Потпретеседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за „Фокус“ ексклузивно открива нови спорни моменти од договорот за изградба на Коридорите 8 и 10д кој Владата го потпиша со Бехтел и Енка.
Одговара и дали во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ некој би поддржал уставни измени, колку пратеници ќе освојат на нареедните избори, дали поранешниот лидер Никола Груевски има влијание во партијата, но и жестоко го критикува претседателот Стево Пендаровски.
Целото интервју ќе може да го прочитате и во онлајн изданието на неделникот.
Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
ФОКУС: Власта веќе го започна процесот за уставни измени со формирањето на работната група која ќе треба да ги подготви амандманите. Решени сте до крај да останете целосно надвор од овој процес?
НИКОЛОСКИ: Тука гледам две прашања: прво ќе одговорам за политичкиот дел, па за правниот дел. Во однос на политичкиот дел апсолутно ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен: Овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени и уставни измени нема да се случат. Во однос на процедурата, како што целиот процес се води незаконски и неуставно, така и овој таканарачен почеток на процедурата, којшто е целосно надвор од Уставот. Согласно нашиот Устав, многу е јасен начинот за промена на Уставот. А, тоа е: прво се формира уставно мнозинство од двотретинско мнозинство во Собранието, коешто треба да изгласа потреба за уставни измени. Потоа, се формира уставна комисија во рамки на Собранието, којашто утврдува предлог-текст. Тој предлог текст се враќа назад во Собранието и се усвојува со 61 глас, па повторно оди во уставната комисија која е задолжена да спроведе јавна дебата. Финалниот текст го враќа на финално усвојување во Собранието, за кое исто така е потребно двотретинско мнозинство.
Ова вадење на процесот надвор од институциите покажува две работи: дека немаат уставно мнозинство и дека целиот процес се манипулира и нема чесна намера.
ФОКУС: Првиот вицепремиер Груби во неколку наврати изјавува дека во ВМРО-ДПМНЕ има пратеници кои се за „европскиот фронт“ и би гласале за уставните измени. Има ли вистина во тоа?
НИКОЛОСКИ: Ова е на класична основа на лажни вести. Артан Груби стана најлошиот елемент во оваа Влада и најкорумпираниот функционер кој го има власта. На пример, до денес нема одговорено како отвори втора државна Видеолотарија со приватен партнер и во Управниот одбор ги стави членовите на неговиот Кабинет. Единственото што продуцира се лажни вести.
Во ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден пратеник којшто е спремен под бугарски диктат да гласа за уставните измени.
ФОКУС: Во минатиот број на „Фокус“, потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев рече дека има пратеници, но и еден градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, кои на разни места и средби со дипломати испраќаат позитивни сигнали за уставните измени. За кои пратеници и кој градоначалник зборува Богоев?
НИКОЛОСКИ: Се работи за истата композиција на лажни вести од несериозни ликови. Доколку власта имаше уставно мнозинство ќе ги поднесеше уставните измени во Собранието и истите ќе се изгласаа. Го прифатија бугарскиот диктат минатиот јули, сега сме април, поминати се девет месеци и можеа 900 пати да ги донесат уставните измени. Имајќи предвид дека немаат мнозинство, затоа не ги праќаат во Собранието.
Инаку, се работи за друг некредибилен лик. Ако Артан Груби е најкорумпираниот функционер, за овој не можам да кажам ниту дека е функционер, затоа што е еден од ретките градоначалници кој реши да не ја побара повторно довербата од граѓаните и да не види што граѓаните мислат за него. Најголемо достигнување на општината му беше тоа што има инсталирано Плејстејшн во својот Кабинет и што играше со другарите. Несериозни типови е несериозно јас да ги коментирам.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК