Интервју со Ива Милошевска: Секој убав спомен како тинејџер ми е поврзан со италијанскиот накит „Rebecca“, а сега убавото парче накит може да се најде и во Македонија

by Fokus

Ива Милошевска е 22-годишна девојка која амбициозно влезе во бизнис водите и пред десетина дена стана сопственик на дуќан за ексклузивниот италијански накит „Rebecca“ сместен во трговскиот центар Рамстор. Таа четири години живеела во Рим, Италија за време на студиите и имала можност добро да се запознае со италијанската култура и стил на живеење. „Rebecca“ е познат италијански накит, кој постои повеќе од 20 години на пазарот, а сега и македонските граѓани имаат можност да се запознаат со убавото парче накит кој им е достапен во единствениот дуќан лоциран во Рамстор.

„Фокус“ направи интервју со сопственичката на дуќанот, која успеа да донесе парче убав италијански накит кај нас. Таа во детали објаснува како се создавал брендот „Rebecca“, колку продажни салони има, како се изработува ексклузивниот италијански накит?

ФОКУС: Пред само една недела во Рамстор свечено беше отворен вашиот дуќан за ексклузивен италијански накит „Rebecca“, прв од таков вид во Македонија. Која е причината што се одлучивте на ваков чекор?
МИЛОШЕВСКА:Jас живеев во Италија четири години за време на студиите. Во Рим, имав можност да ја ја научам италијанската култура, италијанскиот јазик и стил на живот. Кога бев при крај со додипломските студии, размислував да останам таму, но како надвор од Македонија бев сама од својата 17-та година, сепак се решив да донесам парче од Италија овде кај нас!

ФОКУС: Кога за првпат се сретнавте со убавините на италијанскиот накит?
МИЛОШЕВСКА: Мојата лична приказна за овој бренд на накит е сплет од емоции! За својот 18-ти роденден, кој како секој тинејџер со голема возбуда го чекав, сосема неочекувано се случи да останам сама во Љубљана, каде тогаш живеев. Мојата драга пријателка и моето единствено “семејство” таму ми подари ланче со иницијалот ,,И” кое и ден денес го чувам. Оттогаш, решив за секој важен момент во мојот живот да купувам по некој ,,спомен” и по некоја случајност, тоа скоро секој пат беше парче од „Rebecca“! Кога пристигнав за прв пат на студиите во Рим, мојата мајка ми подари приврзок со форма на клуч како знак на отклучување на ново поглавје во мојот живот.

ФОКУС: Може ли во кратки црти да ни ја објасните приказната за „Rebecca“
МИЛОШЕВСКА: Тоа е всушност лична  и семејна приказна. Брендот ,,Ребека” е сопственост на групацијата ,,Индустри Тести С.п.А.” и постои веќе 20 години на пазарот за накит. Одлуката на сопственикот, основач и главен дизајнер, г. Алесандро Тести да ја отпочне компанијата во Италија произлегува од неговата длабока желба да ја претвори максимата “Made in Italy” во автентична корпоративна приказна.Основна дејност е производство и дистрибуција на високостилизиран накит и комплетна посветеност на иновациите – во однос на производите, услугите и процесите. Брендот името го добил по Ребека Тести, првото од трите деца на сопственикот, која во моментов работи како дизајнер и раководител на одделот за дигитален маркетинг на компанијата, додека сопругата, госпоѓа Паола Тести е задолжена за корпоративниот развој на брендот.

ФОКУС: Како се изработува накитот и што е поразличен од другите видови на накит?
МИЛОШЕВСКА: Спојот на традицијата и иновативноста ја прави компанијата вистинска референтна точка на софистицирани и модерни “Made in Italy” производи. Главната  производствена технологија е Cad/Сam, воведена за првпат во индустријата за накит од страна на Алесандро Тести, во комбинација со ласерски техники, дијамантско сечење, како и извонредните процеси за патинирање и премачкување кои биле употребувани од старите јувелири.Сите фази во производниот процес, дизајнирањето, набавката на суровините, контролата на квалитетот на производите и дистрибуцијата се одвиваат токму во фабриката во Фиренца која се простира на површина од 4,500м2. Ваквата иновативна и оригинална изработка на накитот придонесе за краток временски период „Rebecca“ брендот да се наметне на глобалниот пазар за накит и да има непосредно влијание врз истиот. Само неколку работни часа се потребни за тимот на главниот дизајнер Тести, во просториите на компанијата од фазата на дизајнирање (скицирање) на производот до изработка (реализација) на истиот во совршено парче накит. Токму тука е разликата на оваа индустрија за накит и останатите: наместо бренд на скапоцен, Тести создал бренд на моден накит користејќи ги истите технологии на производство но со малку поинакви материјали. Токму затоа, парчињата од „Rebecca“ накитот се достапни за поширок спектар на потрошувачи. Денес „Industrie Testi“ е признат партнер на големи мултинационални компании како Fendi, Gucci, Balenciaga, Burberry, Saint Lauren и слични.

