и бевме водени од добра продукциска куќа која ја насети можноста за успех и вистински ја организираше целата работа околу издавањето и промовирање на албумот и настапите. Етикетата на една од најпопуларните рок групи ни носеше задоволство и поттик за работа, а од друга страна одговорност за понатаму, во смисла на квалитетот на музиката која ја создававме.

Фокус: Кај нас ретко кој може да ја наполни Универзална сала. Вам тоа ви успеа во неколку наврати, би сакале ли пак да го повторите искуството, би одржале ли повторно голем концерт во Скопје?

Ружица: Универзална сала сме ја наполниле 3 пати, еднаш во 2000-та, а потоа два пати на unplugged концерите во 2010-та година. Но, исто така битно е да се спомне дека два пати сме го наполниле и Скопскиот саем и тоа првиот пат (2000-та година) беше буквално преполнет и надвор останаа луѓе кои имаа влезници, а не можеа да влезат. Сите овие концерти, а и многу други беа во организација на Авалон Продукција. Секако дека посакуваме повторно да одржиме голем концерт во Скопје, но сепак за тоа треба да се создадат услови, пред се Ареа е потребно да издаде нов материјал.

Фокус: Веќе со години немате снимено нова песна, албум, на некој начин сте повлечени од сцената. Која е причината за тоа?

Ружица: Иако немаме нов материјал со години, ние сме барани и доста настапуваме. Некако како повторно да заживеаа старите песни кај новите генерации кои веројатно ги учат од интернет, а и оние кои се повозрасни доаѓаат на концертите и со задоволство се потсетуваат на тие песни.

Фокус: На втори август е најавен ваш концерт во Охрид. Што може да очекуваат посетителите?

Ружица: Зад нас имаме 5 студиски и еден live албум, па на концертот ќе свириме одбрани песни од албумите на Ареа.

Фокус: Ќе има ли големо враќање на Ареа, нови хитови, спотови?

Ружица: Никогаш не сме кревале прашина околу некакво големо враќање иако после издавањето на секој албум имало паузи некогаш и повеќе годишни. Оставаме делото да посведочи за тоа. Од друга страна никогаш не знаеш дали некоја песна ќе биде хит и дали воопшто ќе имаш хит. Потребно е да се состават повеќе коцкички за такво нешто. А за тоа сметам дека не сме доволно паметни. По мене, конците ги води некој „одозгора“ или со други зборови ние спремаме песни, а што ќе биде само Бог знае.

Фокус: Македонска забавна музика пред дваесет години и сега, која е разликата, што е потребно на нашата естрадна сцена?

Ружица: Пред дваесет години… Па имаше повеќе ентузијазам кај музичарите, повеќе креативност, имаше сон за создавање на големи проекти, за квалитет. Истото беше и со медиумите, весниците, телевизиите. Сега тоа го нема. Станавме многу површни. Имаме натпревари за најдобар пејач и толку. Тука се застанува. А што понатаму, кој ќе пишува песни за тој пејач, како ќе се одвива неговата музичка кариера? Имаме пејачи, а немаме песни. Мислам дека младите пејачи или оние кои сакаат да станат пејачи имаат искривена слика за тоа што значи да си популарен музичар и да траеш. Не е само убаво да пееш и убаво да си облечен. Треба многу повеќе од тоа.

Фокус: Политиката и музиката, многу музичари во изминатите години беа обележани како партиски војници кои пејат на митинзи, имаше скандали околу доделување на владини субвенции за музика за песни кои никогаш не станаа хитови ниту пак се слушаа во етер. Како гледате на тие случувања?

Ружица: Политиката и музиката, по мене, не би требало да одат заедно. Но, сепак да не заборавиме дека ова е мала земја и мал музички пазар, па музичарите често немаат извор за заработка и затоа настапуваат на митинзи на политички партии. Верувам дека парите се причината за најголемиот дел од нив. А за некои можеби и не е така, можеби некои настапуваат и заради идеологијата на политичките партии. Навистина не би сакала да се правам паметна и да давам мислења за други. Секој има слобода да прави како сака. Ареа никогаш не настапувала на политички митинзи, а немаме намера ни во иднина тоа да го правиме. Сме настапиле на државни прослави и со претходната власт и со оваа, затоа што во дадениот момент сме имале ист став со партиите на власт за правецот на движење на државата.
А околу доделувањето на субвенции немам зборови. Тоа ми е навистина смешно: субвенции за песни со родољубива содржина или со семејна содржина. Дајте ве молам, парите не можат да создадат добри песни, ниту можат да се создадат добри песни по нарачка. Зарем на Сариевски или на Јонче Христовски некој им дал субвенции за песните кои до ден денеска се евергрини во македонската народна музика?

Фокус: Со гитаристот Ивица сте долги години во брак, имате ќерка. Како функционирате заедно, тешко ли е да се одвои приватното од професионалното, имате ли некоја анегдота од настапите?

Ружица: Порано често се случуваше некоја расправија на проба со бендот негативно да влијае на атмосферата во семејството, така што требаа долги години за да научиме да фукционираме така што ќе го одвојуваме приватното од професионалното. Но, за се има лек, ха,ха. А анегдоти за сите овие години, колку сакаш. Еднаш на пример, имавме неколку последователни концерти секој ден и на настапот во Кавадарци јас ги поздравив кавадарчани со „Добро вечер Куманово“, а останатите од бендот со ококорени очи ме гледаа, а некој ми рече: Знаеш кај сме? Брзо сфатив дека направив лапсус. После концертот се смеевме.

Фокус: Бевте идол на многу девојки, останавте верна на вашиот автентичен стил, некој збор околу женските работи, имате ли стилист, кој се грижи за вашиот изглед пред настап, посетувате ли козметички салони?

Ружица: Порано бев убедена дека треба одам во козметички салони и за мене да работат стилисти за да бидам успешна на сцената. Набрзо сфатив дека тоа не е за мене. На концертите ми е најважно да сум одморена и наоружана со позитивна енергија. Исто така јас сум едноставна во облекувањето, а за стиловите на облекување кога се работи за мене, имам сенс. Сепак самите себе најдобро се познаваме, нели? Секако не сум го одбивала мислењето на стилистите кои биле здолжени за мојот изглед кога се снимале спотови по одредено сценарио.

Фокус: На што се должи добрата линија, спортување, посебен режим на исхрана или едноставно генетика?

Ружица: Јас сум вегетеријанка, значи не јадам месо 20 години. Тоа не е заради добра линија, туку пред се заради моето убедување дека животните се со нас не за да ги јадеме, туку за да ни помогнат да се осознаеме себе си. Не спортувам, но постојано се движам. Се трудам да се хранам здраво, односно да внесувам се што ми е потребно и тука нема некоја филозофија. Но пред се, се трудам да бидам умерена и постојана во исхраната.

Фокус: Покажува ли ќерката Елена интерес кон музиката, ќе има ли Ружица своја наследничка?

Ружица: Елена покажува интерес кон музиката, има убав глас и прекрасно пее. Па крушата под круша паѓа, нели? Некогаш дома заедно пееме, а Ивица свири. Инаку, Елена е студент на архитектонскиот факултет и само времето ќе покаже дали ќе тргне по нашиот пат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости