Куманово може и треба да биде поубаво, незадоволен сум кога гледам дека се уште имаме неасфалтирани делови и улички во централното градско подрачје, незадоволен сум од тоа како функционираат некои делови од градот, вели кандидатот на СДСМ во Куманово, Оливер Илиевски кој во вториот круг ќе му се спротивстави на поранешниот сопартиец, актуелен градоначалник и независен кандидат, Максим Димитриевски. Илиевски ја има поддршката од Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој е родум од Куманово, а во интервју за Фокус вели дека со Спасовски се другари од партија и е сигурен дека СДСМ и по 30 години ќе остане на власт во Куманово
ФОКУС: На 17 октомври, според официјалните изборни резултати, разликата меѓу Вас и независниот кандидат, Максим Димитриевски беше само 22 гласа. Никој од вас не освои гласови за победа во прв круг, иако СДСМ е на власт во Куманово веќе 30 години. Дали сте задоволни од резултатот од првиот круг?
ИЛИЕВСКИ: Секако дека сум задоволен. Секој глас за СДСМ, за мене, е глас на кој се заблагодаруваме. На секој граѓанин. Граѓаните гласаа и го искажаа својот став, ние како политичари и луѓе кои сакаме да го водиме градот и да им служиме на тие граѓани треба да направиме сѐ за да ја добиеме нивната поддршка, а потоа сите заеднички да започнеме со работа и разрешување на тековните проблеми кои постојат во градот. Задоволен сум од резултатите и очекувам победа во вториот круг.
ФОКУС: Колку е тешка оваа изборна битка за Вас, со оглед на тоа што му се спротивставувате на поранешен сопартиец и соработник?
ИЛИЕВСКИ: Секој изборен процес има свои предности, маани. Овој процес е важен и битен за Куманово за граѓаните, за секој од нас. Ние како партија целосно сме посветени на овој изборен процес, секој член на СДСМ е ангажиран и верува во ова што го правиме. Ние имаме програма која граѓаните ја препознаа и убеден сум дека на 31 октомври ќе имаме заедничка голема победа со граѓаните на Кумaново.
ФОКУС: Зошто Вие лично сте незадоволен од она што го направил Димитриевски во првиот мандат како градоначалник. Како го оценувате неговиот мандат?
ИЛИЕВСКИ: Незадоволен сум бидејќи живеам во Куманово и знам дека Куманово може и треба да биде поубаво, незадоволен сум кога гледам дека се уште имаме неасфалтирани делови и улички во централното градско подрачје, незадоволен сум од тоа како функционираат некои делови од градот, а знам дека може да биде поубаво, незадоволен сум од хигиената во Куманово. Сите овие работи мора да ги промениме и мора Куманово да доживее ренесанса. Не смееме да имаме неискосена или пожолтена трева во централните градски подрачја, во урбаните населби, тоа е недопустливо. Мора да се грижиме за хигиената, за зеленилото, за сите основни работи кои ги забележуваат граѓаните секојдневно.
КУМАНОВО МОРА ДА ДОЖИВЕЕ РЕНЕСАНСА
ФОКУС: Што Вие би направиле повеќе?
ИЛИЕВСКИ: Мора да има дадеме простор на помладите, мора да направиме места, катчиња за нив каде ќе може да го проведуваат своето слободно време. Треба да ги средиме околните населби во Куманово, да вложиме во нив, да создадеме услови за добар и достоинствен живот, онаму каде недостасува канализација да ја направиме, зошто тоа е основниот услов за да може да се развиваа некоја населба. Да ги асфалтираме сите улички кои сега се калливи. Сакаме да направиме голема пешачка зона со поврзување и модернизација на двата плоштади во Куманово. Имаме програма која за четири години сакам заедно со својот тим да ја реализирам, имаме проекти за кои сигурни сме дека ќе обезбедиме финсиски средства за нивна реализација. Програмата ја правевме со граѓаните и истата ќе се реализира.
ФОКУС: Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во целата кампања Ви дава отворена поддршка. Димитриевски коментира дека дури не знае и кој му е противкандидат, дали Оливер Спасовски или Оливер Илиевски. Дали навистина сте човек на Спасовски преку кого тој ја води битката со Димитриевски?
ИЛИЕВСКИ: Со господинот Спасовски сме сопартијци, другари од партијата и секако е дека ја почитувам поддршката која тој ми ја дава. Тоа е поддршка од партијата која ме кандидирала и секако дека ми значи. Ние сите заедно водиме само една битка, а тоа е граѓаните да живеат во поубав град, во град од кој нема да се срамиме.
ФОКУС: Дали во вториот круг очекувате гласови од другите партии кои не влегоа во вториот круг?
ИЛИЕВСКИ: Секако дека очекуваме поддршка од сите кои ја препознаа нашата програма и нашата идеја за подобро Куманово. Поддршката ни е потребна за да ја реализираме програмата и сигурни сме дека и останатите партии кои не поминаа во вториот круг ќе ни ја дадат поддршката нам на социјалдемократскиот сојуз.Разговаравме со некои партии при што имаме исти видувања за развојот на Куманово и убедени сме дека заедно ќе направиме позитивни промени.
НЕ БИ САКАЛ ДА СЕ МЕШАМ ВО РАБОТАТА НА ПОЛИЦИЈАТА
ФОКУС: Какви се вашите информации, со кои партии преговара Димитриевски за поддршка во втор круг и какви се неговите „валкани“ игри за кои го обвинувате?
ИЛИЕВСКИ: Секој знае најдобро за себе дали и со кој преговара. Ние преговараме и разговараме со граѓаните секојдневно. Противкандидатот многу добро знае какви валкани игри презел се со цел да му дадат поддршка и некои луѓе со сомнително минато, но тоа е неговиот пат кој самиот си го одбрал.
ФОКУС: Димитриевски цело време обвинува за притисок од страна на институциите, особено од страна на МВР, а полицијата го запре и го носеше заедно со возилото на технички преглед. Дали според Вас, ова беше правилен чекор на МВР со оглед на тоа што МВР го вклучи Одделот за внатрешна контрола?
ИЛИЕВСКИ: Не би сакал да се мешам во работата на полицијата. Тој настан секако дека треба да си го испита внатрешната контрола при МВР, а ние како граѓани мора и треба да ги почитуваме правилата во сообраќајот и да не правиме жртви од нас доколку нѐ запре полицијата за рутинска контрола на нашето возило.
ФОКУС: Со оглед на изборните резултати на СДСМ, дали чувствувате вина или грижа на совест што се согласивте да бидете кандидат на СДСМ?
ИЛИЕВСКИ: Ја прифатив оваа кандидатура затоа што сакам да променам нешто во нашиот град. Резултатите се добри , а секако дека може да бидат подобри. Граѓаните денес навистина сакаат да видат и да почувствуваат промени, а не само ветувања. Затоа сакам да порачам дека нашите ветувања се остварливи и дека резултатите ќе бидат видливи.
ФОКУС: Дали доколку Заев побара, Вие ќе се повлечете од изборната трка во Куманово?
ИЛИЕВСКИ: Не гледам зошто би дошло до таква реакција, ние сме во комуникација со партијата и оттаму ја имаме целосната поддршка за успешно да го завршиме вториот круг на изборите во Куманово.
ФУНКЦИЈАТА ГРАДОНАЧАЛНИК БАРА ДОБРО МЕНАЏИРАЊЕ
ФОКУС: Ќе има ли одмазда за Максим Димитриевски ако победите во вториот круг?
ИЛИЕВСКИ: Менаџментот на човечки ресурси подразбира вработените во општината коишто работат по сите прописи да бидат и соодветно наградувани. Вработените коишто не работат по ист принцип треба да бидат мотивирани.
ФОКУС: Зошто решивте да се занимавате со политика, ако сте имале успешна банкарска кариера?
ИЛИЕВСКИ: Едноставно после десет години во банкарсиот сектор стекнав некои искуства и сакав истите да ги споделам во менаџирањето. Функцијата градоначалник бара добро менаџирање и знам дека тоа ќе го направам во Куманово, како најголема општина во државата, да ја изградиме во чист, зелен и модерен град. За тоа е потребен успешен менаџер. Инаку во политиката сум одамна, повеќе од дваесет години во сите организациони тела во СДСМ.
Фросина Факова-Серафиновиќ