ИНТЕРВЈУ Слободан БОГОЕСКИ: Не плашете се од режимот, Груевски и фамилијата ќе завршат во затвор или ќе побегнат од Македонија!

by fokus 22:50
22:50

 Прва, фамилијата ќе бега. Ќе одат таму каде што им се парите. Ќе мислат дека парите ќе ги заштитат. Сега ќе сфатат дека парите ќе им станат – зла судбина. За што им беа толку пари? Што ќе им се толку милијарди? Не можат да ги потрошат, ќе им бидат земени и ќе одговараат за тие украдени пари. Влегоа во политиката без банка во џебот, сега има се да изгубат – и слободата и украдените милијарди, вели Богоески во интервју за „Фокус“.

Разговараше: Стојанка МИТРЕСКА

- Advertisements -

 Слободан БОГОЕСКИ е носител на листа на Коалицијата за промени и првда предводена од Демократскиот сојуз, партијата на Павле Трајанов во четвртата изборна единица, каде што ќе се води најжестоката изборна битка. В недела на мегдан ќе излезат Заев, Груевски, Георгиевски и Богоески.

 За тиранијата, но и за стравот на Груевски и фамилијата, за украдените пари – осум милијарди евра за десет години, за  можните сценарија на 11 декеври и потоа, „Фокус“ разговара со  Слободан Богоески, поранешен државен секретар во УБК.

 ФОКУС: „Не плашете се, режимот сигурно паѓа“, е слоганот со кој Коалицијата  за промени и правда“ ги повикува македонските граѓани в недела, на 11 декември да го окончаат владеењето на Груевски и фамилијата, која се чини има поголем уплав од сите притиснати граѓани и под уцени и закани загарантирани гласачи, кога на помош Груевски го воскреснува Андон Ќосето – Касапот.

 БОГОЕСКИ: Андон Ќосето е синоним за платен убиец. Оперирал во велешкиот крај. Не оправдувам човек кој убивал ако некој му плати за тоа, немал ни идеологија, ни ништо. Изјавата на Груевски, веројатно треба да асоцира на платени терористи, и дека тоа е нивото со кое тој треба да се справува со политичките противници. Сепак, мислам дека нешто друго е во прашање во изјавата на Груевски, без разлика во кој контекст ја дал, фигуративно или не. Во услови на нагло опаѓање на поддршката на партијата на Груевски, односно на режимските поданици на фамилијата на власт, како израз на немоќ, прибегнуваат и кон закани, покрај се друго што прават. Листите на ВМРО – ДПМНЕ – ги нареков листи на режимски поданици на фамилијата на власт, а не листи на кандидати за народни пратеници. Сето, тоа зборува дека Груевски е свесен дека ќе ги загуби изборите, станува се понервозен, и поради тоа се заканува кон политичките противници. Нормално, прво кон Заев, кој го доживува како главен политички противник и опозицијата која ја предводи Заев. Индирекни закани преку луѓе од опкружувањето доаѓаат и до нас – „ќе видите вие, Слободан и Павле, ќе бидете уапсени, после изборите.“ Сето тоа говори дека им е јасно дека за нив се изгубени изборите на 11 декември.

 ФОКУС: Господине Богоески, велите дека тиранијата на Груевски и фамилијата веќе не можат да ја истрпат и во ВМРО – ДПМНЕ. Зошто е тогаш молкот?

   БОГОЕСКИ: Номенклатурата во раководната структура на ВМРО – ДПМНЕ молчи на се ова што го прави Груевски во изминативе десет години затоа што раководството на ВМРО – ДПМНЕ никогаш не било во релација со идеологијата на членството на ВМРО – ДПМНЕ. Тоа е трагедијата на современото ВМРО – ДПМНЕ. Ако основачите во деведесетите години беа чисти Македонци, со чиста идеологија, во услови на осамостојувањето на Македонија беа спремни и животот да го дадат, ним им се случи голема несреќа како што во минатото се случувало со Тодор Александров, Ванчо Михајлов. Партијата буквално им беше киднапирана од луѓе кои не се чувствуваат, ниту како Македонци, а уште помалку дека ќе водат сметка за нивното членство кое фактички ги донесе на власт. Раководството на ВМРО – ДПМНЕ е составено од една шаренолика структура. Таму имате повеќе поранешни луѓе од Социјалдемократскиот сојуз, од Новата социјалдемократска партија на Тито Петковски, имате социјалисти, поранешни комунисти, Титови леви сили. Се има, само нема вмровци во раководството на  ДПМНЕ. Оттука, е стравот, зошто кај нас за несреќа, освен првите избори во 90 година кои единственo беа слободни, фер и демократски, ние никогаш не сме имале регуларни избори, ниту еднаш. И од тука почнува извориштето на македонските несреќи. Ние, секојпат добиваме партиска држава, затоа што било која партија која ќе се дограбеше до власта, нејзе и припаѓаше и извршната, и законодавната, претставничката и судската власт. Инсталирањето на фамилијарни луѓе, како што е познатиот непотизам во ДПМНЕ на братучедите – едниот беше шеф на УБК, другиот раководеше во царината како советник, баџанакот  на Мијалков јавен обвинител за организиран криминал, кумот на кумот итн… Се претворија во криминален ганг кој раководи со партијата. Основачите, односно ветераните на ВМРО – ДПМНЕ се маргининализирани.Тие немаат влијание врз ниту една одлука на Груевски, како да не постојат, заборавени се. Еден познат од оснивачите во Прилеп денеска ми рече „Јас кога ќе појдам во штабот на ВМРО – ДПМНЕ никого не познавам , ниту тие мене ме познаваат, не им значам ништо.“ Ако на времето беше страшно да бидете член на ВМРО, денеска е страшно ако не бидете член на ДПМНЕ. До тие крајни граници е дојдено. Но, не ме чуди тоа. ВМРО во својата историја има неколку закономерности.
Прво, во Македонија има поистоветувања на македонската револуционерна организација од 1893 година со ВМРО. Таа никојпат не се викала ВМРО, ги менуваше своите имиња во тајно – македонска организација…, се до времето на Тодор Александров кога прв пат се нарекува ВМРО. Поистоветувањето на поимот македонски национални интереси, македонски патритизам со ВМРО е голема заблуда, тоа е манипулација со патриотските чувства на луѓето. Тие букви некако се врежаа, особено по 1991 година во процесот на осамостојувањето на државата, кога нејзините основачи навистина беа силна потпора на  тогашните институции. Но, брзо беше киднапирана и како сега да го слушам Љубчо Георгиевски, како зборува „Ја сум бугарофил“. Замислете, првиот претседател на ВМРО – ДПМНЕ говори дека е бугарофил. Кажува дека повеќе од една четвртина од сегашното ВМРО се  бугарофили, другата четвртина според изјава на Георгиевски, се наводно србомани. Тогаш, се запрашувате – чија е ВМРО дали е македонска или е експозитура? За жал, ниту поранешната, а ниту сегашната раководна структура нема допирни точки со Македоците и со Македонија.

ФОКУС: Рековте дека ниту еден изборен процес не бил регуларен. Долго време се чистеше Избирачкиот список од фантоми , сега неколку дена пред изборите и хакери го нападнаа, настрана што ДИК тоа го оправда со извесни технички проблеми…  Верувате ли дека овој изборен процес ќе биде регуларен?

