(ИНТЕРВЈУ) Николовски: Во криптовалути треба да се инвестира кога има панична распродажба

by fokus

Криптовалутите во Македонија стануваат се поплуларни во последниве неколку години. Дел од македонските граѓани поседуваат, тргуваат и „копаат“ криптовалути. Овие дигитални средства се уште не се регулирани во нашата држава, но тоа не значи дека се забранети. Во исчекување на регулација на овој пазар, се појавуваат и голем број шеми за измами, кои  ја користат недоволната информираност на граѓаните и немањето правила на игра.

Со цел запознавање со концептот на криповалути и нивните карактеристики, разговаравме со Ратко Николовски,  IT Developer кој и самиот има искуство со овие дигитални средства.

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА 

ФОКУС: Како наједноставно би објаснил што се криптовалути и кои се нивните основни карактеристики?

НИКОЛОВСКИ: Криптовалутата е форма на дигитално средство засновано на мрежа што е дистрибуирана низ голем број компјутери. Оваа децентрализирана структура им овозможува да постојат надвор од контролата на владите и централните власти. Зборот „криптовалута“ доаѓа од имињата на техниките за криптирање кои се користат за обезбедување на мрежата.

Blockchains или блокчејните, кои се организациски методи за обезбедување на интегритет на податоците за трансакциите, се основна компонента на многу криптовалути. Блокчејн и слични на неа технологии ќе предизвикаат многу индустрии, вклучувајќи ги финансиите и правото.

Криптовалутите се соочуваат со критики од повеќе причини, вклучително и нивната употреба за нелегални активности, нестабилност на девизниот курс и ранливост на инфраструктурата во која се наоѓаат. Сепак, тие исто така беа пофалени за нивната преносливост, поделба, отпорност на инфлација и транспарентност.

ФОКУС: Во моментов криптовалутите повеќе се користат како начин на инвестирање, отколку како платежни средства. Според тебе, која е иднината на криптовалутите?

НИКОЛОВСКИ: Во суштина криптовалутите како технологија нудат решенија за моменталните предизвици на глобалниот финансиски систем на инфраструктурно ниво. Моменталната архитектура на глобалниот финансиски систем е серија од хетерогени несигурни бази на податоци. Во суштина и фиат валутите се комплетно дигитализирани и претставуваат наједноставно кажано број запишан во база на податоци на легаси мејнфрејми кои имаат слаба заштита и проблематична комуникација. Можеби и банките во блиска иднина ќе ги наследат овие технологии за да заштедат и да ги следат трендовите на технолошки развој.

Доколку ја одвоиме технологијата, од наративот за нејзината примена во финансиите, можеме да зборуваме за „нов интернет“ или Web 3.0. Подемот на Web 2.0 главно беше воден од три основни слоја на иновации: развој на мрежите за мобилни телефони, развојот на социјалните медиуми и развојот на Cloud хостинг. Web 3.0 е скок напред кон отворени, доверливи и неинхибирани мрежи. Web 3.0 е изграден во голема мерка на три нови слоја на технолошка иновација: Edge computing или хостирање на сервиси во географска близина на крајните корисници, децентрализирани мрежи со податоци и вештачка интелигенција.

Иднината ќе покаже како ќе се интегрираат во опшеството овие технологии, особено тоа ќе зависи од регулативата и исклучително е тешко да се претпостави.

ФОКУС: Зошто криптовалутите се подобри од фиат валутите?

НИКОЛОВСКИ: Затоа што монетарните политики на криптовалутите не се контролирани од централизирана моќ. Исто така овозможуваат крајни и дирекни трансакции помеѓу индивидуите без да има потреба да го презема ризикот некој ентитет, како банките во моменталниот систем за трансфер на вредност.
Во последните неколку децении технологијата проголтува огромен процент од макро парите и не гледам зошто овој тренд би прекинал. Технолошкиот развој несомнено води кон автоматизација на сите производствени процеси на глобално ниво и тоа се одразува во цената на акциите на сите монополи од tech индустријата.
Останува да видиме геополитички дали ќе се разводнува улогата на државите и централните банки во системите за ефикасна размена на средства од вредност. Потребата за иновација и право на избор полека го преовладуваат лажниот комфорт кој го нудат фиат валутите, особено што модерниот човек веќе од млада возраст e информиран за перфидните монетарни политики на централните банки.

ФОКУС: Дали децентрализираноста и анонимноста се добра или лоша карактеристика?

НИКОЛОВСКИ: Децентрализираноста е секако добра карактеристика, доколку стремежот е порамноправни можности за учество во глобалната трговија на глобално ниво. Централизирана моќ е генерално непопуларна политичка тема, барем во 21 век, така да нема потреба многу да се осврнувам на овај аспект. Се уште нема консензус како технички ќе се изведе вистинска децентрализираност на еден систем кој ќе ги задоволува моменталните потреби за трансактирање на светско ниво. Според мене ќе коегзистираат голем број на микроекономии базирани на интероперабилни децентрализирани блокчејни.