ФОКУС: Кои се заштитните лица во Македонија, а кои во светот на овој бренд
МИЛОШЕВСКА: Брендот „Rebecca“ е постојано присутен во медиумите, а во Италија го држи рекордот на застапеност во однос на конкуренцијата.Стратегијата се заснова на интернационални кампањи со водечки агенции, фотографи и врвни модели како протагности на брендот. Накитот го имаат носено планетарно познатите јавни личности: Бијонсе, Ријана, Линзи Лохан, Ева Мендез, Пинк, Бар Рафаели и многу други. Во моментов, заштитно лице е италијанската убавица Федерика Нарџи. 28-годишната Федерика е италијански модел, ТВ-водител и актерка. Во Италија има свое ТВ шоу, се појавува во неколку музички спотови а има одиграно и неколку ТВ улоги. Сопруга е на поранешниот фудбалер на Јувентус и Милан, Алесандро Матри со кој ја има ќеркичката Софија. За протагонисти на „Rebecca“ брендот во Македонија, базата во Италија ги избра естрадните уметнички Каролина Гочева – Корубин, Бесијана Касами – Биг Мама и артистотза коса и шминка Арменд Рамадани.

ФОКУС: Сте студирале во Рим. Што беше пресудно за вашето враќање во Македонија и отпочнување на бизнисот?
МИЛОШЕВСКА: За она “што потоа” со студиите, почнав да размислувам за време на последниот семестар, на почетокот на годинава. Опциите беа бројни: после-дипломски студии, работа во маркетинг агенција, стажирање во еден голем странски магазин, работа во домашна или италијанска компанија и слично. Но, сето тоа ми изгледаше некако ,,статично”. Едукацијата која ја добив надвор од Македонија вредеше за секој вложен цент и сакав практично да го искористам своето знаење на начин на кој најдобро умеам а под палката на поголем систем каде постојат строго дефинирани правила на функционирање. За моите родители, оваа моја одлука беше срдечно поздравена и имам огромна поддршка. Тие постојано ме охрабруваа да размислувам оптимистички, позитивно и пред сѐ надвор од кутијата, да бидам растеретена од предрасуди, и да се стремам кон слободумност и иновативност.
Всушност, од десеттина мои врсници со кои студиравме надвор од Македонија, само тројца се вратија дома и се одважија да се испробаат овде. Заклучивме дека е тешко но ќе издржиме! Искуствата собрани за време на студиите во Америка, Словенија, Италија и Дубаи решив да ги аплицирам на локално ниво.Македонија е сепак мојата татковина и сакав токму тука да донесам некаква додадена вредност.

ФОКУС: Ексклузивниот италјански накит веќе една недела е на бизнис пазарот. Како е прифатен меѓу граѓаните?
МИЛОШЕВСКА: Особено сме горди што сме меѓу 50-те flagship продажни салони на брендот во Европа. Стратегијата на компанијата не е ширење во квантитет, туку во квалитет. За отварањето на салонот во ТЦ Рамстор во Скопје имавме чест да дојде лично Ребека Тести, ќерката на основачот и главниот дизајнер на компанијата која во својот говор истакна дека „не е сѐ во поставувањето на уште едно знаменце на мапата“. Една недела е навистина малку за да можам да дадам генерална констатација, но покрај тоа што македонскиот е исклучително ценовно чувствителен пазар, особено ми е драго што нашите луѓе навистина сакаат убави работи. За сега, приемот е повеќе од задоволителен а ние ќе се потрудиме да остане така, дури и да бидеме уште подобри. Освен производот, во целата концепција многу внимание посветивме на услугата, просторот, начинот на комуникација со клиентите и самото комуницирање на брендот.

ФОКУС: Дали Македонците знаат да проценат добро парче накит
МИЛОШЕВСКА: Тука со задоволство можам да кажам едно големо ,,ДА”. Иако во многу случаи цената игра огромна улога при донесувањето на одлуката за купување, сепак квалитетот и естетиката знаат да преовладаат. ,,Rebecca” e бренд кој спаѓа во категоријата на висока селектива, но ценовно, не припаѓа на категоријата на високо-луксузни брендови. На мојот универзитет, кај колешките беше многу популарен бренд, а скоро сите бевме со релативно ‘лимитиран’ студентски буџет.

ФОКУС: Што се нудите од познатиот италијански накит?МИЛОШЕВСКА: Асортиманот на „Industrie Testi“ содржи над 4000 артикли. За салонот во Скопје донесовме околу 1500 од нив, или 18 колекции за жени и една за мажи. Колекциите ги задоволуваат и најпробирливите модни вкусови. Наменети се за секојдневни, минимални, едноставни и трендовски модни комбинации, но има и гламурозни примероци соодветни за високата мода. Како ексклузивни застапници, имаме опција за избор на персонализирани парчиња изработени по нарачка од базата во Италија.
Цената на сите производи на брендот „Rebecca“ е иста насекаде во светот а така ќе биде и во салонот во Скопје.

ФОКУС: Од кои материјали е изработен накитот?
МИЛОШЕВСКА: Секое парче накит се подготвува на калап од восок на кој се нанесува нерѓосувачки челик, бронза, сребро или 9/18 каратно злато. Додатоците кои се најчесто употребувани при изработка на накитот се: хидротермални камења, кристали или полускапоцени камчиња од природно потекло.

Поврзани новости