БОГОЕСКИ: Јас не верувам дека ќе биде регуларен. Гледам што се случува на терен. Се и сешто се прави. Не само во формалниот изборен процес, со гласачките ливчиња и самото гласање, туку се она што не опкружува – притисоците по фирми, инспекции, закани со казни. Се внесува страв кај луѓето дури и да контактираат меѓу себе, а камоли со некои припадници на други политички партии и симпатизери. Вклучени се сите можни инситуции со кои раководи ДПМНЕ и на централно и на локално ниво. Вклучени се и извршителите, со извршувањата во раце одат од човек на човек, им се закануваат. Прво, им нудат дека извршувањето ќе биде запрено. Велат, „ние ќе го платиме, ако гарантираш дека ти и твојата фамилија ќе гласате за нас.“ На луѓето кои имат неплатени смeтки за струја, за вода, им нудат: „Ако гласате за нас дајте ни ги сметките, в понеделник ќе ви ги вратиме со пари“. Лекарите штанцаат, дијагнози за тешки болести за да може гласањето да се одвива дома. Сето тоа зборува за многу нерегуларности во изборниот процес. Значи, не е само формалниот дел на законската регулатива  и чинот на техничкото гласање, туку има и своја позадина. Тоа говори дека не може да биде докрај регуларно. И тоа малку што се направи во ситуација на вакво терористичко владеење, го сметам за крупен исчекор, кој колку толку ќе овозможи некаква регуларност на изборите, барем во делот на она што значи фалсификување на ливчиња, поништување на ливчиња, гласање на фантоми по неколку пати, однапред добиени гласачки ливчиња, возови…Така што Македонија се сведе на една криминална зона, во која изборите кои на некој начин го определуваат суверенитетот на самите граѓани и на државата, се киндапирани од криминални банди. Во таа смисла не се докрај регуларни во суштинскиот дел, не во формалниот.

ФОКУС: Спомнавте неколку техники на фалсификување избори. Актуелен е таканаречениот „кинески прстен“ и шпекулациите дека ќе биде искористен по 19 часот, при пребројувањето на гласачките ливчиња. Колку, на ваков начин, можат да се поништуваат ливчиња кои не се во корист на коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ?

БОГОЕСКИ: Во минатото тоа масовно се употребуваше. Гледам дека и овој пат ќе пробаат да го употребат и „кинескиот прстен“ и сите негови варијанти кога се бројат гласачките ливчиња. Груевски и порано си нарачуваше колку му треба за да ги добие изборите, не поради поддршката што ја имаше, туку беше сигурен во криминалните техники што му ги јавуваа членовите на неговата банда – „ таму можеме толку да фалсификуваме, ваму толку…“.  Тој однапред знае колку тие банди можат да направат. И затоа велеше ми требаат 62 пратеника. Инаку, поддршката е катастрофална. ВМРО – ДПМНЕ во услови на регуларни избори не може да смета на повеќе од 230 – 250 илјади максимални гласови, тоа е реалната бројка.Тие се свесни за тоа и се ќе направат, ќе ги искористат сите можни варијанти. Имаме информации од терен, од учесници во претходни избори, дека и во помалите места, во селата, се договарале со главната опозициска партија да ги купат гласовите за 500 евра и така ќе ги исфрлат помалите партии. Зошто? Затоа што има договор меѓу нив – еден период ќе владеете вие, еден ние. Македонија е заробеник на партиската држава – на една партија се и припаѓа.

 

 ФОКУС: Депримирачки е ова што го зборувате, не само што исклучува фер плеј, ја погазува волјата на гласачите, правото на избор, и излегува дека Груевски навистина ќе ги наштелува тие 63 пратеници што ги бара, не за да се разреши политичката криза, како што вели тој, туку за да си ја спаси сопствената кожинка?

 БОГОЕСКИ: Овој пат тој максимално ќе биде ангажиран да ја фалсификува, колку што е можно волјата на гласачите, затоа што сега нема избор. Украдоа милијарди, влегоа во политиката без банка во џебот, сега има се да изгубат – и слободата и украдените милијарди. Вие, може да замислите како изгледа човек, кога се наоѓа пред единствениот избор –  или затвор, или се да изгубите. Затоа треба да се очекуваат тие работи. Тие имаат премногу пари. Погледнете ги само кампањите, милиони, милиони евра се потрошени, независно од официјалните извештаи. Пресметајте ги само секундите за реклами, тие огромни митинзи, огромни екипи на терен, администрација која е ослободена од обврските само да учествува во активностите на владејачката партија. Станува збор за пари невидени за која било моќна европска држава, а не за една сиромашна Македонија, за една мала земја во која одеднаш гледате милиони евра.

 ФОКУС: Господинот Трајанов неодамна излезе со бројка од околу 8 милијарди евра, украдени пари и изнесени од земјава, за кои вети дека ќе бидат вратени и наместо во буџетот ќе им бидат поделени на граѓаните. Станува збор за популистичка мерка или….