Анонимноста со криптовалутите и не е така лесно да се задржи, баш напротив, криптовалутите во суштина овозможуваат да засекогаш бидат јавно достапни сите минати трансакции. Постојат приватни криптовалути, како Монеро пример, кои овозможуваат трансактирање кое нуди приватност. Приватните криптовалути моментално се непопуларни, поради тоа што се косат со регулаторните прописи за заштита против перење на пари. Така да не вреди да се навлегува во детали за истите.

ФОКУС: Како тргувањето со криптовалути е регулирано во Америка и во Европа? Дали некаде има воведено данок за поседување/транфер/заработка од криптовалути?

НИКОЛОВСКИ: Уште во 2014 година поседувањето на “виртуелни валути“ во САД се даночи како поседување на имот, а не валута. Од 22ри Декември 2017 во САД веќе се даночат и трансакциите на онлајн берзите кои е дозволено да нудат услуги на амерички пазар. Генерално САД заостануваат во однос на регулативата, но не е изненадување ко ќе се земи во предвид комплексноста на нивниот федерален и стејт систем.

Во Велика Британија, сите бизниси вклучени во активности поврзани со крипто-средства треба да се регистрираат во (UK’s Financial Conduct Authority) Организацијата за финансиско однесување на Обединетото Кралство. На крипто-деловните субјекти им е дозволено да аплицираат за лиценца за „Овластени институции за плаќање“.

Австралија, Јапонија, Сингапур, Канада, Индонезија се исто едни од најпрогресивните држави во однос на регулативата.

ФОКУС: Дали имаш информации како и дали е регулирано трговањето со криптовалути во соседството?

НИКОЛОВСКИ: Само во Албанија има нов закон за регулација. Во другите соседни држави статусот е ист како и кај нас, претпоставувам дека се профитот се даночи по дифолт како капитална добивка.

ФОКУС: Како македонските граѓани може безбедно да купат криптовалути?

НИКОЛОВСКИ: Најдобро е да купуваат едни од други за да ги избегнат трошоците за трансакција. Наједноставно е доколку познаваат некого лично, доколку не, препорачувам по социјалните мрежи да конектираат со ентузијасти лоцирани во нивна географска близина.

Пред скоро време веќе и локалните менувачници ја нудат услугата. Доволно е да се заинтересираат граѓаните и информацијата сама ќе ги пронајде. Како референца би го препорачал блогот Крипто Култура (https://kriptokultura.mk/), кој содржи конкретни корисни информации без шпекулации и сензационални вести.

ФОКУС: Дали ти лично тргуваш со крипто или „копаш“? Може ли да се заработи од тргување и „копање“?

НИКОЛОВСКИ: Мајнав до пред месец два и одлучив да се ослободам од користената опрема додека има висока вредност на локалниот пазар. Средствата кои шо ги имам ископано го сочинуваат моето крипто портфолио, кое генерално е диверзифицирано според препораките на неколку јавни личности кои се занимаваат со техничка анализа на пазарот. Честото тргување за мене создаваше само непотребен емоционален стрес и резултираше најчесто со позитивна нула.

Можно е да се заработи во секој случај, но мора да се преовлада емоцијата и да се инвестира кога сентиментот на пазарот е најнегативен и кога е општа панична распродажба.

ФОКУС: Оние кои немаат информации за криптовалутите, често сметаат дека тоа е некоја сива зона преку која се прави криминал и се перат пари. Криптовалутите се начин на перење пари или начин на инвестирање?

НИКОЛОВСКИ: Дефинитивно може да бидат и двете.

Криминален ум би ги искористил за перење пари, прогресивен ум би ги искористил како инвестициски препарат. Во секој случај нудат можности за сечија инклинација, за моралната исправност не би навлегувал многу.

ФОКУС: Во моментов во подготовка е закон за еден вид регулација на тргувањето со крипто во Македонија, а во насока спречување перење пари и финансирање тероризам. Законот предвидува регистрирање на т.н „даватели на услуги поврзани со виртуелни средства“. За секое инвестирање поголемо од 500 евра, давателот на услуга ќе мора да заведе име, презиме, матичен број… односно целосен идентитет  на граѓанинот кој менува фиат валута за крипто валута. Според тебе, како ова ќе се одрази на инвестирањето во крипто од страна на македонски граѓани?

НИКОЛОВСКИ: Секој вид на регулација е одлична вест за сите оние кои што се „рани инвеститори“ во крипто, затоа што ги валидира како легитимен препарат за штедење. Секако со надеж за фер и одмерено оданочување.

Популаризирање на инвестирањето во глобални финансиски препарати во нашето општество може да се одрази само позитивно на стандардот на живеење. Соодветното и умерено оданочување ќе ги охрабри граѓаните да го плаќаат данокот, а безобразно високи стапки само би ги мотивирале граѓаните да бараат алтернативни методи за излез во фиат.

Се надевам дека македонска Народна банка ќе одговори на предизвикот и пријатно ќе ги изненади своите граѓани.

Поврзани новости