БОГОЕСКИ: Точно е дека според податоците со кои располагаме во аналитичкиот штаб во Коалицијата за промени и правда, украдените пари во изминативе десет години се движат меѓу пет до осум милијарди евра, сокриени на разни дестинации во светот. Помалку делува зачудувачки. Зарем Македонија е толку богата ? Македонија е навистина богата држава, има силни ресурси, транзитна земја е, Македонија има годишен прилив од милијарда долари само од дознаки на нашите кои работат  во странство. Тоа се огромни пари. Најгоем извор се буџетските пари, плус криминалните активности за кои немате репер колку може да се прошверцува, кладилници… Сето тоа завршува во оф шор банки и оф шор дестинации, надвор од Македонија да се задскрие трагата.

Македонија има закон за спречување на перење пари само што не се спроведува, затоа што не може да очекувате од тој што го прави криминалот, сам себе да се гони. Тоа е пртиската држава од 1994 година, па наваму. Со доаѓањето на Груевски тоа доби епски димензии.

Во однос на враќање на украдените пари, не станува збор за популистичка мерка, напротив. Во многу држави постојат такви искуства. Најсвеж пример се Бугарија и Русија со доаѓањето на Путин. Со специјален закон се задолжија сите компании оф шор, да се легитимираат во определн рок.

Ќе го откриеме скриениот капитал стекнат на криминален начин. Со посебен закон планираме да ги распределиме парите на секое семејство, и според нашите пресметки излегува дека секое семејство би добило во просек  по 13.500 евра.

ФОКУС: Кои се можните, црни сценарија на денот на изборите ? Можни ли се поголеми инциденти, нереди, насилство?

БОГОЕСКИ: Во последните моменти, ако видат дека нема доволно гласачи, може да пробаат да направат инциденти,  за да го проблематизираат изборниот процес, да купат време. Физички пресметки – тоа е едната можност, затоа го повикивам министерот за внатрешни работи, сите припадници на МВР, особено припадниците на  специјалните единици да се ангажираат максимално за да изборите поминат во мирна атмосфера и навреме да бидат спречувани вакви инциденти.


ФОКУС: Кое е сценариото, во случај на негативно, односно поразувачко  гласачко салдо на сметката на партијата на Груевски ? 

БОГОЕСКИ: Што се однесува за после изборниот период доколку загуби ВМРО – ДПМНЕ ,односно режимот на Груевски не плашете се, тие веднаш ќе побегнат од Македонија. Во тоа бидете сигурни , тие немаат храброст да влезат во таков ризик зошто изборот им е само еден – или затвор или бегство. Ќе се одлучат за бегство. Прашајте ги јавно колку пасоши има раковоството на ДПМНЕ. Јас имам само еден, тие имаат по најмалку два. Зошто им се тие ? Кога ќе им биде соголен ореолот на недопирливата власт, ќе видите за какви личности станува збор.

 ФОКУС: Имаше, но само шпекулации, во периодот пред да бидат отворени истраги во СЈО,  дека за билет во еден правец се подготвуваат  екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и Миле Јанакиески?

 БОГОЕСКИ: Прва фамилијата ќе бега. Ќе одат таму каде што им се парите. Ќе мислат дека парите ќе ги заштитат Сега ќе сфатат дека парите ќе им станат – зла судбина. За што им беа толку пари? Што ќе им се толку милијарди? Сега дури ќе сфатат дека тие им се судбината зла! Не можат да ги потрошат, ќе им бидат земени и ќе одговараат за тие украдени пари. Тоа ќе биде епилогот.

  ФОКУС: Гласини или параноја, се шират и за можна дестабилизација на земјава по изборите?  

БОГОЕСКИ: Не се плашете. Тие намерно ги пуштаат овие гласини, да го заплашат народот, не дека немаат такви намери, но тие насилници знаете какви се – сто да ги има, една петарда да им ставите под маса сите мртви ќе паднат. Тие се такви, тие се силни додека стои власта зад нив, а кога ќе видат дека власта паѓа и нив ќе ги снема за еден час.

ФОКУС: Вашите отворени настапи во јавноста, многумина ги протолкуваа како одмазда, реваншизам спрема тие кои ви ја земаа слободата во случајот „Агент“? Богоески, го возвраќа ударот, коментираа, но без очекувања дека двобојот би можел да продолжи и во чевртата изборна единица. Кој беше мотивот да одите во четворката?     

БОГОЕСКИ: Точно е дека јас сум една од илјадниците жртви на лудилото на оваа власт. Без никакви причини и основа, направија тоа што не смееја да го направат со мене. Тоа ми даде само потик, не е главната причина. Главната причина е што јас целата моја кариера ја поминав во службата за државна безбедност, раководител на таа служба бев од 1991 година, до 1997. Можеби најтешкиот период во современата историја  го изнесовме со Трајанов и со другите  припадници на безбедносните сили и на полицијата. И бев спремен како и сите други и животот да го дадеме за тој процес на осамостојување. Се чувствувам како еден дел од луѓето кои се втемелувачи на современата македонска историја. Не ми е сеедно кога гледам дека перспективата за живеењето во Македонија станува се понеизвесна. Не ми е сеедно во кој амбиент живеат и ќе живеат моите деца и внуци, а ги имам три, како што не ми е сеедно за сите други деца и внуци. Ваква Македонија никој не посакува, станува опасно место за живеење за нормалните луѓе и место каде што владее мафијата, каде што немате никаква лична сигурност.

Што се однесува до настапот во четвртата изборна единица, можам да кажам дека кога слушнав дека Груевски ќе оди таму, побарав од Коалицијата за промени и правда, наместо во втората изборна единица каде што беше планирано да бидам, да одам во четвртата, надеваќи се дека ќе се соочам со Груевски на дебата. Очекував телевизиски двобој, со оглед на тоа што тогаш беа актуелни најавите за таквите дебати. Инаку, не само што се вклучив како непартиска личност во Коалицијата за промени и правда да помогнам колку што можам, туку и подготвив Закон за општа амнестија на сите кои се осудени или се на издржување на затворска казна. Прво, како чин на милост на државата во овие престапни времиња, а второ како чин на исправање на неправдите над илјадници луѓе кои невини лежеле, лежат или ќе лежат во затвор за ситни прекршоци или за ништо. Затоа, што некој не сакал да му ја даде фирмата на Мијалков, затоа што некој не сакал да му даде рекет….

 Вториот закон е Закон за правна и општествена рехабилитација на сите невино осудени лица жртви од режимот на Груевски. Тие мора да добијат правна и општествена рехабилитација, затоа што сите знаеме во какви спектакуларни сцени беа апсени судени, а сега се повикуваат на начелото на пресумција на невиност. Кога тие беа власт и кога го правеа ова, тоа начело не важеше, сега сакаат да важи законот. Законот или важи за сите, или за никого. Тоа е мојата порака – за да добиеме повторно македонско национално единство и мир помеѓу граѓаните.

 ФОКУС: Зошто раководството на ВМРО – ДПМНЕ се плаши дека пред народот би можеле да бидат соголени и случувањата на Халкидики?

   БОГОЕСКИ: Халкидики е поврзан и со нешто друго. Во прислушуваните разговори, Мијалков – Груевски – Антонио Милошоски, министер за надворешни работи, Мијалков се јавува од хотел на Халкидии во присуство на двајца познати грчки криминалци, кои се претставуваат дека се овластени од владата да преговараат за промена на името за пари. Груевски, цело време го темели својот легитимитет на борец за македонските национални интереси велеќи – „името не го даваме“, но ќе го видите како името може да биде предмет на евтина купо – продажба, со крималци, дури и со неовластени претставници на грчката држава. Ете, толку од патритизмот на Никола Груевски и на неговата фамилија која владее со Македонија!

 ФОКУС: Коалицијата за промени и правда ветува влегување на Република Македонија во НАТО и ЕУ без промена на името, после сите разговори и преговори и убедувања дека името мора да се смени. Како е тоа можно?

БОГОЕСКИ: Можно е. Ќе им поставам прашање на сите досегашни глумци во надворешната политика: Дали еден од нив знае што значи етнонимот Македонија. Оттука почнува и завршува се . Глумат дека се борат за името, се борат само за пари. Тоа јас го пишувам во мојата книга („Етногенеза и култура на древните Македонци“), ако ја прочитаат можеби и ќе дознаат.

Поврзани новости